БИТОЛА, 10.01.2018 – Во Битола состојбата со загадениот воздух останува алармантна. Градот продолжува да се гуши во загадениот воздух за што никако не може да се изнајде решение.
Локалните власти неколкупати во јавноста излегоа со некои предлог решенија, но се чини дека, тие решенија се доста палијативни и нереалистични. Земајќи предвид дека, на голема врата се најавуваше проект за гасификација на Битола, а за истиот Општина Битола од буџетот за оваа година предвидуваше 240 илјади евра, може да се заклучи дека, нереалистични се надежите но и ветувањата дека за брзо може да се очекува реализација на еден ваков проект.
Меѓутоа, според зборовите на директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Благојче Котески, во интервју за МИА, еден од проблемите со кои се соочува државата во реализацијата на овој проект се имотно-правните односи со кои се занимава во моментов компанијата. Исто така, според планот којшто го имаат зацртано, во Битола гасификацијата би требало да стане реалитет дури во 2020 година.
Во меѓувреме, во Битола нема ниту површни и еднократни мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Доколку се компарира со интервенциите коишто се обидува да ги прави Градот Скопје во Скопје, кои исто така не значат многу во однос на сериозното справување со оваа појава, може да се забележи дека Општина Битола, е крајно апатична и резигнирана од какви било решенија.
Граѓаните на Битола се соочени со еден вид на екоцид, којшто ги доведува до работ на здравствената но и социјалната егзистенција.
Во минатото имаше иницијативи за подигнување на свеста и за обид за решавање на проблемот. Во 2013 година млади Битолчани за прв пат се појавија со гас маски пред седиштето на Општина Битола. После тоа продефилираа низ Широк сокак.
Во 2014 година, во јавност се појави движењето „За нас се работи“, кои имаа свои активности. Една од активностите беше петицијата, на која собираа потписи за итно решавање на проблемот со загадувањето во Општина Битола. Одржаа и неколку протестни маршови, неколкупати блокираа улици, и одржуваа други активности.
Меѓутоа, сепак на крај решение не се изнајде. Проблемот останува, а политичките партии кои дејствуваат од опозиција секогаш се загрижени за состојбата на воздухот и имаат радикални мерки, но кога доаѓаат на власт создаваат само комисии и бараат од граѓаните да им дадат време за решението коешто го спремаат.
Горан Ропи 8 недели по ред сам протестира пред Офицерски дом во Битола
Редакцијата на Гласник, разговараше со Горан Ропи, кој осум саботи по ред излегува на протест во 18.00 часот пред Офицерскиот дом во Битола. Обично протестира сам, меѓутоа на последните неколку протести му се придружуваат и други граѓани од Битола. Протестира поради повеќе причини, но главната причина е загадениот воздух.
„Решив да излезам на протест сам, за да покажам дека, воопшто не е тешко да се излезе на протест. Иако почнав сам да протестирам, подоцна ми се придружија уште неколкумина. Мило ми е што сите тие се свесни дека во Битола има проблем и тој треба да се реши“ истакнува Ропи за Гласник.
Проблемот со којшто се соочуваат Битолчани е голем, смета Ропи. За да се реши истиот потребни се поголеми напори. Меѓутоа првиот чекор со кој ќе се притисне власта и ќе се даде до знаење во јавноста за проблемот секако е протестот. Тој на протест излегува секој ден во 18.00 часот и една од намерите е токму подигнувањето на свеста кај неговите сограѓани за опасноста којашто ја демне градот.
Според него, ваков обемен проблем се решава со поголема излезеност на протест, а како што вели, првиот чекор е веќе направен.
Политичките партии и нивната загриженост за градот е многу неверодостојна, напорите за решавање на загадениот воздух се многу млаки и далеку од есенцијално решавање. Токму неажурноста на политичките партии го поттикнала да почне да протестира самиот. Заложбите на политичките партии се далеку од насоката за решавање на проблемот.