Васко Гичевски: „Балканскиот концепт за Европа“

Еден ноемвриски ден 17. 11. 2020 година и покрај вонредните политички усилија, Македонија повторно, по неброен пат доби вето за пристапни преговори со Eвропската Унија. Интересно е да се согледа, каков е карактерот на причините поради кои Македонија безмалку 30 години стои два-три чекора од европската авлија. Имено, Македонија од страна на Европските земји одсекогаш била разгледувана од економски, образовен и од аспект на владеење на правото и демократија. Во однос на овие аспекти Македонија најчесто добивала негативна оцена, во ретки случаеви, нешто што колоквијално би можеле да го наречеме оцена „доволен 2“. Од друга страна, ова никогаш директно не било причина за Македонија да добие вето. Оние кои го поставувале ветото на маса не се развиените европски земји. Приказната е сосема поинаква. Ветото секогаш доаѓа од балканските земји членки на ЕУ. Најпрво тоа беше Грција. Го потегна апсурдниот спор за името на една земја. Благодарение на политичката моќ, но и на фаталистичката желба за ЕУ и НАТО интеграции на македонските власти, успеа да си ги отелотвори идеите. НАТО и ЕУ се присутни во политичките програми на секоја партија која проникнала во Македонија, во периодот од 1991 година па до денес. Како и да е, а очигледно е дека се бидна со присилата и желбата на НАТО, Македонија да ја прибере крај себе, за таа да не се потпре на некој друг, спорот со името и Преспанскиот договор се една завршена работа. За неговата трајност нечесно е да се говори, веројатно ќе трае се додека опстојува овој вид на светска геополитика.

Знаејќи дека некако и ќе ја приврши отворената работа  со Грција, Македонија во екот на своите фаталистички сни, реши превремено да ја осигура и обезбеди иднината на ЕУ интеграциите. Потпиша договор со Бугарија, кој релевантно беше потребен. Знаејќи ја историјата на нашите односи, беше лесно да се претпостави дека следна пречка која би ја добиле на патот кон ЕУ е Бугарија. Договорот меѓу другото, беше и за нормализирање на односите. Односите меѓу Бугарија и Македонија, секогаш се проблематизираат од политичките елити, единствено во контекстот на историските прашања. Никогаш меѓу Македонија и Бугарија не избил економски проблем. Во тој документ се изнесе модел дека ваквите измислени „проблеми“ ќе се решат доколку се согласиме дека имаме споделена историја, култура, јазикот итн. Нешто што во научна смисла е нормално ако се земе во предвид дека неколку векови сме биле во Османлиската империја, во два наврати Бугарија ја окупирала Македонија. Од друга страна сепак сме и соседи, Балканци и Словени, па така споделуваме многу што. По оваа логика ние секако имаме споделена историја и култура со сите народи од трите континенти со кои владееше Османлиската Империја. Тоа може лесно да се види, во исхраната, музиката, менталитетот, начинот на облекување, јазикот  и редица други нешта кои со текот на времето станале наши. Сѐ ќе беше добро доколку се ова останеше на една здрава научна база. Сепак Хегеловиот дух на промените, изгледа имал поинаку зацртана патека на движење. Набрзо се пробудија опсенарските политики на десните националн шовинистички политички елити во Бугарија. Така, споделеното, стана заедничко а тоа пак ултимативно се префрли во категорија „бугарско“. Бугарија користејќи ја и онаа минорна политичка моќ и влијание која и ја дава ЕУ, како награда за тоа да не се пресели во руската сфера, реши да ѝ наметне на Македонија и нејзиниот народ, еден смешен наратив. Македонија и нејзиниот народ биле вештачка нација, која волшебно настанала под магичните и семоќни зборови на Тито и Сталин. Заборавајќи дека сите нации настануваат, не паѓаат од небо.

Колку овој наратив е смешен може да се согледа ако се заврти приказната. Бугарија своевремено во почетокот на нејзиното национално будење имаше тесни односи со Србија, ја користеше и како база за наобразба на кадри и чети. Дури едно време во 60 тите години на XIX век ќе излезат и со желба да создадат една заедничка српско-бугарска држава под власт на Обреновиќ. Замислете ситуација каде Србија е во ЕУ а Бугарија чека пред авлијата. Србија гордо и силно им наредува „Вие не сте Бугари, вие сте дел од српскиот народ“. Како ви изгледа ова? Веројатно нереално, смешно и апсурдно. Тоа и е реалниот заклучок за целокупниот историски спор на Македонија со Бугарија. Сепак вселената има крај, но глупоста на национал-шовинизмот нема. Па така Бугарија изнесе и ултимативен став дека таа никогаш не била фашистичка земја, дека таа не депортирала Евреи и дека таа не ја окупирала Македонија, туку ја администрирала. Првиот дел е релевантен, Бугарија немала официјална фашистичка партија на власт, но таа ги прима сите закони и принципи на управување на државата, карактеристични за Хитлеровата оска. Во тој контекст со Законот за заштита на нацијата, ги депортира и македонските Евреи. Окупацијата пак сама по себе е протиправен чин и тука нема што да се дискутира. Бугарија не ја освои Македонија, тоа го направија германските сили, но потоа бугарските војски и власти беа оние кои de facto ја окупираа (држеа под свое) и управуваа Македонија во период од четири години. Да напоменеме дека од бугарската фашистичка окупациона власт се иззема западниот дел на Макеоднија кој е управуван од албанската фашистичка управа. Македонскиот антифашизам го ослови како антибугарска идеја. Зарем фашизмот е бугарски бренд, па така македонскиот антифашизам е антибугарска идеја?

Бугарија не остана мирна. Го оспори и темелот на македонската држава која се формираше во времето на социјализмот. Ја оспори, бидејќи тоа според мнозина прогресивни либерални ветрометини од интелектуалци, бил еден диктаторски режим, кој нужно создал недемократска држава. Тој конструкт и 30 години по смената на политичкиот систем е недемократска и нецивилизирана држава. Денес во современа Македонија се дава простор и на  полуписмени автори и со неизграден израз и однос кон пишувањето како дејност да шират омраза, преку неколку портали и едно радио спрема македонскиот народ. За жал декларираните Бугари во Македонија најчесто своето демократско право на јавно мислење го користат да се стават во услуга на национал-шовинистичките политики од Софија. Ги дополнуваат во омразата кон македонскиот народ. Се ова се случува во рамките на македонската држава! За жал овие Бугари во Македонија, никогаш не напишале ништо за бугарскиот филм, книжевност, спорт, музика. Веројатно омразата и десните идеи им одземаат голем простор од интелектуалното битисување. Поинаку кажано, македонскиот народ ја препознава и гледа во Бугарија само еден нецивилизиран крволочен човек. Таа заслуга единствено може да им се препише на заблудените национал-шовинисти и нивните лакеи. Од друга страна пак во Бугарија, македонското население и покрај десетина пресуди од Стразбург нема право на свое организирање ниту право на свое гласило. Изгледа во Бугарија повеќе вирее живковата диктатура обландирана со методите на сталинизмот.  Кај нас, пак  вирее онаа интернационална култура која што се створи во Југославија. Со оваа политика можеби софискиот естаблишмент мисли дека работи на присилување кон прифаќање на нечии позиции. Реалноста е дека ова отвора поле само за дополнителен отпор. Дури од моја страна има благодарност, што ставовите на бугарскиот фашизам се толку јавни што не е потребно да се вложува додатен напор за на јавноста да ѝ се огадат.

Каде е Европа во целата оваа приказна? Европа во суштина е во позиција на еден просветен асполутистички монарх. Тој монарх знае дека Балканот има фатални аспирации за членство во ЕУ. Од друга страна да се запрашаме, зошто му е потребно членството во ЕУ на Балканските земји, во најтесна смисла на Македонија? ЕУ значи фондови и пари, ние треба да ги земеме тие пари. За да ги земеме тие пари, треба да не примат во ЕУ, затоа нашата иднина е во ЕУ. Секому е јасно дека Македонија е периферијата на капитализмот, место каде нема ни правда, ни економија, ни образование, ни здравство. Одлуката за членство во ЕУ, сигурно нема да е поради извондредниот економски, културен, образовен, општествен подем. Таа одлука ќе е политичка, како што беа одлуките за Романија и Бугарија кои во ЕУ влегоа со воловски и коњски коли, а ајваните ги бодеше ЕУ, само за да не паднат во друг скут. Овие преговори, датуми и вета во суштина се политика на индиректна контрола и наведување да се игра по нечија желба. Таа желба, сега е во суштина желба за да се остварат големите национал шовинистички и фашистички сни на бугарската политика. Неа пак ја користи ЕУ како јатаган, зад кој секако, стои француско-германската политика, каде Балканот не треба наеднаш да стане дел од Европа (сепак тоа е Балкан, а ние „Европјаните“ сме нешто друго). На крајот, сѐ се сведува на тоа дека, ние мислиме дека сме оштетени со ветото, а напротив тоа е симбол на нашиот непокор, Бугарија мисли дека е некоја силен политички фактор, а во суштина е измеќар на поголеми политики. Европа, Балканот го третира како едно големо стадо овци. Од време на време дозволува тоа стадо, да се префрла од еден во друг котар, па таму ги стрижат, молзат и дерат, локалните балкански ќаји- делегираните политички представници.

Чуден е балканскиот концепт за ЕУ. Тоа е една недофатлива величина извор на немерени финансии, своевиден Елдорадо за сиромашниот балкански народ. Оние од Балканот кои веќе се во тоа Елдорадо, во конкретниот случај Бугарија ја користат и онаа минимум политичка моќ која ја имаат, за во одреден момент да си остварат неостварени опсесии и опсенарски идеи од XIX век. Европа, пак се ова го користи како алиби. Европа е спремна за Балканот, но најпрво Балканот прво треба да си ги реши проблемите кои и онака немаат решение бидејќи не се реални, а науката се занимава со реални работи. Од тука решението не е можно, а науката има најмал удел во решавањето на овие спорови. Решението ќе произлезе од ЕУ, во оној момент кога таа ќе прецени дека оправдано е да вложи капитал, кој ќе возрати со еднакво па и двојно поголем профит. Тој профит предимно е геополитички, а секако со себе носи и квантум финансиска добивка. Се согледува дека во суштина оваа е една игра од која и Балканот има корист, но и ЕУ. ЕУ на моменти ги остава национал-шовинистите да го изиграат своето танго, но без да знаат во кој момент тоа ќе биде прекинато. Оние кои страдаат од тој современ гнет, каде му се негираат основните човекови права, повторно се надеваат на спас од ЕУ. Спасот го бараат во креаторот на проблемот, безмерно клечат и молат да им се смилостат над народните маки.

Цела оваа игра провидна за оној кој се осмелил да остане надвор од шаблонот на „партија-вработување, односно партија или смрт“.  ЕУ полека станува предмет кој добива облик на најгнасна национал-фашистичка тиранија. Играјќи со локалните балканските неонацисти и фашисти, многу лесно може да се сопне и да падне под влијаето на истите тие омразени идеи кои ја окрвавија пред 7 децении. Колку овој Балкански концепт на ЕУ е реален, се осознава и преку тоа што Бугарија даде зелено светло за Албанија. Имено децении наназад најретроградниот десен идеолошки бугарски корпус, го изнесува тврдењето, дека ако Македонија не игра по бугарски ноти, евентуално ќе биде принудена да заигра шота во некаква Илирида. Теза, која е безсмислена, ако се познава фактот дека ниту една мегали држава на Балканот некогаш ниту била посакувана, ниту ќе биде. Таквата опција едноставно во корен и ги сече механизмите за манипулација на Европа. Балканот, односно таа голема држава ќе стане преголема, за да може да се диригира нејзината позиција. Отстапувањето од фаталистичките идеи за членство во ЕУ е крајно непосакувана ситуација за Европа. Тоа отвора простор каде можат да провејат и други ветришта во срцето на полето, каде ЕУ мисли и се труди да доминира.

Ветото во суштина е значајна придобивка за Македонија. Доколку ветото го сфатиме како определен квантум на време, во кој успеваме да задржиме еден дел од широката плејада на човековите права тогаш е добродејдено и посакувано. Со ветото во суштина се онезвоможуваат барем за кратко дејствијата на побеснетиот неонацизам и фашизам, обоен и замаскиран како неолиберализам. За другиот дел од човековите права, правото на здрава животна средина, економски стабилно општество, правото на работа и егзистенција, секако нема да се решат со влез во ЕУ. ЕУ можеби и ги доживува своите последни моменти, економијата полека се распаѓа, така да очекувањата дека ЕУ ќе вложи капитал и ќе ни го подобри животниот стандард се нереални. Впрочем тоа е и економската заднина на ветото. ЕУ едноставно нема ресурси да вложува во политички протекторати, од кои не може извлече барем ни минимум профит.  За своите права, за подобрување на својата состојба, македонскиот народ мора да се избори со свои сили. Тој пат никако не минува низ тунелот и мракот на современата бугарска нацистичка политика. Светлото на крајот на тунелот реално гледано не е и не може да биде ЕУ. Тоа доволно јасно се гледа од Романија и Бугарија, кои иако се членки на ЕУ, сепак се на дното по економски раст и квалитет на живот. Подолу од нив сме само ние, но ние не се броиме како дел од официјалната слика на светлата ЕУ цивилизација. Се ми се чини дека редно е еднаш да замижеме кон таа светлина, бидејќи веројатно ослепевме гледајќи во таа далека и недофатлива, идна спасоносна реланост. Реалноста ни налага да заклучиме дека спасот лежи во самите нас, во нашиот бунт. Дојдоа дните кога повторно треба да го истакнеме како најсветол постулат антифашизмот  и интернационализмот. Европската игра со ретроградните идеи се посилно наговестува еден непријатен тек. Ние сме должни да оддолееме на тоа, ние сме должни само да се избориме за своите права, без коленичење и без подведување себе си кон ропство.

Балканскиот концепт на ЕУ најлесно се руши доколку се разбудите од фаталистичкиот сон и си определите свој пат. Ригас Фереос во својата „Воена песна“ истакнува:„Подобро еден час слобода, отколку 40 години ропство“.  Сандански пак ќе каже „Робот се бори за слобода, слободниот за совршенство“. Јосип Броз Тито од друга страна ја образложува тезата дека „Работниците мораат сами да ја земат својата судбина во свои раце, зошти тие не можат да се надеваат на ничија помош“. Од тука, да живее слободата и непокорениот дух на работникот, за својата егзистенција тој сам ќе се избори. Не му се потребни нему балканските игри надгледувани и диригирани од крупниот капитал. Нему му е потребна волја и сила, која ќе ја пронајде во безнадежноста на својата околина. Таа бесот ќе го прероди во барање за квалитативна општествено економска промена. Часовникот отчукува, скоро ќе избијат и тие дни!

Васко Гичевски

 

Редакцијата на „Гласник“ не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

|2020-11-19T09:30:42+00:0019 ноември 2020|Актуелно, Култура, Став|