Турција преку Африн ја продолжува операцијата „Штитот на Еуфрат“, за да го спречи зајакнувањето на курдските сили во регионот, што пак ја зајакнува ИСИС

Турција преку воздушна воена операција го нападна Африн на 20 јануари 2018. Досега се убиени над 800 лица, од кои повеќето припадници на курдските сили на ЈПГ и околу над 25 припадници на турските воени сили.

Турската воена операција во Африн започна со големо неусогласување со законот, односно самата операција е нелегитимна. Изразот „маслиново гранче“, како што беше наречена оваа операција ја покажува самата анксиозност. Наместо да биде вообичаено име коешто е својсвено за вакви воени операции и коешто алудира на храброст и моќ, операцијата е наречена „маслиново гранче“, име коешто претставува симбол за мир. Наместо оваа операција да биде перципирана како насилен напад, во светската јавност „маслиново гранче“ може да се сфати како еден вид избор. Со истата загриженост постојано се потенцира на територијалниот интегритет на Сирија. Меѓутоа, и покрај ова, сириската влада нападот од страна на турската војска продолжува да го карактеризира како агресија.

ИСИС се користи како параван за оправдување на воени операции во регионот

Во образложението на Генералштабот на турската армија се вели дека, во регионот, покрај ПКК-ПЈД за цел се зема и ИСИС, притоа особено се истакнува ИСИС. Шефот на Генералштабот, Хулуси Акар, во своето обраќање, почуствува потреба да го потенцира делот, кадешто ја спомнува ИСИС со зборовите „ова е многу важно“. Секако, постои причина поради нагласувањето на ИСИС. Досега, сите воени операции во Сирија, задскриени или отворени, односно присуството на државите, коишто ги водат овие операции се базира на „причина за борба против ИСИС“. Коалицијата предводена од САД, Русија и Иран, во Сирија официјално се наоѓаат поради борба против ИСИС. Меѓутоа, се знае дека, во Африн и околината ИСИС не е присутна. Најблиската област, кадешто се наоѓа ИСИС е југоисточниот дел на Идлиб и е оддалечена најмалку 120 км. Исто така, околината на оваа област е опколена од страна на сириската војска. Тезата дека, милитантите припадници на ИСИС, коишто беа изнесени од Ракка (бричејќи им ги брадите) се измешани помеѓу курдските вооружени сили на ЈПГ е далеку од веродостојна.

Фото: Би-би-си

 

 

Тоа што Русија се повлече, не значи дека го поддржува нападот

Русија избра да не дојде во сукоб со турските вооружени сили, како што се очекуваше. Но, ова не значи дека, дава полтичка и дипломатска поддршка на операцијата. Во официјалните соопштенија од Русија се користи неутрален јазик. Се индицира загриженоста и се повикува на трезвеност. Исто така, меѓудругото беше изјавено дека, заменик претседателот на Комитетот за одбрана и безбедност на советот на Руската Федерација, Франц Клинцевич, ќе преземе иницијатива во Обединетите Нации за прекин на операцијата во Африн.

Американскиот империјализам е задоволен (Да не заборавиме! САД се повеќе присутни во Анкара, Адана, Малатја, отколку во Африн)

Африн е бомбардиран преку воздушна операција, притоа турските воздушни вооружени сили не наидоа на никаков отпор или пречка, а руските војници се повлечени  во безбедна област. Сето ова покажува дека, Русија задскриено дава зелено светло на овој напад. Курдскиот народ од Африн сериозно е разочаран од Русија. Најзадоволен од оваа ситуација е американскиот империјализам, којшто уште повеќе ќе ја зајакне контролата врз курдите. Руското министерство за одбрана пак се обидува да ја префрли одговорноста врз САД, изјавувајќи дека причината е тоа што, „САД  неконтролирано врши пренос на оружје“.

САД се задоволува со повиците да не се зголемуваат тензиите и фокусот да биде на борбата против ИСИС. Тенденцијата на САД е да чекаат “страните да се истрошат“ и на тој начин да се продлабочи кризата и да се овозможи поефикасна политичка интервенција од нивна страна. Присуството на САД во Сирија не се темели на никакви легитимни основи. Но, Турција, како членка на НАТО и како држава на чијашто територија се наоѓаат американски воени бази, не е во позиција да се сомнева во легитимноста на САД. Ердоган, и покрај несогласувањата изјави дека, „во регионот сакаат искрено да чекорат заедно со САД“.

Зошто Турција влезе во Африн?

По повлекувањето на сириската војска во 2012 година досега Африн е под полуавтономно раководство. Тој е град кој изобилува со доста природни убавини.

Познат е и по името ’Курдска планина’. Со 360 курдски села е место во Сирија, кадешто има најмногу курди.

Реката Африн се протега од север до југ помеѓу богатите шумски ридови. Низ зелените долини и плодната почва се одгледуваат многу овошје и јаткасти плодови, особено маслинки. Се говори дека на ова подрачје нема скорпии и змии. Оваа област изобилува со вода.

Од турската граница може да се видат остатоците од античкиот град Кирос од римскиот период, покрај реката Африн.

 

 

 

 

 

 

Со воената операција „Штитот на Еуфрат“, Турција во 2016 година, од припадници на ИСИС исчисти 2000 километри погранична област од страната на Сирија. Сега подрачјето, коешто се протега западно од реката Еуфрат, од Азез до Џераблус, е под заштита на Турските вооружени сили и под контрола на Слободната сириска армија.

Операцијата „Штитот на Еуфрат“ не застана со отстранување на заканата од ИСИС на турско-сириската граница, туку се создаде тампон зона меѓу првите автономни области Африн и Кобане, со што курдите беа спречени да формираат коридор на сириската страна долж турската граница.

Турција испрати војска и во Идлиб, северозападна Сирија. Овој регион во мај 2017 година со потпишаниот договор меѓу Турција, Иран и Русија стана еден од регионите без конфликти. По мировниот договор во октомври 2017 година, турските вооружени сили влегоа во Идлиб и поставија позиции за набљудување.

Поставувањето на војници во Идлиб, истовремено придонесе за присуство на турска војска во јужниот дел на Африн.

 

Нападот врз Африн од страна на Турција е со цел да се спречи зајакнувањето на курдските сили, коишто имаат контрола на околу една четвртина од територијата на Сирија, а таа територија зафаќа голем дел од границата со Турција и Ирак. Исто така, овој напад значи и продолжување на операцијата „Штитот на Еуфрат“. Претседателот Ердоган во неколку наврати изјави дека, по завршувањето на операцијата во Африн, турските воени сили, ќе продолжат кон Мунбич.

Курдските вооружени сили на ЈПГ ја преземаа контролата врз Африн во 2012 година и воспоставија полуавтономно раководство.

Нападот врз Африн е против Курдската партија за демократско единство (ПЈД), односно нивното вооружено крило, Народна единица за одбрана (ЈПГ), коишто се дел од најважните борбени групи против ИСИС.

 

Операцијата „маслиново гранче“ беше најавена како „неутрализирање на тeрористите – членови на ПКК/КЏК/ПЈД-ЈПГ и ИСИС, во областа Африн на северозападниот дел во Сирија“, иако е познато дека, во Африн нема припадници на ИСИС. Се претпоставува дека, Турција пренесе некои припадници на ИСИС од Ракка во Африн.

Раководството на Турција, односно долгогодишниот владетел Реџеп Тајип Ердоган, ја гледа ЈПГ како продолжена рака на ПКК (Курдската работничка партија, којашто во Турција е прогласена за терористичка). Анкара стравува од отцепување на курдското население од Турција и соединување отаде границата и формирање на курдска држава.

Исто како случајот со акцијата „против ФЕТО“, (нарекувајќи го терористичка организација движењето на Фетулах Ѓулен), кадешто на едно место беа ставени сите коишто размислуваат различно од Ердоган и неговите сопартијци, па беа апсени и се’ уште се апсени, така и сега тој води пропагандистичка кампања, со цел да го убеди народот дека, ова е напад против „терористи“, коишто мора да се отстранат макар тие се отаде границата. Згора на тоа, нападот врз Африн го оправдува со изјави од типот: „ова го правиме за сириските деца да се вратат во своите домови“.

Ердоган секојдневно води кампања преку медиумите и преку јавни говори, користејќи се со националистички и религиозни пораки. Исто како и вечерта на 15 јули 2016 година, кога го повика народот на улица против наводниот обид за државен удар од страна на т.н. „терористичка организација“, така и сега упатува повик до неговите следбеници и до целиот народ, како што вели „доколку е потребно, ќе одиме“.

„Како што знаете го посетив командантниот центар. Во моментот кога ќе кажат дека има потреба, најпрво јас, а потоа и вие со мене, заедно ќе одите. Затоа што ние вака сме воспитани. Ќе одиш прв, па народот ќе оди зад тебе“, рече тој на обраќањето на партискиот конгрес во Чорум на 28 јануари.

Ова беше одговорот на скандирањата на неговите сопартијци: „Поглавару, одведи не’ во Африн“.

При посетата на командантниот центар во Хатај, Ердоган изјави дека, оваа операција ќе трае, како што рече „додека не добиеме исход“.

Народот во Турција живее во страв и забранета слобода на говор

Поради изразен став дека се против војна, против 57 лица е поведено истрага, а 24 беа приведени со објаснување дека, „шират терористичка пропаганда“. Меѓу овие лица е и писателката Нурџан Бајсал, којашто на својот профил на социјалните мрежи напишала дека сака мир, а не војна.

Народот во Турција во последно време е поделен како никогаш досега. Луѓето живеат во страв, така што избегнуваат дури да разговараат и со своите комшии, или пак со колегите на работа.

На улиците често може да се видат билборди, на коишто стојат пропагандистички пораки, коишто го оправдуваат нападот во Африн, а ги поттикнуваат војниците да се борат и да го дадат својот живот, наводно за татковината.

Еден од билбордите во главниот град Анкара, поставени насекаде низ градот. Ердоган: „Ова е борба за постојаност и бесмртност на нашата нација и држава“

Никој во Турција јавно не смее да искаже став против овој напад, или пак против било која акција што ја презема раководството на државата во последните неколку години. Во рамките на акцијата за истражувањето „против ФЕТО“ се приведувани и апсени, сите кои размислуваат поразлично од Ердоган и АКП, меѓу кои и левичари.

Авторка: Сенада Ибраимова

 

|2020-05-21T18:40:26+00:002 февруари 2018|Актуелно, Вести, Некатегоризирано, Свет, Став|