Три препораки за обезбедување на одржлива технологија за обновливи извори на енергија

Додека гледаме кон иднината и почнуваме да замислуваме и креираме поправеден и одржлив начин на живот, честопати размислуваме за тоа како ќе ги напојуваме со енергија нашите домови, нашите возила и како ќе ги одржуваме нашите индустрии. Бидејќи технологиите околу обновливата енергија напредуваат и стануваат економски се’ поодржливи, замислената иднина започнува да станува реалност. За жал, како што расте нашата потреба за чиста енергија, така расте и побарувачката за повеќе фотоволтаични панели, ветерници, батерии и други технологии за кои честопати се потребни материјали кои се еколошко чувствителни и кои на подолг рок произведуваат сосема нов вид на отпад. Технологијата на обновливата енергија има голема улога во нашата иднина, но треба да бидеме сигурни дека ќе ги надминеме сите пречки  сега, додека индустријата за обновливи извори е сè уште во релативно рана фаза.

Производството и искористувањето на чиста енергија воглавно се обезбедува со соларни панели, ветерници, генератори и батерии. Градењето на овие технологии подразбира потреба од  разни видови на материјали, некои од кои се лесно достапни и ги има во изобилство, како што е на пример силиконот за ПВ-панели. Меѓутоа, голем дел од тие материјали не се толку лесно достапни и за да се дојде до нив е потребен процес на екстрахирање. Овие материјали вклучуваат кобалт и литиум што се користат при конструкција на батерии, но и неодимиум и бакар кои иако можеби не се ретки, имаат многукратна примена и се користат при конструкција на генератори и батерии, како и во производството на ветерна и соларна енергија.

Употребата на овие материјали, влијанијата од нивно екстрахирање и отпадот кој понатаму (ќе) го предизвикуваат се веројатно најголемите предизвици со кој се соочува индустријата за обновливи извори на енергија.

Управување со отпадот

Како и секој друг уред, и сончевите панели и ветерниците имаат свој животен век. Таков е случајот и со другите технологии што се користат при производство на обновлива енергија како што се генераторите и батериите. Животниот век на сончевите панели и/или ветерниците е помеѓу 20 и 25 години, и бидејќи овие се релативно нови технологии, тоа значи дека сега почнуваме да се соочуваме со поголем број од нив кои го достигнуваат крајот на нивниот животен циклус. Испраќањето на овие технологии на депониите може да биде проблематично бидејќи постои веројатност тие да содржат штетни хемикалии кои би навлегле во земјата и во подземните води.

Секако, најдобра алтернатива за управување со отпадот е рециклирањето. Исто како и самиот сектор на обновлива енергија, индустријата за рециклирање на технологијата за обновливи извори е доста млада. Ова значи дека во моментот не е доволно економски одржлива и нејзината ефикасност може да биде значително подобрена. За сето ова има простор за подобрување со самиот развој на индустријата, со подобрување на технологиите, но веројатно најважни се креираните политики и воведувањето законодавство за собирање, управување и рециклирање на отпадот од технологијата за обновлива енергија. Во ЕУ веќе гледаме вакви иницијативи кои ги обврзуваат сите производители на ПВ-панели кои го снабдуваат ЕУ пазарот, да ги финансираат и трошоците за собирање и рециклирање. Се спроведуваат и понатамошни истражувања за да се подобри ефикасноста и животниот век на таквите технологии.

Меѓу другото, рециклирањето на материјалите што се користат во овие производи откако тие веќе не се функционални и нивното повторно искористување за нови соларни панели, ветерници, генератори и сл. е од суштинско значење и заради решавањето на проблемите поврзани со добивањето на овие ретки и тешко достапни метали и материјали.

Извори на материјали за обновлива енергија

За да се добие кобалт, литиум, бакар или кој било друг материјал и/или минерал што се користи во процесот за производство на чиста енергија, потребни се и други индустрии со кои ќе се и екстрахираат овие ретки метали. Екстракцијата, односно извлекувањето на овие материјали од земјата генерално вклучува развој на рударство што може да биде многу проблематично од различни причини. Рударството како можност за обезбедување на овие материјали има катастрофални влијанија врз животната средина и заедниците што живеат близу таквите рудници. Рударската индустрија низ светот е одговорна за осиромашување на изворите на вода, уништување на живеалишта и екосистеми, има негативно влијание врз земјоделството, загадувањето на воздухот, водата и почвата, создава економска зависност на просторите каде започнува и негативно влијае врз здравјето на луѓето. Покрај тоа, засегнатите заедници кои живеат со ефектите и влијанијата од рударството многу често се принудени на ваквиот живот, затоа што ретко кога се правилно консултирани однапред (пред започнувањето на градбата на рударските комплекси) и немаат можност да бараат никаков облик на сопственост или права над материјалите кои се екстрахирани од нивната земја.

Три препораки за секторот за обновливи извори на енергија

Тешко е да се негираат потенцијалот и важноста на секторот за обновлива енергија. Може да нè ослободи од валкани извори на енергија, како што се јаглен и гас, може да создаде работни места (вклучително и за луѓе кои во моментов работат во валканата индустријата за фосилни горива) и ќе ни помогне да ја надминеме климатската криза. Сепак, важно е да се биде свесен за предизвиците поврзани со секторот за обновлива енергија и веднаш плански да се справуваме со истите:

1. Рециклирање на технологијата за обновлива енергија како дел од законодавството

Креаторите на политики мора да воспостават соодветните системи и законодавство за да обезбедат материјалите од старите соларни панели, ветерниците и другите технологии за обновлива енергија правилно и одговорно да се рециклираат и повторно да се користат. Исто така, потребни се повеќе истражувања за да се подобри долговечноста на таквата технологија.

2. Одговорно и одржливо добивање на материјали

Колку што е можно, потребните производи за обновливи извори мора да бидат направени од материјали што се добиени од рециклирање или урбано рударство, што подразбира повторно користење на металите од извори како што се стари згради, индустрии и производи чии животен век е веќе поминат. Кога е неопходно рударство, тоа мора да биде имплементирано одговорно: со соодветна проценка на влијанието врз животната средина како и негативните социјални и економски влијанија, преку најрана консултација со засегнатите заедници и на начини на кои ќе се избегнат негативните влијанија кои се споменати претходно.

3. Увидување дека обновливата енергија сама по себе не е доволна

На крајот на краиштата, начинот на кој сега живееме не може да продолжи ако сакаме да ги надминеме кризите со кои се соочуваме денес. Едноставно префрлајќи се на чиста енергија, нема да се справиме со основните недостатоци во сегашниот социо-економски систем кој се заснова на нееднаква дистрибуција на богатството, енергијата и ресурсите и му припишува успех на растот и зголемениот БДП. Доколку не го промениме моменталниот социо-економски поредок, ние сме во опасност да западнеме во истите стапици понатаму. Иднината што ја дизајнираме мора да биде кон такво општество кое ги почитува границите на планетата во која живееме и се фокусира на социјалната правда и општата благосостојба на планетата, луѓето и заедниците од кои сме дел сите ние.

Во текот на следните неколку месеци, Климатски Набљудувач / The Climate Herald ќе објавува редовни написи поврзани со климатската криза засновани на научни истражувања и разговори со специјалисти од овие области. Наша цел е да обелоденуваме како климатскиот колапс влијае на секој аспект од нашите животи, какви решенија ни се достапни и што треба да се смени за решавање на најголемиот проблем на денешнината.

Извори

  1. If Solar Panels Are So Clean, Why Do They Produce So Much Toxic Waste? (Forbes)
  2. An overview of solar photovoltaic panels’ end-of-life material recycling (2020) Chowdhury et al
  3. Where will the Materials for our Clean Energy Future Come From? (The Verge)
  4. Responsible minerals sourcing for renewable energy (Report by the Institute of Sustainable Futures)
  5. A Just(ice) Transition is a Post-Extractive Transition (Report by War on Want & London Mining Network)

 За Авторот

 Џеј Ди Фаруџиа

Џеј Ди работи како проектен менаџер и менаџер на кампањи во приватниот и во граѓанскиот сектор, како и во областа на уметноста и културата од 2010. Некои од овие улоги вклучуваат: управител на граѓанска организација фокусирана на одржлив риболов, креирање и координирање на програми за граѓанско општество и координација на програмата на локален театар. Џеј Ди има МSс во Менаџмент со животната средина и Планирање и завршено додипломски студии во Психологија на Универзитетот во Малта. Тој во моментот е вклучен во различни проекти поврзани со екологијата и животната средина, како и уметнички проекти во Малта, Северна Македонија и на европско ниво.