СКОПЈЕ, 26.07.2017 – Поранешната влада предводена од Никола Груевски, со измените во законот ја покачи минималната плата за 2000 денари, односно од 2016 година таа изнесува 10.080 денари. Новата влада предводена од Зоран Заев, најави повторно покачување за 2000 денари, односно дека, од септември минималната плата ќе изнесува 12.000 денари. Од друга страна пак, минималната порошувачка кошничка за четиричлено семејство за периодот јануари –март 2017 година, изнесува 32.144 денари, што значи дека, на минималците три плати не им достасуваат за да го поминат месецот
Новата влада предводена од СДСМ неодамна предложи покачување на минималната. Министерот за финансии Драган Тевдовски изјави дека Владата ќе ги поддржи компаниите, да ја зголемат минималната плата на 12.000 денари. Ова, според Тевдовски, ќе се направи со помош на дополнителни 1,5 милиони евра буџетски средства месечно. Подршката, се очекува да започне од септември 2017. Според овој предлог, целта на подршката од буџетот е да се даде временски период во кој работодавците ќе се прилагодат на новата минимална плата. Од март 2018, според планот, буџетската подршка треба да се преполови – на 750.000 евра.
Просечната исплатена нето плата по вработен во текстилната и кожарската индуструја за периодот јануари – април 2017 година изнесува 13.675 денари, а минималната потрошувачка кошница за истиот период изнесува 32.144 денари. Според државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето – плата по вработен во областа пазар на труд, во април 2017, изнесува 22.672 денари. Ова покажува дека, ниту просечната плата во областа на текстилната и кожарската индустрија, ниту пак онаа во областа на пазар на труд не соодвестуваат со месечните барања за минималните трошоци на едно четиричлено семејство. Ако се земе фактот дека, минималната плата изнесува 10.080 денари, на голем број семејства ниту три вакви плати нема да им достасуваат, за да си ги покријат минималните месечни трошоци.
Од 2009 година наваму, во платите се вклучени хранарината и превозот, односно на работникот не му се исплаќаат овие следувања, што значи дека, кога ќе се изземе оваа сума од „покачената минимална плата на работникот“, неговата плата, е за неколку илјади денари пониска од формалната сума.
Според анализите, уделот на месечните трошоци во вкупната синдикална кошница за 2016 година изгледа вака : храна и пијалаци 41,56%, домување 32,29%, хигиена 6,88%, превоз 7,25%, облека и обувки 6,58%, култура 3,31% и здравје 2,13%.
Ако се земе фактот дека, секоја година овие трошоци растат, најранлива категорија се тогаш минималците, коишто со својата плата не би можеле да ги подмират ниту трошоците за домување, односно плаќање на комуналии. Во 2016 година, оваа сума изнесувала 10.422 денари, а минималната плата – 10.080 денари.
Дури и да се зголеми минималната плата на 12.000 денари, новата влада, треба сериозно да се запраша, како овие семејства ќе сврзуваат крај со крај, односно сериозно да го разработи прашањето за законот за минимална плата.