(Тед Риси) Зошто климатската криза е крајно сериозна егзистенцијална закана?

На 8 октомври 2018 година, водечките светски климатски научници во извештај за Меѓувладиниот панел за климатски промени (МПКП) на ОН предупредија дека има само 12 години за да се намалат јаглеродните емисии доволно за да се задржи глобалното затоплување на максимум 1,5° C – границата што беше договорена на Конференцијата за климата во Париз во 2015 година – над која граница дури и половина степен „значително“ ги влошува ризиците од суши, поплави, екстремни горештини и екстремна сиромаштија за стотици милиони луѓе, создавајќи го она што специјалниот известувач на ОН за екстремна сиромаштија Филип Алстон го нарече „климатски апартхејд“, каде „богатите ги избегнуваат горештините, гладот и конфликтите… додека остатокот од светот е оставен да страда“.

Претходно, се сметаше дека порастот на 2° C ќе биде безбеден. Таа точка ќе се достигне, според сегашната траекторија на пораст на емисиите, до 2050 година, или кога ќе се удвои прединдустриската атмосферска концентрација на СО2 од 280 честички на милион (ppm). Бројката во 2018 година изнесуваше 411 чест/мил. – беше 400 чест/мил. само две години пред тоа – е највисока за последните три милиони години,[1] и достигна 415 во мај 2019 година, кога седма година по ред беше забележано нагло зголемување на честичките. Во 1990-тите години, просечната годишна стапка на пораст беше околу 1,5 чест/мил, но во претходната деценија таа забрза на 2,2 чест/мил. Спречувањето на пораст повисок од 2° C ќе бара годишно намалување на емисиите на јаглерод од 20% до 2030 година, а потоа на нула до 2075 година. Сепак, за да се задржат на 1,5° C, намалувањето мора да се зголеми на 45% до 2030 година, а потоа на нула до 2050 година. За да се постигне ова, кажаа од МПКП, потребни се „брзи, далекусежни и невидени промени во сите аспекти на општеството“.

Иако предупредувањето на извештајот беше силно, тоа замаглуваше колку навистина е лоша ситуацијата. Помеѓу другите попесимистички читања, климатскиот научник Јан Мауро од Универзитетот во Винипег кажа дека емисиите мора да го достигнат врвот во 2020 година.[2] Климатските податоци се неверојатно сложени за да се анализираат со сигурност, па научниците се склони да ги минимизираат можните исходи. Но, ова е несомнено надополнето со политичко мешање. Научниците се пожалија дека извештајот на МПКП за 2014 година е значително „разводнет“ под притисок на некои од најголемите емитувачи на стакленички гасови во светот, вклучувајќи ги и Саудиска Арабија, Кина, Бразил и САД.[3] Еден извештај од март 2019 година разоткри дека петте најголеми нафтени и гасни компании котирани на берзите – Шеврон, БП, Ексон Мобил, Шел и Тотал – трошат речиси 200 милиони долари годишно за лобирање да се одложат, контролираат или блокираат политиките насочени кон справување со климатските промени.[4]

Грантамовиот институтот за истражување на климатските промени кажа дека конечниот извештај на МПКП за 2018 година беше „неверојатно конзервативен“, затоа што не го спомнуваше веројатниот пораст на бегалците поттикнати од климата – ОН ја одредува бројката на 200 милиони, но највисоката проценка е една милијарда, до средината на векот,[5] кога делови од Блискиот Исток и Северна Африка можат да станат непогодни за живеење[6] – или опасноста од „точките од кои нема враќање“ што може да предизвика неконтролирано екстремно затоплување. Извлекувајќи слични поенти, еден извештај објавен во Австралија предупредува на „целосен хаос“ на патот кон „крајот на човечката цивилизација“ до 2050 година.[7]

Просечната температура на површината на планетата се зголеми за повеќе од 1° C споредено со 1850 година, а достигна врв во 2016 година на 1,38° C. А стапката на затоплување „навистина се пресели на исклучителна територија“ во изминатите 30 години, според Гавин Шмит, директор на Институтот Годард за аеронаутика и вселенски студии на НАСА. Тој во август 2016 година рече: „Тоа е невидено во 1.000 години. Нема период што го има трендот забележан во 20 век во однос на наклонот [на температурите]. Одржувањето на температурите под границата од 1,5° C бара значителни и многу брзи намалувања на емисиите на СО2 или координиран геоинженеринг. Тоа е многу малку веројатно. Сè уште не ги намалуваме емисиите сразмерно со одржувањето на затоплувањето под 2° C.”[8]

Стапката на затоплување ќе продолжи да се забрзува, особено кога ќе се соединат бројните ефекти на климатските промени, како на пример топењето на мразот на Арктикот што ќе одбива сè помалку сончева светлина назад во вселената, истовремено ослободувајќи заробен гас. Вкупно количество од 369 милијарди тони снег и мраз исчезнуваат секоја година, со стапка која е за 18% повисока од она што се сметаше во 2013 година.[9]

Ледената прекривка на Источен Антарктик, за која претходно се сметаше дека е релативно изолирана од климатските промени, сега покажува знаци на топење. Една студија од јуни 2019 година откри дека вечниот мраз започнал да се топи во Канадскиот Арктик 70 години порано од очекуваното, со стапка шест пати поголема од онаа на долгорочниот просек.[10] Во истиот месец пожарите на Арктикот испуштија 50 мегатони СО2 – четири недели пред она што порано беше почеток на типичната сезона на пожари – бројка рамна на годишните емисии на Шведска и повеќе од износот што беше ослободен од пожарите до јуни на Арктикот помеѓу 2010 и 2018 година севкупно. На почетокот од „Ненаселива земја“, статија во „Њујорк магазин“ во која се прави осврт на истоимената книга, Дејвид Валас-Велс пишува:

„Арктичкиот вечен мраз содржи 1,8 трилиони тони јаглерод, повеќе од двојно од она што сега е содржано во Земјината атмосфера. Кога ќе се одмрзне и ослободи, тој јаглерод може да испарува како метан, што е 34 пати помоќен гас затоплувачки прекривач на стаклена градина од СО2, кога се проценува на временска рамка од еден век; кога се проценува според временската рамка од две децении, тој е 86 пати помоќен. Со други зборови, ние имаме, заробен во арктичкиот вечен мраз, двојно повеќе јаглерод од она што сега ја уништува атмосферата на планетата, а сето тоа е закажано да биде ослободено на датум кој продолжува да се движи наназад, делумно во облик на гас што ја зголемува својата моќ на затоплување за 86 пати.“[11]

На 2° C „ледените прекривки го започнуваат својот колапс“.[12] Валас-Велс кажува дека додека „повеќето луѓе зборуваат како Мајами и Бангладеш сè уште да имаат можност за опстанок… повеќето научници со кои разговарав претпоставуваат дека ќе ги изгубиме [поради зголемувањето на нивото на морето] во текот на овој век, дури и ако престанеме да согоруваме фосилни горива во следната деценија“. Повеќе од 600 милиони луѓе живеат на 30 стапки од нивото на морето. На само 3° C нивото на морето би се зголемило за 50 метри.[13] Лондон, Брисел, Њујорк, Буенос Аирес и Мумбаи, да спомнеме само неколку, би биле трајно под вода.

Кризата со климатските промени е исклучително сериозна егзистенцијална закана. Пред извештајот на МПКП од 2018 година, се чинеше дека темата едвај се регистрира од политичарите, медиумите или општата јавност, кои беа или во колективно негирање или индиферентни околу нејзините наводно далечни ефекти. Но, сега се појавува колективна еко-свест – ефектите веќе се чувствуваат и повеќе не можат да се игнорираат.

Од 2005 година, бројот на поплави се зголеми со фактор 15, екстремните температурни настани со фактор 20, а пожарите седум пати; 20-те најтопли години што се забележани се во изминатите 22 години.[14] Од 1980 година, планетата доживеа 50-кратно зголемување на бројот на места што се соочуваат со опасна или екстремна топлина.[15] Број на топлотни бранови што влијаат на океаните на планетата тројно се зголеми во изминатите неколку години, откако веќе скокна за повеќе од 50% во трите децении до 2016 година, при тоа убивајќи многу морски животни, „како кога пожарите ќе зафатат огромни површини од шумите“, според Морското биолошко здружение.[16] Ова го надополнува закиселувањето на океаните, при што СО2 во океаните се зголемува за сметка на кислородот, задушувајќи ги коралните гребени кои поддржуваат дури една четвртина од целиот морски живот.

Во меѓувреме, 95% од светското население дише опасно загаден воздух, што убива најмалку девет милиони луѓе годишно, ја оштетува нашата когнитивна способност и респираторните системи, па дури и нашата ДНК. Самото загадување „ја загрозува стабилноста на системите за поддршката на Земјата и го загрозува понатамошниот опстанок на човечките општества“, според Комисијата за загадување и здравје.[17]

Неразделно поврзана со климатската ургентност е пошироката еколошка криза. Третина од земјиштето на Земјата сега е акутно деградирано, со губење на плодната почва со стапка од 24 милијарди тони годишно поради интензивното земјоделство.[18] Создавањето на три сантиметри површинска почва трае 1.000 години и, како што кажа ОН во 2014 година, ако продолжат сегашните стапки на деградација, целата површинска почва во светот би можела да исчезне за 60 години.[19] 95% од нашата храна во моментов доаѓа од почвата. Освен ако не се усвојат нови пристапи, глобалната количина на обработливо и производствено земјиште по лице во 2050 година ќе биде само една четвртина од нивото во 1960 година. Секоја минута се губи почва колку 30 фудбалски.

Интензивното обработување, монокултурните повеќекратни жетви и обилната употреба на агрохемикалиите ги зголемија приносите за сметка на долгорочната одржливост. Земјоделството всушност е причината број еден за уништување на шумите. Во изминатите 20 години, земјоделското производство се зголеми за три пати, а количината на наводнувано земјиште се удвои, честопати доведувајќи до напуштање на земјата и опустинување. Забележана е намалена продуктивност, како резултат на намалената плодност, на 20% од земјоделското земјиште во светот, 16% од шумското земјиште, 19% од ливадите и 27% на пасиштата.

Понатаму, тропските шуми станаа извор наместо понор на јаглерод.[20] Шумските области во Јужна Америка, Африка и Азија – кои до неодамна играа клучна улога во апсорпцијата на стакленички гасови – сега ослободуваат 425 тераграми јаглерод годишно, повеќе од целиот сообраќај во САД. Ова се должи на намалувањето на густината на дрвата и уништувањето на биодиверзитетот, при што биомасата опаѓа до 75%. Научниците комбинираа сателитски податоци што опфаќаат период од 12 години со теренски студии. Тие утврдија нето загуба на јаглерод на секој континент. На Латинска Америка – домот на најголемата шума во светот, Амазон, која е одговорна за 20% од неговиот кислород – отпаѓаат речиси 60% од емисиите, 24% отпаѓаат на Африка, а 16% на Азија. Секоја година се сечи околу 18 милиони хектари шума – површина со големина на Англија и Велс. За само 40 години, соборена е можеби една милијарда хектари, што е исто колку Европа. Половина од дождовните шуми во светот се срамнети со земја за еден век и тие целосно ќе исчезнат за уште еден век при сегашните стапки.

Во тек е „Шестото масовно изумирање“ на Земјата[21]: до 50% од сите индивидуални животни се изгубени во последните децении и речиси половина од копнените цицачи изгубиле 80% од својот опсег во минатиот век. Популациите на ‘рбетници опаднале во просек за 60% од 1970-тите години, а во некои земји има уште побрз пад на инсектите – а тие, секако, се од витално значење за аерација на почвата, опрашување на цвеќињата и контрола на штетниците инсекти и растенија.

Би било повеќе од глупаво да се мисли дека, без итни радикали промени, човечкиот вид нема да биде следниот. Разликата помеѓу сега и последното ледено доба беше 4,5° С. Додека МПКП вели дека сегашната стапка на емисии нè поставува на пат кон пораст од 4° C до крајот на векот,[22] други студии ја одредуваат бројката на 8° С,[23] на која точка луѓето на екваторот и во тропските предели нема да можат да се движат надвор без да умрат, додека нивото на морето би се подигнало 200 стапки повисоко, не оставајќи речиси никакво обработливо земјиште на површината на планетата.[24] Една друга проекција предвидува исчезнување на облаците и пораст од 12° С.[25] Но, уште пострашно, порастот од 3,5° С некои го сметаат дека е „точка на изумирање“, затоа што „синџирот на исхрана се распаѓа, океанскиот планктон умира, а копнената вегетација станува сериозно ограничена. Пасиштата што ги користиме за земјоделството се најмногу загрозени. Изумирањето на видовите ќе создаде хаос. На пример, исчезнувањето на пчелите ќе создаде огромни проблеми со опрашувањето. Закиселувањето на океаните го осиромашува кислородот во водите. Се предвидуваат температури повисоки од точката на изумирање, не од ексцентрици, идеолози или писатели на научна фантастика, туку од сериозни научници.“[26]

Во големата слика на работите, многу малку се прави за да се реши оваа мрачна реалност. Парискиот договор за климата од 2015 година не беше ништо повеќе од меѓународен трговски договор на владејачката класа што врши кривични дела против човештвото.[27] Во принцип, она што со него се договори е да се цели кон ограничување на затоплувањето на 1,5° С, но ниту една од заложбите не е правно обврзувачка и МПКП кажа дека фактичките обврски што беа преземени сè уште водат кон 3,2° C до 2100 година. Дури и да се почитуваат, годишните емисии на јаглерод би пораснале од 50 милијарди тони на 55-60 милијарди тони до 2030 година, кога тие треба да се намалат за најмалку 36 милијарди тони само за да се добијат 50/50 шанси за избегнување на критичната точка од 2° C. Дури и трошоците на овие минимални заложби се покажаа премногу за САД, кои се повлекоа од Договорот во 2017 година, при што никогаш и не го ратификуваа Протоколот од Кјото што го потпишаа во 1998 година. Во јули 2019 година беше откриено дека само 20 од 160 од најголемите компании емитувачи ги исполнуваа целите договорени во Париз.[28]

Во светот, околу 302 нови нафтоводи и гасоводи се во некоја фаза на развој, од кои околу 51% од нив во Северна Америка, додавајќи уште 559 милиони тони СО2 секоја година до 2040 година.[29] Помеѓу 2015 и 2018 година, 33 глобални банки инвестираа вкупно 1,9 трилиони долари во компании за фосилни горива. Се предвидува дека индустријата за нафта и гас ќе потроши 4,9 трилиони долари за истражување и екстракција на нови полиња на фосилни горива во следната деценија.

На другите места, повеќето европски фирми немаат цели за намалување на СО2.[30] Иако околу третина од потребното намалување на стакленичките гасови до 2030 година може да се обезбеди преку обновување на природните живеалишта, таквите решенија привлекоа само 2,5% од финансирањето за справување со емисиите.[31] А списокот продолжува.

Во 2017 година беа додадени околу четири милијарди метрички тони емисии на СО2 на годишната сума во споредба со претходната година, пораст од 2% на 41 милијарди. Емисиите се зголемија за 0,25% за три години од 2014 година, кога економскиот раст беше послаб. Во 2018 година, емисиите на САД се зголемија за 3,4%. Во меѓувреме, како што пишува Ричард Сејмур, на Арктикот:

„Светските сили гледаат на оваа катастрофа како тоа да е комерцијална и воена можност што треба ентузијастички да се искористи. НАТО спроведува показателни вежби во регионот, САД и Канада инвестираат во нови флоти на мразокршачи, Данска успешно го испроба своето прво комерцијално патување на трансполарна морска рута, а Русија повторно ги отвора воените бази. Британската влада предвидува инвестиции вредни 100 милијарди долари во новиот, син Арктик, додека САД со нетрпение очекуваат ископување на виталните резерви на нафта и гас скриени под сѐ потанкиот мраз.“[32]

Забелешки

[1] Willeit et al, “Mid-Pleistocene transition in glacial cycles explained by declining CO2 and regolith removal,” Science Advances, vol 5, no 4, 3 April 2019.

[2] “Climate deadline more like 18 months instead of 12 years, some experts say”, GlobalNews.ca, 5 August 2019.

[3] “IPCC reports ‘diluted’ under ‘political pressure’ to protect fossil fuel interests”, TheGuardian.com, 15 May 2014.

[4] “Big Oil’s real agenda on climate change”, InfluenceMap, March 2019.

[5] Да се стави тоа во контекст, бројот на сириски бегалци што стигнаа до Европа за време на војната против Сирија е околу еден милион.

[6] Max Planck Institute for Chemistry and the Cyprus Institute, “Climate-exodus expected in the Middle East and North Africa”, ScienceDaily.com, 2 May 2016.

[7] Spratt and Dunlop, Existential Climate-related Security Risk: A Scenario Approach, Breakthrough – National Centre for Climate Restoration, May 2019.

[8] “NASA: Earth is warming at a pace ‘unprecedented in 1,000 years’”, TheGuardian.com, 30 August 2016.

[9] Zemp et al, “Global glacier mass changes and their contributions to sea-level rise from 1961 to 2016”, Nature.com, 8 April 2019.

[10] Farquharson et al, “Climate change drives widespread and rapid thermokarst development in very cold permafrost in the Canadian High Arctic”, Geophysical Research Letters, 10 June 2019.

[11] David Wallace-Wells, “The Uninhabitable Earth”, New York Magazine, 17 July 2018. Исто така складирани на Арктикот се прастари болести, „во некои случаи, пред луѓето да постојат за да ги сретнат“ – што значи дека нашиот имунолошки систем нема да биде опремен за борба против нив – заедно со поскорешни микроорганизми, како што е грипот од 1918 година, големите сипаници и бубонската чума. Многу такви организми нема да го преживеат одмрзнувањето, но во 2017 година едно момче почина, а 20 други беа заразени од антракс ослободен при повлекувањето на вечниот мраз што го изложило замрзнатиот труп на ирвасот убиен од бактерии најмалку пред 75 години; 2.000 живи ирваси биле заразени, носејќи ја и ширејќи ја болеста надвор од тундрата. Она што најмногу ги загрижува епидемиолозите е ширењето и мутацијата на болестите како треската денга и маларијата во затоплениот „глобален Север“. Маларијата, на пример, опстојува во потоплите региони не само затоа што тоа го прават и комарците кои ја пренесуваат, туку и бидејќи за секој степен на зголемување на температурата, паразитот се репродуцира десет пати побрзо.

[12] Wallace-Wells, The Uninhabitable Earth, Penguin, New York, 2019, p12.

[13] Wallace-Wells, 2019, p68.

[14] Laybourn-Langton et al, This is a Crisis: Facing Up to the Age of Environmental Breakdown, Institute for Public Policy Research, 12 February 2019.

[15] Wallace-Wells, 2018.

[16] “Heatwaves sweeping oceans ‘like wildfires’, scientists reveal”, TheGuardian.com, 4 March 2019.

[17] Landrigan et al, “The Lancet Commission on pollution and health”, The Lancet, vol 391, no 10119, 19 October 2017.

[18] “Third of Earth’s soil is acutely degraded due to agriculture”, TheGuardian.com, 12 September 2017.

[19] “Only 60 years of farming left if soil degradation continues”, ScientificAmerican.com, 5 December 2014.

[20] Baccini et al, “Tropical forests are a net carbon source based on aboveground measurements of gain and loss”, Science Vol 358, Issue 6360, 13 October 2017.

[21] „Сите, освен оној што ги уби диносаурусите, беа предизвикани од климатски промени произведени од стакленички гасови. Најзлогласното било пред 252 милиони години; тоа започнало кога јаглеродот ја загреал планетата за 5°, а забрзало кога тоа затоплување предизвикало ослободување на метан во Арктикот, и завршило така што 97% од целиот живот на Земјата бил мртов. Ние сега додаваме јаглерод во атмосферата со значително побрза стапка; според повеќето проценки, барем десет пати побрзо. А стапката забрзува. Ова е она што го имаше на ум Стивен Хокинг кога тој рече … дека видот треба да колонизира други планети во следната век за да преживее“. Wallace-Wells, 2018. За време на Пермско-тријаското изумирање, нивото на јаглерод во атмосферата достигнало 1.000 чест/мил.

[22] Според некои проценки, тоа би значело дека цели региони на Африка и Австралија и САД, делови на Јужна Америка северно од Патагонија и Азија јужно од Сибир ќе станат ненаселиви поради директната горештина, опустинувањето и поплавувањето. Wallace-Wells, 2019, p6.

[23] University of Edinburgh, “Climate outlook may be worse than feared”, Earth and Environmental Transactions, ScienceDaily.com, 9 December 2015.

[24] Wallace-Wells, 2018, p14.

[25] Schneider et al, “Possible climate transitions from breakup of stratocumulus decks under greenhouse warming”, Nature Geoscience 12, pp163-167, 25 February 2019.

[26] Will Denayer, “How climate change is rapidly taking the planet apart”, Flashback-Economics.com, 20 July 2016.

[27] Алберто Салдамандо, адвокат што е дел од „Домородната еколошка мрежа“, го разголи Договорот: „Парискиот договор е трговски договор, ништо повеќе од тоа. Тој ветува приватизирање, комодифицирање и продавање на шумски земјишта како компензации на јаглерод во измамнички шеми. Овие шеми за компензации им обезбедуваат механизам за перење финансии на развиените земји за да го исперат своето загадување со јаглерод врз грбот на глобалниот Југ. На пример, планот за климатски промени на САД вклучува 250 милиони мегатони што треба да бидат апсорбирани од океаните и компензациските пазари со шуми. Во суштина, оние што се одговорни за климатската криза не само што го купуваат својот излез од придржувањето, туку и профитираат од тоа“.

Извештајот на Алстон за ОН, објавен во јуни 2019 година, кажува дека се очекува дека земјите во развој ќе сносат најмалку 75% од трошоците од климатските промени, и покрај фактот дека посиромашната половина од светот населението создава само 10% од емисиите. Тој кажа дека „оние што придонеле најмалку за емисиите … ќе бидат најмногу погодени“ и предупреди дека ефектите можат да поништат 50 години напредок на полето на намалување на сиромаштијата.

[28] “Quarter of world’s biggest firms ‘fail to disclose emissions’”, TheGuardian.com, 10 July 2019.

[29] “North American drilling boom threatens major blow to climate efforts – report”, TheGuardian.com, 25 April.

[30] “Majority of European firms have no CO2 reduction targets”, TheGuardian.com, 19 February 2019.

[31] George Monbiot, “Averting climate breakdown by restoring ecosystems: a call to action”, NaturalClimate.Solutions.

[32] Richard Seymour, “The climate strike is a source for hope – but new research shows it might be too late”, Independent.co.uk, 16 March 2019.

Извадок од Ted Reese, Socialism or Extinction Climate, Automation and War in the Final Capitalist Breakdown.