Македонските студенти долго чекаат условите за студирање и со нив тесно поврзаните стандарди да тргнат на добро. Некои од овие прашања беа отворени пред три години, за време на големиот бран на студентското незадоволство, но до денес нема некои значајни промени.
Случајот со македонските студентски домови е показател за тоа како системот ги третира, инструментализира, дискриминира и занемарува ранливите групи.
Пролетта 2014 година, веста за затворските услови во македонските студентски домови се прошири преку интернет, а заедно со веста и живописните фотографии на кои се гледа дека, животот во домот изгледа прилично опасно. И покрај гласот кој се крена, немаше скоро никаква реакција од владата (вклучувајќи го и Државниот образовен инспекторат).
Во Македонија има Закон за студентскиот стандард со чијашто помош е овозможено воспоставување, одржување и организација на институциите, кои се задолжени за студентскиот стандард и студентските домови. Иако, законот регулира студентско сместување, прехрана, школарина, стипендии, како и информативни, културно-забавни и други студентски потреби, неговата имплементација е исклучително неуспешна. По појавата на спомнатите фотографии од домовите, повеќе никој не верува дека надлежните институции, Министерството за образование и Државниот образовен инспекторат, нешто превземаат по ова прашање.
На овој проблем конвергираат и класниот аспект и проблемот со географската мобилност. Што се однесува до вториот проблем, во Македонија, миграциите веќе долго време се посебно интензивни, како надворешните кон западна Европа и САД (според податоците на Светска банка, до крајот на 2013 година мигрирале 626.312 жители), така и внатрешните, од целата држава кон Скопје. Студентите го сочинуваат големиот дел од привремена транзитна популација, бидејќи токму овде се концентрирани најквалитетните високообразовни институции, а студентските домови се места, кадешто на едно место е концентриран и изолиран голем дел од масата на студенти од провинциски работнички семејства.
Сместувањето е лошо, но се бара кревет повеќе
Студентските домови можат да прифатат само мал процент од студентската популација. Според конкурсот за доделување на легла за минатата академска година, македонските студентски домови примиле 5612 студенти, од коишто 4141 се однесуваат на домовите во Скопје. Ако знаеме дека, во 2015 година на македонските универзитети се запишале 58.896 студенти, јасно е дека, добар дел од студентите немале друг избор, туку самите да си ја решат ситуацијата и да се свртат кон изнајмување на приватен простор за сместување.
Во Македонија има тринаесет студентски домови, од коишто последниот, домот „Гоце Делчев“ е изграден во 1973 година. Овој дом во текот на 2014 година стана познат и надвор од Македонија, благодарејќи на онлајн „герила“ активизмот на неформалната студентска организација, која се нарекува „Операција Студентски дом“. Јавноста виде дека, некогашното чудо на бруталистичката архитектура, стана рушевина. Повеќе од 1200 студенти живеат помеѓу темни ѕидови, гнил мебел, расипани лифтови, страшно запоставени заеднички купатила и ходници, изложени на студ, а неколку пати и на пожари.
И покрај лошите и сурови услови во домовите, постои голема конкуренција за секое место, затоа што цените се релативно ниски и сместувањето во нив е единствен начин сиромашните студенти да го издржат финансискиот товар при студирањето во Скопје. Заинтересираноста да се добие место за сместување е пропорционална со недостатокот на пристап до сместување, а потрагата и патот до добивање на клуч е многу тежок.
Студентските домови, своите станари ги одбираат според следните квоти: 40 проценти од местата се доделуваат според социјалните критериуми (студенти ,чиишто родители имаат приходи пониски од висината на минималната плата, деца без родители, студенти со посебни потреби, студенти од семејства кои примаат социјална помош, или чиишто родители се невработени), 25 проценти од местата се наменети за најдобрите студенти, а 35 проценти од местата се делат на останатите редовни студенти.
Нетранспарентно одлучување за студентските права
Во суштина, вакви се правилата, но во реалноста праксата на одлучување е поразлична. Честите сомнежи за неправилностите при доделувањето на овие права се докажани и со некои истражувања. Според изјавите на студенти, едно такво истражување покажува дека, „најчести облици на корупција се, партиски врски, илегална распределба на студентски легла и манипулирање со листите“. Според студијата, која ја направи Младинскиот образовен форум, 73 проценти од студентите коишто живеат во студентските домови се свесни дека креветите најчесто се доделуваат на активистите на поединечни политички партии.
Недостатокот на транспарентност при поделбата на леглата во студентските домови е постојан проблем, а со тоа се поврзани и уште некои финансиски прекршоци. Државните домови редовно испраќаат фактури до Министерството за образование, од коишто произлегува дека, сите капацитети се пополнети, што всушност не е случај; во некои соби престојуваат лица, коишто не се наоѓаат на конечниот попис на студентите станари. Домовите им наплаќаат на студентите административни трошоци, трошоци за санирање на различни штети, како и надоместок за културно-забавен живот, а ништо од тоа не е пропишано со закон и нема извештај за тоа каде и како тие средства на крајот се трошат.
Државните и студентските домови, исто така се соочени со сериозен недостаток на средства, кои би им овозможиле нормално да функционираат. Министерството за образование, месечно би требало да покрива 50 проценти од утврдените реални трошоци (другата половина би требало да ја сносат станарите во домовите), но пресметката се базира на стандардите и нормите, кои за таа услуга важеле во 2002 година. Според најновите информации, домовите акумулирале долг од над од 4,5 милиони евра.
Приватното сместување како неадекватна алтернатива
Цените на недвижностите на македонскиот пазар по 2008 година беа релативно стабилни. Последните тринаесет години растот на бројот на станови е поголем од растот на населението. Поради постојаната урбана експанзија, самото наоѓање на приватен простор за изнајмување не е проблем, проблем се високите трошоци за живеење. Ако го земеме предвид генерално нискиот животен стандард во Македонија и фактот дека, износот на стипендиите не е во склад со реалните студентски трошоци, мнозинството студенти, без разлика дали примаат стипендија или не, тешко го поднесуваат финансискиот товар, кој го носи приватното сместување (изнајмување на стан под кирија).
Вообичаената цена за месечно изнајмување на простор чини околу 200 евра, а токму толку, или помалку изнесува просечната „студентска“ плата, доколку студентите се вработат на полно работно време, во некој ресторан, дуќан, или на друго место. Студентите најчесто живеат со два до четири цимери, за со нив да ги делат трошоците за станарина и сметки, но овде трошоците не завршуваат, студентскиот џепарлак е оптеретен со прехрана, јавен превоз и други работи. Постои државен стипендиски систем, кој е воспоставен во 1997, но тој опфаќа многу мал дел од студентската популација. Покрај тоа, во рамките на тој систем се исплаќаат мизерни износи, три илјади денари месечно, десет пати во годината, или две илјади денари месечно, но како студентски кредит. Стипендиите од министерството во академската година 2013 – 2014 опфатија само 5,6 проценти од студентите (од 51.278 студенти, колку што имаше запишано таа година).
Неисполнети предизборни ветувања за студентските стандарди
Поранешната влада на десната популистичка партија ВМРО – ДПМНЕ, којашто беше 11 години на власт, го остави студентскиот проблем далеку од решен. Ситуацијата не се подобри ниту по масовнитес тудентски протести во 2014 година, на коишто освен барањето за реформи во високото образование, студентите се обидоа да ја прошират борбата на поширок спектар проблеми коишто се однесуваат на студентскиот живот, вклучувајќи го и студентското сместување.
Во изминатите години се имплементирани неколку популистички мерки, дел од нив, благодарејќи на растот на јавниот притисок произлезен од студентското движење. Овозможен е бесплатен јавен превоз за редовните студенти (2014 година) и започнато е реновирање на најтрошниот блок во домот „Гоце Делчев“. Поголемиот број од студентите го доживеа тоа како евтини политички трикови, слично како и одлуката на владата да исплати стипендии на студентите за десет месеци однапред, секако ова се случи во текот на предизборната кампања. Што се однесува на стипендиите, нивната исплата секогаш била со многу доцнења, така што, невозможно е за студентите да ги искористат тие пари кога најмногу им требаат.
Ветувањата за реновирање на „Гоце Делчев“ во повеќе наврати беше дел од предизборната кампања на ВМРО – ДПМНЕ, а резултираа со реновирање на само еден блок, кое траеше од 2014 година, а заврши отприлика кога партијата конечно падна од власт. Официјално таму се’ уште се нема никој сместено, а со оглед на досегашната пракса на корумпираност при доделување на места во домовите, постои доза на загриженост околу тоа кој ќе добие право да живее во обновениот дел од домот.
Моменталната влада предводена од СДСМ даде неколку ветувања кои се однесуваат на реформи во високото образование, но изгледа дека, студентското сместување сега не им е приоритет. Во програмата на партијата постои краток параграф, во кој е прикажана нивната идеја за државна помош на младите, со ветување за изградба на студентски град во Скопје, кој би бил со „нов, модерен архитектонски дизајн, ќе опфаќа градби како што се спортски центри, читални, книжара, ресторани, кина“ и.т.н. Исто така, најавена е изградба на кампуси во Битола, Штип и во Тетово.
Кога ќе земеме се’ предвид, ситуацијата ја надмина својата точка на вриење и новата влада би требало што поскоро да усвои конкретни мерки. Најпрво би требало домовите (чијашто денешна состојба е резултат на многу изневерени ветувања), кои претставуваат опасност по живот за студентите, да се стават надвор од употреба, а потоа да се реновираат, при што на студентите ќе треба да им се обезбеди привремен престој, што пак лесно може да се изведе со субвенционирање на приватно сместување, додека трае реновирањето. Во секој случај, наместо заматените ветувања за нови мегаломански проекти за во иднина, на студентите им се потребни итни решенија, коишто уште од сега ќе им овозможат достоинствен живот.
Автор: Анастасија Петревска
Преводот на текстот од англиски јазик е објавен на регионалниот портал Билтен и може да се види на следниот линк.