СКОПЈЕ, 23.08.2017 Синоќа во рамките на „Културно лето Карпош 2017“ учествуваа активисти на ксенофобичната кампања „Будење.“ Денес, градоначалникот Јакимовски се огласи на својата фејсбук страна со подршка за ксенофобијата и расизмот на „Будење“:
БЕГАЛЦИТЕ ДА ГИ ПРИМАТ ОНИЕ КОИ ГИ БОМБАРДИРАЛЕ
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски е еден од потписниците на Иницијативата за распишување референдум против изградба на бегалски кампови во општините низ Македонија, меѓу кои е и Карпош. Во таа пригода Јакимовски изјави:
– Македонија не е држава која ја бомбардирала или учествувала во бомбардирањето на Сирија, и затоа нема обврска да ги прими бегалците. Кој ги бомбардирал, тој нека ги носи кај него, а во случајов тоа се САД и Русија.
Не можеме да се согласиме да ни донесат бегалци во Општина Карпош и да им дадат станови и тоа истите оние кои тврдат дека Општината е загадена, пренаселена и преурбанизирана.
Македонија треба да прими бегалци, и таков е редот, доколку има воени дејствија во регионот, како што тоа беше случајот со бегалците од Босна и Херцеговина и Косово.
Во Стратегијата за бегалци, најголемиот дел од обврските се префрлаат врз локалната самоуправа и тоа преку барањето да им обезбедиме домување, да ги вклучиме во образовниот процес, односно во нашите училишта, да им обезбедиме стимулативни мерки за вработување, додека Владата презема мерка само да им обезбеди државјанство.
Општина Карпош не е подготвена да прими 5.000 бегалци од Сирија и да го загрозува животот на останатиот дел од граѓаните. Токму затоа ја потпишувам оваа иницијатива изјави вчера, првиот човек на Карпош Стевчо Јакимовски.
Деновиве низ цела држава се појавија штандови во кои се собираат потписи за „стопирање на бегалците.“ Сè поочигледно е дека ксенофобичната иницијатива „Будење“ е директно подржана од десничарската ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Јакимовски вели: „Македонија не е држава која ја бомбардирала или учествувала во бомбардирањето на Сирија, и затоа нема обврска да ги прими бегалците.“ Како што е познато, сепак, Македонија учествува во воените мисии на НАТО и САД во Ирак и Авганистан, од каде што доаѓаат повеќето бегалци. Според Министерството за одбрана:
Во моментот Република Македонија учествува со една механизирана пешадиска чета (сто дваесет и седум војници), тројца офицери во главниот штаб во Кабул, четири претставници во А3 медицинскиот тим на чешката болница во Кала, два офицери како дел на мултинационалниот ОМЛТ во Мазар-е Шариф и хируршки тим во организациската структура на хируршка единица при норвешкиот Провинцискиот тим за реконструкција (PRT) во Мејамана. Вкупниот број на учесници во моментот е сто четириесет и два. Досега Република Македонија учествувала вкупно со седумстотини и деведесет учесници во ИСАФ.