Ксенофобична и антибегалска иницијатива собира потписи во Битола и во Прилеп

БИТОЛА/ПРИЛЕП, 22.08.2017 – Периодов, во Битола и во Прилеп можат да се забележат напливи на ксенофобија. Неформалната иницијатива „Будење“ во Битола и во Прилеп минатиот викенд собираше потписи против носењето на Националната стратегија и Акциски план за интеграција на бегалци и странци 2017 – 2027. Оганизаторите на овој настан наводно стравуваат дека во Македонија ќе се доселат бегалци од блискиот исток и дека ќе им го загрозат удобниот живот.

Во јавноста овие иницијативи се дочекаа на остар нож. Критиките за нивната отворена ксенофобична реторика се доста акцентирани и иницијативата ја поврзуваат со интереси на опозициската ВМРО – ДПМНЕ во пресрет на локалните избори. Посебно, доколку се земе предвид фактот дека општините Прилеп и Битола се места, кадешто ВМРО-ДПМНЕ традиционално оперираше и победуваше, а на последните парламентарни избори забележа фијаско.

„Идејата за правење кампови во кои би престојувале луѓе препознаени како бегалци или мигранти за кои немаме процедури во кои им го одредуваме статусот потекнува одамна, а согласно објавените податоци од МТСП, за овие идеи е дискутирано во 2012 г. од тогашниот министер Спиро Ристовски со некои локални самоуправи од кои барал инфомација за слободни државни земјишта“ истакнува за Гласник, Јасмина Голубовска координаторка на НВО „Легис“.

Според Голубовска, претстојните локални избори ги поттикнуваат десничарските политики и страсти и со тоа гледаат политички да профитираат во овој случај.

„Во последните 3 години од владеењето, ВМРО-ДПМНЕ се справуваше со најголемата светска бегалска и хуманитарна криза, воедно учествуваше на регионални и меѓународни состаноци на кои се потпишаа мноштво обврски кои ги презема државата, а за кои јавноста , особено онаа јавност присутна на терен, не е запознаена со содржината на ниту еден билатерален или мултилатерален договор“, смета Голубовска.

Според неа, изненадени се луѓето, коишто како волонтери или како дел од НВО секторот се занимавале последниве години со оваа проблематика.

„Оттука, НВО секторот поднесе и забелешки и мислења за т.н. „Нацрт- Стратегија за интеграција на бегалци и странци“, за која од мноштвото забелешки би издвоила дека бараме повлекување и ревизија на документот и отворање на јавна расправа каде што би можеле да дадеме придонес околу прифаќањето и интеграцијата на бегалци и странци во РМ“, додава Голубоска.

Последниве две години, има само две апликации за барање за азил во Македонија. Тоа само ја потврдува информацијата дека бегалците не се заинтересирани за подолг престој во Македонија, туку територијата на Македонија се искористува како транзит зона. Последниве три години, низ Македонија успешно и безбедно транзитирале еден милион бегалци од блискиот исток.

|2017-08-22T11:33:46+00:0022 август 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|