СКОПЈЕ, 28.07.2017 – Воениот конвој на Армијата на САД, кој беше најавен пред повеќе од еден месец, во сабота на 29 јули ќе влезе во територија на Република Македонија. Имено, станува збор за контингент на вооружените сили на САД кои во соработка со армијата на Македонија ќе учествуваат во заедничка воена вежба во Криволак. Вежбата е именувана „Dragoon Guardian 17“, а ќе трае до 10 август. На неа ќе учествуваат 300 американски војници и 95 припадници на АРМ. Пред вежбата, на плоштадот Македонија во Скопје, ќе се изложува оружјето на армијата на САД, со што граѓаните на Република Македонија ќе имаат можност да се запознаат од блиску.
На социјалните мрежи виреат покани за овој настан.
„На паркинг просторот пред спортската сала и градскиот базен во Куманово, ќе се реализира пригодна церемонија за означување на почеток на планираните активности на заедничката воена вежба на Армијата на Република Македонија и командата на копнените сили на Армијата на САД за Европа „Dragoon Guardian 17“. Присутните ќе имаат можност да проследат презентација на дел од воените возила и опрема на Армијата на САД, но и преку директна комуникација со припадниците на АРМ и армијата на САД поблиску да се запознаат со опремата и постапките и процедурите кои ги извршуваат припадниците на армијата на САД и АРМ“ стои на фејсбук настанот организиран од страна на Армијата на Република Македонија.
На вториот фејсбук организиран настан во кој како организатор се јавува Амбасадата на САД стои:
„Дали сте спремни да ја запознаете Армијата на САД? На 29 јули, сабота, војниците на Армијата на САД и на АРМ ќе бидат во Скопје да ги презентираат своите уникатни воени возила и интересна опрема. Дојдете да ги погледнете овие возила и опрема одблиску и да разговарате со војниците!“
Посебна реакција на ваквиот влез на војската на САД од страна на политичките партии нема. Кога првично веста се објави пред околу месец дена, ТМРО, која важи за десничарска партија ја поздрави оваа соработка на нашата армија и армијата на САД.
„Ова е прво официјално воено присуство на воена вежба на армијата на САД на македонска територија. Значајно е тоа што воената вежба е само со учество на армиите на двете држави, што е реткост во праксата на САД и значи јасна порака за важноста на Македонија во геостратешката игра, но и порака за силно признавање на интегритетот на Република Македонија“ се вели во соопштението на ТМРО кое го пренесува www.mkd.mk
Здравко Савески од Левица, денес на својот фејсбук профил објави своевидна критика на оваа одлука на власта. Тој смета дека со овој настан се „билда“ милитаристичкиот дух и се добива фасцинација од оружје кое на крај треба и нашата армија да го има.
„И, забележете го детето на сликата! Треба и со деца да се оди на овој настан!? За од мали да се учат на милитаристичките вредности, а не на вредностите на мирот и ненасилно решавање конфликти?!“ додава Савески.