Смотан реваншизам

Дволична е радикализацијата на населението во Репулика Македонија. Впрочем, да не бидеме цинични, радикализацијата на луѓето и надвор од Република Македонија е дволична. Тој феномен воопшто не е поврзан со државата, бидејќи е последица на доста поглобална појава, која го зафати светов изминативе неколку децении – постмодернизмот.

Постмодернизмот, кој тргна од позицијата да го спори постоењето на објективната вистина, успеа да стане банализиран од луѓе кои не го разбраа (или им одговараше да не го разберат) и резултира со идејата дека секој проблем е подеднакво важен (или неважен), секое дејствување е подеднакво ефективно, сечија болка е подеднакво голема. Одеднаш се легитимизираше изборот на битките во кои човештвото бира да влезе, бидејќи сите станаа подеднакво важни.

Но, човекот ја чувствува репресијата, која врз него се врши од страна на проблемите кои тој не ги адресира. Тој можеби смета дека секој проблем е исто важен, но сите проблеми не сметаат дека треба подеднакво да го удрат. И гневот во него расте, но тој гнев не може да биде инструментализиран во важните борби, бидејќи важни борби денес нема. И кога тој гнев ќе резултира со радикализација на населението, веројатноста таа радикализација да биде усмерена кон проблемот кој навистина нанесува штета е многу мала.

Деновиве сме сведоци на една таква неусмерена експлозија на гнев кај населението. Овојпат, на мета се кучињата – новата опасност по детските животи. Труењето, кое на нив им се случува комплетно ја покажува дволичноста на радикализацијата. Никогаш македонското население не се радикализираше против загадувањето на воздухот, кое убива многу повеќе деца, отколку што кучињата касаат. Македонското население никогаш не се радикализира против рудниците на смртта, кои се планирани за отворање низ југоисточна Македонија, кои ќе убијат многу повеќе деца, отколку што кучињата касаат. Македонското население никогаш не се радикализира против сиромаштијата, против лошото здравство, против големите корпорации, против бројните приватизации, кои убиваат многу повеќе деца, отколку што кучињата касаат.

Ние знаеме дека има проблеми. Ние ја чувствуваме болката. Нашиот гнев е оправдан, но тој е изгубен и лута во просторот, бирајќи погрешни кривци. Денес, кучињата се на мета, утре ќе бидат ромите, задутре албанците. До кога? Потребно е да ги разгледаме вистинските причини на проблемите во нашето општество. Сѐ додека не го сториме тоа, радикализациите ќе бидат залудни и единствено ќе резултираат во смотан реваншизам врз случајно избраниот кривец, под паролата дека „секоја борба е подеднакво важна“.

Текстот е пренесен од електронското гласило Антропол.

|2017-12-12T11:04:11+00:0012 декември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|