Смена на Зврлевски не значи пофункционално обвинителство

СКОПЈЕ, 17. 08. 2017 – Дванаесет дена траеше дебатата во Собранието за разрешување на Јавниот обвинител Марко Зврлевски. Расправата за разрешувањето на Зврлевски започна на 12 јули, додека пак синоќа претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека, денеска ќе се гласа за предлогот на Владата за разрешување на Марко Зврлевски. Повеќе од десет дена, опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку најразлични правни методи се обидуваше да го пролонгира разрешувањето на Зврлевски. Денес, на седницата која е посветена на разрешувањето на првиот човек на Јавното Обвинителство (ЈО), тие нема да присуствуваат.

Зврлевски во минатото, кога Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) беше во опозиција, беше ословуван како инструмент на извршната власт со која владееше ВМРО-ДПМНЕ. Особено, контроверзен беше делот кога по објавувањето на т.н. „бомби“ на СДСМ, ЈО не презеде никакви дејствија за истражување на објавените сомненија за криминални активности на тогашната власт. ЈО, процесираше обвинение со наслов „Пуч“, потегнато против лидерот на тогашната опозиција, Зоран Заев и неговите соработници. Подоцна тоа обвинение беше преземено од страна на Специјалното Јавно Обвинителство (СЈО), коешто се откажа од предметот поради немање на докази.

По истекување на мандатот на СЈО и непроцесирање на делата поврзани со случајот со Смилковско езеро и Кумановските настани, жешкиот костен за овие случаи, ќе падне во рацете на новиот обвинител. Многу критики беа упатени до начинот на функционирање на СЈО. Критиките беа од страна на сегашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ која за СЈО сметаше дека, претставува инструмент во рацете на СДСМ. Исто така, критики имаше и од страна на семејствата на обвинетите за случајот кај Смилковското езеро, познат во јавноста како „Монструм“.

Едно од главните прашања е тоа дали новиот обвинител ќе биде објективен, ќе се држи до законот и дека ќе направи организациски промени во обвинителството, без притоа да служи на некоја партиска инстанца или инстанца на моќта.

Стручните лица едногласно сметаат дека, е потребна структурна интеревенција и оневозможување на политички и партиски влијанија врз обвинителството.

Правникот Владимир Патчев, смета дека, со разрешување на Зврлевски би требало да има позитивни импликации, меѓутоа структурното зајакнување на обвинителството би требало да биде еден од приоритетите. Според него, проблемите во обвинителството се структурни, а истите овозможуваат политичките партии да влијаат врз обвинителството. Тој проблемот го лоцира во внатрешната раслоеност, недоволниот и несоодветен кадар, но и финансиската слабост, со што на крај носи до разгранет орган каков што е СЈО.

„Обвинителството мора да биде и финансиски независно, а мора да биде и институционално независно. Мора да ја најде својата позиција во правниот систем, која ја знае само формално правно“ смета Патчев.

Димитар Апасиев, Универзитетски професор по Судско право и член на Президиумот на политичката партија Левица, смета дека, разрешувањето на Марко Зврлевски претставува еден од првите и нужни чекори кој поради неговата нестручност и компромитираност ја уназадуваше правната држава и владеењето на правото.

„Но, самата персонална промена не мора да значи и подобрување. Потребна е системска интервенција (покрај нов ЈО). На пример, СЈО во иднина ќе мора да се интегрира во правосудниот систем на РМ. А исто така, ќе мора да се воведе и императивна норма за задолжително кривично гонење во случај на индиции добиени од државните ревизори (ова особено во случај на финансиски криминал)“, истакнува Апасиев за Гласник.

Неодамна, на својот фејсбук профил, Апасиев повика до обвинителството, новиот обвинител кој ќе биде избран да ги повлече обвиненијата против протагонисти на Шарената револуција. За два предмети кои се однесуваат на настаните од 13 април 2016 година, бескрајно се одложуваат судските рочишта. Станува збор за Здравко Савески и Мариглен Демири, кои седнаа на обвинителна клупа, но и после повеќе од една година, нема судско разрешување на нивните случаи. Според Апасиев, законот за јавно обвинителство му овозможува на новоизбраниот јавен обвинител да ги повлече обвиненијата. Станува збор за членот 26 став 1 и 3 од основните одредби.

„Јавниот обвинител на РМ може да го преземе кривичното гонење и вршењето на одделни работи за кои е надлежен виш или основен јавен обвинител (став 1)“.

„Преземањето на постапувањето по конкретни судски предмети може да се случи во случај кога дотичниот јавен обвинител непрофесионално и нестручно постапувал и не ги преземал потребните законски дејствија, како и поради незаконско, ненавремено или немарно вршење на функцијата јавен обвинител (парафраза на став 3)“.

|2017-08-17T12:51:54+00:0017 август 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано|