Слава му на Коста, да живее Монмартр!

Во саботата на 13.3.2021 година на 86 годишна возраст почина познатиот битолски ликовен уметник и педагог Коста Хаџи-Антоновски. Хаџи-Антоновски беше познат по неговото ревносно борење за отворање можности за ликовно образование и воспитание на најмладите кои сакаа да се заминаваат со уметност. Тој беше основач на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“, но и основач на познатата детска ликовна колонија „Мал битолски Монмарт“. Последните години бевме сведоци на борбеноста на овој човек за добивањето финансиска помош од државата и општината за одржување на овие две значајни просветно-културни установи во Битола.

Во Битола нема многу културни установи што може да се каже дека работат со полна пареа, а тоа се должи на централизацијата во Скопје, масовното иселување, летаргијата на тие кои се во Битола и многу други општествени фактори. Точно е и дека „Мал битолски Монмартр“ имаше пославни години од последните неколку, но веројатно тоа се должело и на младоста на уметникот што, ете, некни го заврши своето животно дело.

Сеќавањето за детското ликовно студио ќе остане кај многумина луѓе кои денес живеат и работат во Битола, а во својата младост оделе да учат сликарство, вајарство, графика кај наставникот Коста, другите пак, можеби се веќе и самите ликовни уметници или наставници по ликовна уметност, третите можеби и не паметат многу од тие часови, но знаат за важноста на овие две установи кои ја украсуваа битолската чаршија.

Коста Хаџи-Антоновски и луѓето кои му помагаа низ годините да ја одржи во живот идејата за развој и напредок на градот и граѓанството преку афирмација на ликовната уметност ја украсуваа не само чаршијата, ама и градот Битола. Овие две просветно-културни установи на некој начин успеаа да ја преименуваат и чешмата во чаршијата, па така од горната чешма, таа со текот на годините го доби името чешмата кај Монмартр. Муралот на „Петелот“ кај дрвениот мост на Општина Битола, конкурсите за учество на „Мал битолски Mонмартр“, глетките на странските млади уметници дојдени да ја насликаат Битола, сите тие создадени слики денес сигурно будат нечии спомени од престојот во градот под Пелистер, или градот под РЕК – Битола ако некој милува еколошки да ја именува Битола.

Едно лето, пред да се запишам во гимназија кај Мал Безистен со татко ми го сретнавме Далибор. Далибор беше апсолвент на Ликовната академија во Сарајево. Неговата слика уште ми е останата во сеќавање иако не знам дали и татко ми се сеќава на неа. На прекрасен начин го имаше претставено ридот над нашиот град што е сокриен од Домот на народното здравје и покриен со куќите на Баирчани. Гледајќи во неговото дело очите навистина ме тераа да го гледам тој мал дел од ридот што останал жив во моментот кога го сликаше. Во разговорот со Далибор дознавме дека и во Сарајево не било нешто многу подобро од што тогаш беше кај нас. Тој ни раскажа дека нивното општество сѐ уште се опоравува од војните што не зафатија со распадот на социјализмот. Денес, си го поставувам прашањето дали Босна ги преброди тие настани, но не знам дали го имам одговорот. Не знам ниту дали нашето општество ги надминува конфликтите што ние сме ги имале. Веројатно, тоа е прашање што секој треба почесто да си го поставува.

Еден мај Битола имаше гости од Народна Република Кина. Значајните културни разлики помеѓу Кина и Македонија нѐ натераа да одиме и да видиме како сликаат Кинезите, како разговараат со нас, како се задоволни од нашиот град, како ја доживуваат Битола, но и Пелистер, Преспа… Нема подобра шанса за учење на туѓата култура од размената на идеи, мисли, ставови, патувањето, пречекот на гости од друго поднебје, создавањето свест за разликите, но и за можноста на еден град да прими нешто ново.

Другар ми Џоџо додека живееше во Битола, еднаш ми кажа дека Битола живее од мај до октомври, а дека животот започнува со „Мал битолски Монмартр“, а завршува со „Браќа Манаки“. Битола е ладен и загаден град, па веројатно затоа и јас уште најмногу ја сакам во лето. Во лето човек лесно може да се спушти со велосипедот до Бистрица или Кисела вода, ако стане наутро може да оди до Смолево, а ако му е мака ноќе може да шета в парк иако денес немаме нови паркови, а малку ги одржуваме и старите.

Така, ланскиот мај не осамна кризата со пандемијата, а оваа година мај ќе не осамне со нов затворен дуќан во Чаршијата – Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ и Детската ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“. Зошто во Битола е тешко да се одржат институциите што можеби треба да ги зачуваме и подобриме? Зарем на толку затворени дуќани треба да го затвориме и овој? Како ќе го дочекаме ова лето? Без настанот што во последните четириесет години го навестуваше живеењето на Битола? Зарем овие две значајни просветно-културни установи не треба да добијат конечно општинска грижа?

Градот, Општината и Чаршијата треба да најдат начин како да ги задржат институциите што се грижеле за развојот и напредокот на Битола за да можат и идните генерации да ги продолжат идеите што ние денес ќе ги започнеме. Коста навистина бил домаќин човек и се грижел за својот град. Тој се грижел за тоа што го нашол, а се потрудил да остави повеќе за идните генерации. Точно затоа големите луѓе избираат на своите идеи да им дадат мали имиња како „Мал битолски Монмартр“ – за да ни ја остават можноста ние да ги сториме големи, должноста е на сите нас да ги направиме подобри од тоа што ќе ги најдеме.

Слава му на Коста Хаџи-Антоновски за неговото животно дело. И не да се надеваме, но да бараме и да работиме „Мал битолски Монмартр“ и Детското ликовно студио да продолжат да живеат и по смртта на нивниот основач, само така Битола ќе покажи дека го вреднува своето минато, но и дека ја планира својата иднина.

 

Никола Шиндре

|2021-03-15T08:50:57+00:0015 март 2021|Актуелно, Вести, Култура|