Скриениот труд на големите податоци

ИВАН МАЛМГРЕН (EVAN MALMGREN) – извор: Jacobin, преземено од Antropol

Кој ги поседува вашите податоци? Навикнати сме да прифаќаме непрочитани договори за користење на услуги, но се повеќе, тоа станува прашање на егзистенција. Компаниите за испорака, како УПС или Амазон ги микронменаџираат своите вработени, користејќи напредни надзорни мрежи, додека меѓународните трговци и ланци на ресторани за брза храна, сега генерираат распореди за вработените, со комплексни, ефикасни алгоритми, користејќи податоци. Технологиите „паметна фарма” на Монсанто, имаат масовен и значаен увид во податоците на независните фармери, додека возачите на Убер можат дури да помогнат во развивањето на нивната самоуправувачка замена, преку/со градење на возачки бази на податоци со невидена големина и деталност.

Капиталистите долго време прибираат податоци од нивните вработени, без компензација, но, во последно време, пролиферацијата на мрежните паметни технологии – “интернетот на нештата” – го проширија таквиот надзор вон работното место, додавајќи димензија на неплатено создавање на вредност во нашите животи. Дигиталните трговци нè профилираат, за да ни дадат целни препораки; стриминг услугите ги учат нашите вкусови, за да предвидат во која содржина ќе уживаме; фитнес апликациите ги следат нашите калории и чекори за да ни помогнат да донесеме “поздрави” одлуки. Можеби наскоро, очилата за виртуелна реалност, ќе ги следат движењата на очите и спонтаните, ретинални активности.

Вообичаено, овие технологии ги доставуваат нашите лични информации на приватните компании, каде од увидот во нашите навики за купување, интереси, и функции на телото, се извлекуваат големи профити. Големите податоци не можат да постојат без наш инпут (влез), и пазарот за анализа не би можел да порасне/прерасне во индустрија од 130 милијарди долари, без широка соработка. Како што пасивното прибирање на податоци додава нови слоеви на невидлив труд во работниот ден на „паметниот фармер”, така се повеќе нашето слободно време се трансформира во продуктивна работа.

Опкружување на заедничкото

Кога алгоритмот на Гугл, ПејџРанк започна да се шири низ интернетот во 1996, Лери Пејџ и Сергеј Брин несвесно започнаа нов процес, давајќи му сосема ново значење на каналот на информациите. Сортирањето на се поголемиот кеш на УРЛ-адресите преку густина на линкови и статистика од ангажманот на корисниците, докторантите на Стенфорд на крајот развија алгоритам кој го аутсорсираше нивниот пребарувач на својата клиентела, корисниците на бесплатниот сервис. Корисниците го зајакнуваат алгоритмот, едноставно преку пребарување на интернет, привлекувајќи повеќе корисници кон подобрениот продукт, а тоа, од своја страна, генерира поголема база за понатамошно усовршување на пребарувачот.

Како идеална форма на „доблесниот круг” на неокласичните економисти, овој процес е еден од првите јасни примери на големите податоци создадени од консумери. Беше иновативен затоа што го сведе чинот на масовно производство – создавање на корисни податоци – во чин на масовно консумирање, со конечно донесување на конкурентите како АлтаВиста, ХотБот и Вебкраулер (како и прекодираните веб портали како МСН, АОЛ и Ликос) во заборав на грбот на скриената работна сила.

Малкумина знаат дека во 2001, Гугл тивко размислуваше за поместување од овој “доблесен круг” тестирајќи систем за гласање кој би им дозволил на корисниците транспарентно да влијаат врз рангирањето на нивните истражувачки резултати. Ко-основачот на СајтЛаб Дана Тод го нарече овој поангажиран приод „свесен за корисниците”, но алатката за транспарентност никогаш не излезе на пазарот. Како што Гугл откри, масовното прибирање на податоци најдобро функционира на прикриен и индиректен начин.

Активна директна замена – како на пример со пополнување прашалник или анкета за услуги на клиентите – го открива трудот кој е вклучен во „хранењето” на магичниот алгоритам. Наместо избирање на активнo поканување, Google го интензивираше своето пасивно прибирање на податоци, зголемувајќи го својот дофат за да ги вклучи Вашите движења во физичкиот простор (Гугл Мапи), очекувана иднина (Гугл Календар), и метрики за секојдневна употреба на интернетот (Гугл Хром). Овие акумулирани множества на податоци се сите екстензии на она што страницата за приватност на компанијата го нарекува „нештата кои ве прават тоа што сте”.

Овие скриени размени бргу станаа централни, не само за Гугл, туку и за бизнис моделот на Амазон. Левијатанскиот интернет трговец започна да ги монетизира личните податоци на корисницте отприлика во исто време како и Гугл, користејќи широк сет на индивидуална купувачка историја за да „храни” алгоритми кои градат индекси на сличност од предмет до предмет и алатки за профилирање на консумери уште во 2003 година. Компанијата бргу се етаблираше како пионер во насочено интернет рекламирање, користејќи метаподатоци како комплексен систем за препораки. Се чини дека Амазон ја автоматизираше работата на корисник службеник во малопродажбата, но во реалноста, компанијата само ja наметнува работата на службеникот врз самите консумери, да се спроведува во рамки на самиот акт на консумирање.

На прв поглед, можеби се чини дека овој модел перфектно ja одекнува изреката на филмскиот критичар Анет Микелсон од 1979, дека во ерата на телевизиското рекламирање „вие сте крајниот продукт масовно доставен до објавувачот на рекламата.” Но економијата на податоци се покажа како малку покомплексна: Гугл и Амазон започнаа да ги прибираат податоците на консумерите исто како што другите рани интернет титани се бореа да ја монетизираат нивната популарност. Во тоа време, објавувачите на реклами беа претпазливи на интернетот, на кој му недостасуваше „заробената” публика на телевизијата, и покажуваше слаб поврат на претворање на вниманието во профит. Гугл и Амазон го заобиколија проблемот преку претворање на нивните глобални пазари во работна сила. Додека Гугл се потпираше на инпутот од корисниците за градење на доминантен продукт, Амазон ги претвори своите клиенти во масовен персонализиран маркетинг тим. Двете компании ги претворија податоците за нивните корисници во вредна стока, сама по себе.

Така, со промена на поговорката на Микелсон, во ерата на дигиталните комуникации, вашите податоци – наместо самите вие – се масовно доставениот продукт. При повторна употреба на ангажманот на консумерите како реални добра и услуги, Амазон и Гугл демонстрираа дека слободно екстрактираните податоци може да се претворат во профит. Не е случајност тоа што овие компании лесно го преживеаа пукањето на дот-ком меурот, или дека нивните модели речиси ја дефинираа „интернет 2.0” генерацијата која следеше.

Од сјајните интернет компании овозможени со паметните телефони, кои се кренаа од пепелта на дот-ком колапсот, Фејсбук е најсветол. Замислен од почеток како монетизирачка корисничка база на податоци, социјалната мрежа на Марк Зукерберг направи повеќе измени на дизајнот пред утврдување на изгледот на страница која ги принудува корисниците да откријат максимално количество лични информации. Како што ги штиклираме кутиите на веб страницата, ги пополнуваме формуларите, и си играме во песокта од „допаѓања“, објави и реакции, алгоритмите преминуваат низ нашите интернет себства и аплицираат анализи за предвидување на нашите политики, приходни групи и затскриени лични интереси.

Овие детални профили се пакуваат и се продаваат масовно на објавувачите на реклами, без дознаки за консумерите-производители, чиј труд им дава вредност. Со пријавен годишен прилив на приход од повеќе од 27 милијарди долари на крајот од 2016, Фејсбук стана една од најголемите интернет компании, надмината само од Амазон и Гугл, чии пријавени приходи за 2016 беа соодветно околу 136 и 90 милијарди долари.

Овие компании изградија индустрија од собирање и маркетизација на сеопфатни метаподатоци- поврзувајќи синџир од мали детали кои стануваат повредни како што раснат во комплексноста. Едвард Сноуден корисно ја објасни моќта на метаподатоците со пренос во живо, во 2015: Метаподатоците се многу слични на она што го прават приватните детективи кога следат некого. Тие не се ни доволно блиску до тебе, кога седат зад вас во кафуле, за да го чујат секој збор што ќе го кажете во доверлив разговор. Но, тие ќе знаат каде сте биле, ќе знаат со кого сте се сретнале, ќе знаат кога сте го направиле тоа, ќе знаат кога сте заминале, ќе знаат каде сте заминале. Кога ќе добиете збир од ова, ја кажувате целата приказна за нечиј живот.

Facebook не само што го знае љубовен статус, нештата кои “ви се допаѓаат”, и каде сте ги направиле вашите профилни фотографии- тие исто така ги поврзуваат овие информации за се што правите на надворешни апликации на кои сте пристапиле преку Facebook, или на која било веб страница на која сте пристапиле оттаму. Ова им дозволува да ги поврзат вашите одлуки на Тиндер со вашите трансакции на Венмо; вашите возења со Убер со вашите Инстаграм следачи; вашите нарачки на Семлес со вашите преферирани извори на вести и како пристапувате до нив. Исто и со Гугл: Доколку имате инсталирано Гугл Мапи на вашиот паметен телефон, технолошкиот гигант може да ги процесира сите ваши движења покрај вашата историја на пребарувања, претплати за билтен, омилени видеа на Јутуб, и се што правите на веб страниците со Гугл+ копче.

Се разбира, би било невозможно да извлечат корисни шеми/модели од оваа огромна бучава без екстензивна материјална инфраструктура. Од оваа причина, големите податоци се нарекуваат новата нафта: безвредно е во својата сирова форма, но станува богатство со правилна обработка.

За да се илустрира акумулацијата на капиталот позади оваа екстракција на богатство од податоци: Твитер закупува околу една петтина од центарот за податоци во Атланта од 990,000 квадратни стапки, каде чува над пет илјади петабајти податоци, процесира, кешира и анализира над половина милион твитови дневно; Седумте центри за податоци на Фејсбук се движат со големина од 160 000 до 487 000 квадратни стапки, компанијата тврди дека има вишок од 3.6 милијарди во „опрема за мрежи” на крајот на 2015; и Гугл троши повеќе од 5 милијарди по четвртина на секоја од шеснаесетте масовни центри за податоци, лоцирани на четири континенти и чувани на повеќе од милион сервери. Овие колосални бариери за влез значат дека новодојдените не се во можност да се натпреваруваат со етаблирани големи компании за податоци, и не можат слично да екстрактираат/вадат вишок вредност од ангажманот на корисниците со бесплатните сервиси. Како резултат, мал број на технолошки гиганти уживаат речиси монополска контрола врз најголемиот дел од нашите метаподатоци.

Покрај тесната концентрација на сопствеништвото, можноста да се обработат големи количини на лични информации сепак резултираше со некои придобивки за индивидуите и општеството во целина. Гугл приоретизира вести кои генерално ми се интересни, Тикетмастер ми испраќа персонализирани известувања за настани засновани на артисти кои ги следам на СаундКлауд, и секогаш ги забележувам спонзорираните објави кои најавуваат празнична распродажба на одредени социјалистички списанија. На макро ниво, големите податоци имаат позитивни импликации и за урбанистите кои сакаат да дизајнираат паметни градови, здравствени професионалци кои сакаат да предвидат епидемии и да излечат зарази, и инженерите кои сакаат да идентификуваат или дури и да предвидат нови проблеми за решавање.

Сепак, не можеме да заборавиме дека ние го овозможивме развојот на големите податоци– ние сме креаторите на неговиот конститутивен бит – а не само од магични центри за обработка. Просечниот корисник на Фејсбук грубо вредеше 15 долари годишно на почетокот на 2016; за Гугл, таа цифра е околу 33 долари. Ова се можеби мали бројки, но тие стануваат масовни кога ќе се помножат со големата база на консумери, и само ќе продолжат да растат какошто аналитичките фирми и технологиите за машинско учење ќе ги унапредат нивните капацитети за обработување на сирови податоци во профитабилни увиди.

Секој би очекувал надоместок за учество во здравствена студија, или за седење на консумерски панел на тестирање на продукт. Сега, кога ние го обезбедуваме овој тип на услуги за податоци од далечина, единствената разлика е поголемиот степен на отуѓување. Ние не очекуваме исплата за нашите податоци едноставно бидејќи нивното создавање не се смета за „работа“.

Во потрага по алтернативи

Трудот треба да биде разбран – и компензиран – во смисла на создавање на вредност, а не степен на присила. Луѓето може да сакаат да се вклучат во активности за создавање на вредност по сопствена волја, но тоа не значи дека ние треба да го дозволиме овој нов начин на концентрирање на богатството во рацете на релативно мала група на програмери и технолошки директори. Ако не успееме големите податоци да ги препознаеме како општествен проект, ние ризикуваме упропастување на неверојатно техничко достигнување: можноста слободното време да се претвори во материјална корист.

Ова унапредување, не нужно ни сигнализира придвижување кон пост-трудово општество, туку во општество во кое трудот се повеќе е вграден во волонтерски, дури и пријатни активности. Оваа унификација на работата и забавата е централна во Марксовата утописка визија, прикажана во Критика на Готската Програма, општество во кое “трудот не само што стана средство за живот, туку и примарна животна потреба”

Утописките социјалисти како Шарл Фурие, едно време замислуваа идно општество во кое продуктивната работа ќе заземе форма на лично задоволство и креативно исполнување, дури и заскитување во териториите на неверојатна екстравагантност. Ние веројатно нема целосно да избегаме од неопходноста за повремената неблагодарна работа на животот, или да стигнеме до нешто што наликува на Фуриеовиот „Фаланстер“, но нема причина да се одбие можноста за реализирање на оваа визија во ограничена или парцијална форма.

Ако можеме да наметнеме право на сопственост на личните податоци, може да се замисли иднина во која платите се зголемуваат за да компензираат за информациите прибирани од постоечкиот труд, и работниот ден е намален благодарение на дополнителната вредност собрана од времето на мирување. Големите податоци веќе додадоа продуктивни елементи во многу сегменти од консумирањето, и на многу нешта кои ние веќе секојдневно ги правиме. Ако го реализираме целосниот потенцијал на големите податоци; неопходната политичка задача е да се бара признание на скриениот труд вклучен во неговото конструирање.

Извор: Јакобин

Превел: Христијан Петрушев

|2017-05-23T12:35:49+00:0016 мај 2017|Актуелно, Став|