Дијалог со Симона Димковска за нејзиниот сон спроти Денот на ослободувањето на Скопје од фашистите
Симона Димковска е млада актерка од Скопје, која што дипломирала на Драмската академија во Скопје, а активно се залага за возобновување на просторот т.н. „Купрум“ што треба конечно да премине во рацете на студентите и младите и да отпочне процесот на демократизација на јавниот простор во овој град.
Таа денеска се обиде да ни го раскаже својот сон за ова неколкупати препродадено место на кое што неправедно му е одземена можноста да стане простор за младите, катче од градот каде што ќе може некој млад човек да ја сретне својата симпатија и гласно да ѝ каже дека ја сака.
Наќије Бајрам и Роса Плавева очигледно се горди на денешните млади Скопјанки кои повторно ги покреваат феминистичките прашања во ова општество. Жените иако побројни од мажите поседуваат помалку имот од нив, па борбата за парче јавен простор е борба за жените, борба за младите, за девојките.
Никола Шиндре: „Симона, сонот не секогаш се памети откако ќе се разбудиме. Како и кога се сети на твојот сон за оживување на „Купрум“ и негова рехабилитација?“
Симона Димковска: „Иницијативата за Купром што ја започна Здружението „Културно Ехо“ пред две години има своја позадина како и останатите иницијативи што ги води. Генералната идеја за мапирање на напуштени објекти, со цел иницирање нивна пренамена за општо добро, се роди по едно кратко патување до Барселона. Вев воодушевена од тоа како секој метар квадратен во градот има свое значење и функција. Таму го запознав Томас Ромеро, студент по архитектура со кој разменивме идеи и по враќањето во Скопје го напишав проектот „Напуштени можности“. Знаејќи дека се работи за комплексна и обемна работа, со група млади ентузијасти го оформивме Меѓународното здружение „Културно Ехо“ и започнавме со изработка на дигитална мапа на која ги забележавме напуштените објекти во нашата позната околина. Еден од тие објекти кои први се најдоа на мапата беше Купром. Набргу дознавме дека има повеќе магистерски трудови од млади архитекти кои работеле токму на тема ревитализација на овој индустриски комплекс. Сумирајќи ги тие информации, анализирајќи ја локацијата, близината на најголемиот Студентски дом „Гоце Делчев“, како недостатокот од студентски културен центар, спонтано дојдовме до иницијативата за „Купром – Студентски град“.“
Н. Ш. Денес се повеќе се зборува за меѓусебно зависење на едни од други. Како сонуваш да се продолжи идејата за поправедна распределба на јавниот простор низ иницијативата за таа стара фабрика, а нов студентски дом?
С. Д. Скопје е град на можности и токму Купром е еден таков пример. Напуштениот индустрски комплекс има огромен потенцијал за негова реупотреба, процес кој ќе го освежи урбаното ткиво на Скопје, но и ќе сврти нова страна во пристапот кон урбанистичкото планирање. Ова може да биде мала но значајна победа врз непланското градење на национално ниво, а произлегува од недостаток на функционална стратегија за одржлив урбан развој.
Конкретно, замислата за Курпом останува непроменета, и се’ уште е во линија со доставената иницијатива до Влада на Република Северна Македонија при отворен ден за граѓански иницијативи, односно негова пренамена во Студентски Град. За жал, Купром денес се’ уште претставува контаминирана, напуштена, незаштитена и неправилно оградена урбана средина, а ние го предлагаме токму спротивното, добро уреден јавен простор, исполнет со урбано зеленило и содржини во интерес на младите и културата со акцент на образовниот процес во поширока смисла.
Инспирирани од фактичката состојба на целиот индустриски комплекс, Културно Ехо во соработка со невладината организација „Сити Скоп“ низ процес на заемен дијалог, работиме на можно сценарио за реупотреба на оваа парцела, а каде ги предвидуваме следниве содржини:
-Јавен простор или плочник за комуникација и поврзување на самите објекти;
-Зеленило како мини парк и простор за одмор;
-Зелени површини за спорт и рекреација и
-Аудиториум на отворено за разни културни настани.
Горенаведените содржини може да се видат и во дигиталниот формат на нашата заедничка публикација „Купрум-Рудник на (Суб) Култура)“. Ситуацијата на објектите овозможува различно партерно уредување, со оглед на тоа дека со новопроектираната состојба од вкупната површина на фактичката парцела останува неизграден простор од 18 147 м2, додека изграденоста е само 20% односно 3329 м2. Оваа мала изгаденост на парцелата, создава услови за нови 18 147м2 урбано зеленило во Општина Ѓорче Петров, но и Градот Скопје во целост, факт што не смее да се занемари.
Земајќи ја како пример објектот на производната хала 1, која се карактеризира со високи тавани и вкупна површина од 3 985м2, таа има потенцијал и овозможува современи и креативни архитектонски решенија во линија на максимизирање на искористувањето на просторот преку употреба на модуларни и движечки ѕидови/панели. Со ваквиот пристап се акцентира потребата од мултифунционалност и повеќенаменската употреба на просторот.
Во тој контекст, веруваме дека со претходна реконструкција и санација на објектот во него може да се акомодираат следните содржини од културен и угостителски карактер:
-Концертна хала 998м2;
-Аудиториум 645 м2;
-Центар за дизајн, иновација и едукација 645м2;
-Изложбен простор 172м2;
-Влезен дел, холови, гардеробери, инфо пултови 305м2;
-Администрација 600м2
-Ресторан/менза и угостителски простории 620м2.
Исто така, останатите објекти во склоп на индустрискиот комплекс имат потенцијал да ги задоволат потребите на современиот млад човек. На пример, за котларата предвидуваме пренамена во читална/библиотека, со кафе бар. Административната зграда да биде пренаменета во сместувачки капацитети за студенти, уметници, визитинг професори и др.
За крај, нашата замисла за Купром е потребна, радикална, храбра и реална општествена промена која ја бараат младите и без исклучок, значително ќе придонесе за зголемување на квалитетот на живот на оваа категорија но и сите граѓани во целост.
Н. Ш. Младите луѓе имаат многу малку јавен простор што можат да го користат за да разменуваат идеи и мисли. Како го замислуваш просторот на кој што треба да му се даде праведната намена?
С. Д. Младите имаат потреба од автентичен простор каде ќе може да се фокусираат на социјален, професионален и личен развој. Ваквиот простор не може да биде насилно наметнат, не може само да се изгради однадвор, напротив потребен е инклузивен процес со вклучување на младите за посакуваните резултати да бидат достижна цел, а не само „стратешка цел“. Купром е една таква иницијатива. Впрочем, во неколку наврати го повторуваме ставот дека реупотреба на ваквите простори е воспоставена европска пракса и без исклучок, сите вакви центри фунционираат, дел од нив се делумно или самоодржливи.
Како долгогодишен пример на една ваква иницијатива и успешна приказна од нашето соседство, на Балканот може да се земеме автономниот културен центар „Метелкова место“. Поранешна касарна на ЈНА, во центарот на Љубљана, повеќе од 25 години е простор кој активно образува, создава култура и развива критичка мисла. Слични но понови примери имаме во речиси сите држави на Балканот, пред 3 години се формираше „Термокис“ во Приштина, а само пред 1 година „Узина“ во Тирана, и двете во склоп на напуштени фабрики, „освоени и пренаменети“ од млади прогресивни луѓе.
Купром го замислувам како таков простор кој ќе се најде на балканската мапа на слични простори и ќе иницира регионално вмрежување и соработка.
Н. Ш. Борбата за јавното е одамна почната. Низа на буни и револуции стои зад нашите слободи и права. Каква борба ќе се бори за овој простор?
С. Д. Ова прашање е меѓуресорско од причина што има повеќе институции кои се надлежни од чии што одговор и завземање зависи иднината на оваа иницијатива, како и низа од други последователни чекори кои ќе произлезат доколку се превземе одговорност да се реши моменталната состојба.
По успешно реализираната конференија „Студентски град, сега“ , следен чекор што планираме да го превземеме е доставување на инцијатива до Град Скопје со цел во новиот ГУП да се впише нова намена на место на оваа парцела/локација, односно да биде култура со компатиблини намени како образование, со вклучување на бизнис секторот и запазување на приватниот интерес. Идеата е овој простор да биде пример за хармонија и коегзистрање на јавен и приватен интерес, наспроти досегашната пракса „ обезвредни, сруши, направи зграда“.
Н. Ш. Како сметате дека студентите можат да се приклучат кон оваа борба за Купрум?
С. Д. Со обединувањето на студентите во универзитетско студентско собрание како тело кое што ќе ги застапува и ќе се бори за нивните права и потреби, во рамките на работните групи со институции како министерството за образование и наука да го отворат прашањето за студентски град кое што беше и дел од националната стратегија, но сега веќе не е. Што се смени? Дали студентскиот стандард е подобар па веќе нема потреба од борба? Дали е доволно потпишување на декларации што не се спроведуваат во пракса? Ако сонувате за студентски културен центар треба да се изборите. Ако нашата иницијатива за пренамена на поранешена фабрика во студентски град е во линија со вашите потреби и желби приклучете ни се.