СКОПЈЕ, 12.07.2017 – Пред неколку дена, беа отруени 25 вработени во фабриката „Леар“ во Тетово. Иако Агенцијата за храна и ветеринарство, во своето соопштение до медиумите тврдеше дека храната ги исполнувала сите хигиенски услови, редакцијата на Гласник побара мислење од страна на претставници на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија за овој случај. Оттаму сметаат дека „работодавачот е најодговорен за состојбите за хигиената во кантината“ кајшто се хранат работниците.
„За положбата на вработените во оваа фабрика, за жал, СИЕР нема конкретни информации. Познато е сепак дека најголем број од работодавачите снабдувањето со храна го доверуваат на други, односно храната не се подготвува во нивните простории (аутсорсинг). Тоа во никој случај не ја исклучува одговорноста за квалитетот на храната што ја добиваат работниците, особено во летните месеци кога ризикот од побрзо расипување на храната е многу поголем“ додава Маре Анчева, генерална секретарка на СИЕР.
За можноста за синдикално здружување и заштита на работниците, од СИЕР споделуваат дека е отежнат ваквиот начин на здружување.
„За жал, работниците во индустриските зони и во сите гринфилд и браунфилд инвестиции се практично ставени во положба да им се попречува синдикалното организирање (иако не отворено) со самото тоа што се со договори на ногу кратки рокови, така што секоја активност во правец на остварување на правото на организирање се плашат дека ќе доведе до непродолжување на нивниот договор“ истакнува Анчева за Гласник.
Останува прашањето, дали овојпат надлежните институции ќе притиснат посилно за преземање одговорност на раководството на фабриката. Државата и институциите во име на подобрување на бизнис климата често знаеле да прогледаат низ прсти после вакви инциденти по фабриките во Македонија. Со доаѓањето на новата власт, оптимизмот кај работниците е на повисоко ниво од обично, но и одговорноста на новите власти е исто така поголема. Решавањето на проблеми од овој вид ќе го подобри квалитетот на живот на работниците и истите нема да се плашат за нивната социјална и здравствена стабилност.