Во сеќавање на Федерико Гарсија Лорка

На 19 Август 1936 година е стрелан шпанскиот поет, лиричар, драмски писател и музичар Федерико Гарсија Лорка од страна на фашистите на шпанскиот фашистички генерал Франциско Франко. До денес не се најдени посмртните останки на поетот. Лорка имал доста напредни идеи, ставови и размисли за времето во кое што живеел и творел, а особено тоа им сметало на фракистите, па месец дена по отпочнувањето на немирите во Шпанија познатиот геј поет Лорка бил убиен во близина на неговата родна Гренада. Во негова чест денес ќе објавиме три песни од Федерико Гарсија Лорка, а во препев на Матеја Матевски: „Ноќ“ („Песната на Канте хондо“, 1921), „Смрт“ („Поетот во Њу Јорк“, 1929-1930) и „Песната сака да е светлост“ („Песни“, 1921-1924).

 

Федерико Гарсија Лорка

Препев: Матеја Матевски

 

НОЌ

 

Кандило, фенер,

светилка и свеќа.

 

Соѕвездие

на саетата.

 

Прозорците златни

трептат,

зората ги лула

крстовите кренати.

 

Кандило, фенер,

светилка и свеќа.

 

 

СМРТ

На Луис де ла Серна

 

Каков напор!

Каков напор на коњот да стане куче!

Каков напор на кучето да стане ластовица!

Каков напор на ластовицата да стане пчела!

Каков напор на пчелата да стане коњ!

А коњот,

каква остра стрела извлекува од ружата!

Каква сива ружа со муцката крева!

А ружата,

какво стадо светлини и врева

врзува за живиот шеќер на своето стебло!

А шеќерот,

какви ножеви сонува во својата будност!

А ножевите,

каква месечина без стаи, каква разголеност,

вечна плот и руменило бараат!

А јас, под стреите,

каков пламенен серафим барам и сум!

Но сводот од гипс,

колку е голем, невидлив, мал,

без напор!

 

ПЕСНАТА САКА ДА Е СВЕТЛОСТ

 

Песната да е светлост сака.

В темнината таа има

нитки од фосфор и месечина.

Светлоста желби не ја мачат.

Во меѓите од опал таа

се среќава себе сама

па се враќа.

|2020-08-19T12:29:12+00:0019 август 2020|Актуелно, Култура|