(Роза Луксембург) Правото на народите на самоопределување и револуцијата

На 5 март се навршуваат 150 години од раѓањето на големата марксистичка теоретичарка Роза Луксембург. Редакцијата на „Гласник“ ќе ја одбележи оваа годишнина пренесувајќи два нејзини текстови со цел нашата јавност подобро да ја запознае нејзината мисла. Текстот што го пренесуваме подолу е извадок од нејзината книга „Кон Руската револуција“.

Тоа што воениот пораз се претвори во слом и распад на Русија, делумно се одговорни болшевиците. Тие објективни потешкотии на положбата самите болшевици во голема мера ги заострија со паролата што ја турнаа во прв план на својата политика: таканареченото право на народите на самоопределување, зад која фраза во стварноста се криеше: државниот распад на Русија. Со доктринарна тврдоглавост непрекинато прокламираната формула за правото на разните националности на Руското царство својата судбина самостојно да ја одредуваат „до вклучување на државно отцепување од Русија“, беше борбениот повик на Ленин и другарите особено во времето на опозиција кон империјализмот на Милјуков и Керенски, таа беше оската на нивната внатрешна политика по октомврискиот пресврт и таа беше целата платформа на болшевиците во Брест-Литовск, нивното единствено оружје кое можеа да ѝ го спротивстават на позицијата на сила на германскиот империјализам.

Кај тврдоглавоста и крутата доследност со која Ленин и другарите се држеа до таа парола, најмногу зачудува тоа што таа грубо му противречи на инаку изречниот централизам на нивната политика и на нивниот став кој го зазедоа кон останатите демократски начела. Додека кон Уставотворното собрание, кон општото право на глас, слободата на печатот и собирањето, накратко кон целиот апарат на основни демократски слободи на народните маси кои заедно го правеа „правото на самоопределување“ во самата Русија, покажаа многу ладно омаловажување, со правото на самоопределување на нациите постапуваа како со бисер на демократската политика, за чија љубов треба да замолкнат сите практични аспекти на реална критика. Додека од плебисцитот за Уставотворното собрание во Русија, од плебисцитот врз основа на најдемократското избирачко право во светот и при потполна слобода на една народна република не дозволија ни најмалку да бидат импресионирани, и додека неговите резултати со многу трезвено и критичко разгледување едноставно ги прогласија за ништовни, дотогаш во Брест се бореа за „плебисцитот“ на странските нации во Русија во врска со нивната државна припадност како за вистинска гаранција на секоја слобода и демократија, нефалсификувана квинтесенција на народната волја и највисока одлучувачка инстанца за прашањата на политичката судбина на нациите.

Противречноста, која овде зјае, е до толку неразбирлива што, кога станува збор за прашањето за демократските облици на политичкиот живот на секоја држава, всушност се работи, како што ќе видиме подоцна, за највредните, токму за неотуѓивите основи на социјалистичката политика, додека фамозното „право на народите на самоопределување“ не е ништо друго освен празна ситно-буржоаска фразеологија и дволичност.

Што всушност тоа право треба да значи? Тоа спаѓа во абецедата на социјалистичката политика, според која таа се бори против угнетувањето од секаков вид па така и против угнетувањето на една нација од страна на друга.

Ако инаку така трезвените и критични политичари како Ленин, Троцки и другарите, кои над секој вид утописка фразеологија, како што е разоружувањето, Друштвото на народите итн., знаеја само иронично да ги кренат рамењата, овој пат една празна фраза од потполно иста категорија ја претворија речиси во своја пасија, тогаш тоа се случи, како што ни се чини, поради еден вид опортуна политика. Ленин и другарите очигледно сметаа дека нема сигурно средство преку кое многуте странски народности во крилото на Руското царство ќе се врзат за револуцијата, за каузата на социјалистичкиот пролетаријат, освен во име на револуцијата и социјализмот да им се даде крајно најнеограничена слобода за располагање со својата судбина. Тоа беше аналогно на политиката на болшевиците кон руските селани, чија глад за земја беше задоволена преку паролата за директно присвојување на благородничката земја, што требаше да ги врзе селаните за знамето на револуцијата и пролетерската власт. Во двата случаи, за жал, пресметката беше погрешна. Додека Ленин и другарите очигледно очекуваа дека како поборници на националната слобода, и тоа „до државно отцепување“, од Финска, Украина, Полска, Литванија, балтичките земји, Кавказ итн. исто така ќе направат многу верни сојузници на Руската револуција, доживеаја спротивна претстава: една по друга тие „нации“ ја искористуваа свежо подарената слобода за како смртни непријатели на Руската револуција да склучат сојуз против неа со германскиот империјализам и под негова заштита да го донесат во самата Русија знамето на контрареволуцијата. Најдобар пример за тоа е меѓуиграта со Украина во Брест, која доведе до одлучувачкиот пресврт во тамошните преговори и во целата внатрешна и надворешна ситуација на болшевиците. Однесувањето на Финска, Полска, Литванија, балтичките земји, нациите на Кавказ, уверливо покажува дека во Украина не станува збор можеби за случаен исклучок, туку за типична појава.

Се разбира, во сите тие случаи таа реакционерна политика во стварноста не ја придвижуваа „нациите“, туку само буржоаските и ситно-буржоаските класи, кои, во најостра спротивност со сопствените пролетерски маси, „правото на самоопределувањето на нациите“ го претвораа во оружје на својата контрареволуционерна класна политика. Но – токму тука доаѓаме до суштината на прашањето – утописко-ситнобуржоаскиот карактер на таа националистичка фраза токму и е во тоа што во суровата стварност на класното општество, особено во времето кога спротивностите се најзаострени, се претвора во средство на буржоаското класно владеење. На најголема сопствена штета и на штета на револуцијата, болшевиците мораа да бидат поучени дека токму под власта на капитализмот нема самоопределување на нациите, дека во класното општество секоја класа од нацијата се стреми поинаку „да се самоопредели“ и дека за буржоаските класи причините за национална слобода далеку заостануваат зад оние за класно владеење. Финската буржоазија како и украинската ситна буржоазија потполно исто го преферираа германското владеење на силна рака пред националната слобода, кога тоа требаше да биде поврзано со опасноста од „болшевизмот“.

Надежта во пресвртот во реалните класни односи можеби по пат на „плебисцит“, околу кого сè се вртеше во Брест, и надежта во мнозинството гласови за приклучување кон Руската револуција со верба во револуционерната народна маса, беше, ако на неа Ленин-Троцки сериозно мислеа, несфатливо оптимистичка, а ако требаше да биде само тактички удар со флорет во двобојот со германската политика на сила, беше опасна игра со оган. Дури и без германската воена окупација, фамозниот „плебисцит“, ако и дојдеше до него во граничните земји, најверојатно при таа духовна состојба на селанските маси и на големите слоеви на сè уште рамнодушни пролетери, при реакционерните тенденции на ситната буржоазија и со илјадата можности буржоазијата да влијае на гласањето, насекаде ќе дадеше резултат кому болшевиците нема многу да му се радуваа. Сепак во работите на тие плебисцити за националното прашање може да остане на сила нескршливото правило дека владејачките класи, онаму каде што не им одговара, или вешто ќе ги оневозможат, или, ако до нив можеби дојде, ќе можат да влијаат врз нивните резултати со своите крупни и ситни средства, од што исто така произлегува дека социјализмот не може да се воведе по пат на плебисцит.

Тоа што прашањето за националните стремежи и за отцепувачките тенденции воопшто е уфрлено во средиштето на револуционерните борби и уште повеќе што со Брестскиот мир е втурнато во прв план и што дури е означено како знак за распознавање на социјалистичката и револуционерната политика, внесе најголема збрка во редовите на социјализмот и ги разниша позициите на пролетаријатот токму во граничните земји. Во Финска социјалистичкиот пролетаријат, додека се бореше како дел од единствената револуционерна фаланга на Русија, веќе имаше владејачка положба: поседуваше мнозинство во земското собрание, во војската, потполно ја потчини буржоазијата, беше господар на ситуацијата во земјата. Руската Украина на почетокот на векот, додека сè уште не беше измислено лудувањето на „украинскиот национализам“ со карбованците[1] и „Универзалиите“ и Лениновата пасија за „самостојна Украина“, беше тврдина на руското револуционерно движење. Оттаму, од Ростов, од Одеса, од Доњецкиот базен потекоа првите текови на лавата на револуцијата (уште во 1902-04 година) и ја претворија цела јужна Русија во пламено море: тоа се повтори и во сегашната револуција во која јужно-рускиот пролетаријат ги даде елитните трупи за пролетерската фаланга. Полска и балтичките земји од 1905 година беа најсилни и најдоверливи огништа на револуцијата, во нив социјалистичкиот пролетаријат играше истакната улога.

Како се случи во сите тие земји одеднаш да триумфира контрареволуцијата? Националистичкото движење го парализира пролетаријатот и ѝ го врачи на националната буржоазија во граничните земји токму на тој начин што го одвои од Русија. Наместо во духот на чистата интернационалистичка класна политика, која инаку ја застапуваа, да тежнеат кон најкомпактното собирање на револуционерните сили на целото подрачје на царството, со заби и нокти да го бранат интегритетот на Руското царство како подрачје на револуцијата, заедништвото и неразделноста на пролетерите од сите земји од подрачјето на Руската револуција да им го спротивстават како највисок закон на политиката на сите националистички стремежи за отцепување, болшевиците со својата бучна националистичка фразеологија за „самоопределувањето до државно отцепување“, токму обратно, на буржоазијата во сите гранични земји ѝ го дадоа најпожелниот, најсјајниот изговор, токму знамето за нејзините контрареволуционерни настојувања. Наместо да ги предупредат пролетерите од граничните земји на секој сепаратизам како на чисто буржоаска замка, тие, напротив, масите во сите гранични земји ги збунија со својата парола и ѝ ги врачија на демагогијата на буржоаските класи. Со тоа барање на национализмот тие самите го предизвикаа, го подготвија, распадот на Русија и така на сопствените непријатели им дадоа нож в рака за да го заријат во срцето на Руската револуција.

Се разбира, без помошта на империјализмот, без „германскиот кундак во германски раце“, како што пишуваше „Ноје цајт“ на Кауцки, никогаш Лубински и останатите подлеци на Украина, како ни Ериховците и Манерхајмите во Финска ниту балтичките барони, нема да излезеа на крај со пролетерските маси од своите земји. Но националниот сепаратизам беше тројанскиот коњ со чија помош во сите тие земји влегоа германските „другари“ со бајонети во рацете. Интервенцијата на Германија ја предизвикаа реалните класни спротивности и воените односи на силите. Но болшевиците ја обезбедија идеологијата која го маскира овој поход на контрареволуцијата, а ја ослабна позицијата на пролетаријатот. Најдобар доказ е Украина, која мораше да одигра така фатална улога во историјата на Руската револуција. Украинскиот национализам во Русија беше, за разлика, да речеме, од чешкиот, полскиот или финскиот, само обично лудување, трик на неколку десетици ситно-буржоаски интелигенти, без и најслаб корен во економските, политичките или духовните прилики на земјата, без каква и да е историска традиција, имајќи предвид дека Украина никогаш не беше нација или држава, без каква била подлога во националната култура, освен реакционерно-романтичарските песни на [Тарас] Шевченко. Формално, тоа е исто како еден убав ден оние од крајбрежните подрачја да се сетат врз основа на Фриц Ројтер[2] да засноваат нова долно-германска нацијаи држава. И таа смешна лакрдија на неколкумина универзитетски професори и студенти Ленин и другарите со својата доктринарна агитација за „правото на самоопределување вклучувајќи го итн.“ вештачки да го надујат до политички фактор. На започнатата лакрдија тие ѝ придаваа важност сè додека таа не се претвори во најкрвава стварност: не, имено, во сериозно национално движење, кое ни претходно а ни сега нема корени, туку во фирма и знаме за собирање на контрареволуцијата! Од ова јајце во Брест се испилија германските бајонети.

Овие фрази во историјата на класните борби понекогаш имаат многу реално значење. Фаталната судбина на социјализмот е што тој во оваа војна беше избран да пружи идеолошки изговори за контрареволуционерната политика. Германската социјалдемократија, кога избувна војната, побрза грабежот на германскиот империјализам да го украси со идеолошка фирма од шупата на марксизмот, прогласувајќи го за оној ослободителен поход против рускиот царизам за кого копнееја нашите стари учители. На антиподите на владините социјалисти, на болшевиците, им беше судено со фразата за самоопределувањето на народот да ја навртат водата на воденицата на контрареволуцијата и така да дадат идеологија не само за задушување на самата Руска револуција, туку и за планираното контрареволуционерно завршување на целата Светска војна. Имаме многу причини за политиката на болшевиците во тој поглед многу темелно да ја разгледаме. „Правото на самоопределување на народите“ поврзано со Друштвото на народите и разоружувањето по милоста Вилсонова прави борбен повик со кој ќе се одигра претстојната пресметка на меѓународниот социјализам со буржоаскиот свет. Јасно е како ден дека на фразата за самоопределување и на целото национално движење, кое сега ја претставува најголемата опасност за меѓународниот социјализам, им е дадено извонредно појачување токму од страна на Руската револуција и преговорите во Брест. Со таа платформа уште ќе мораме подробно да се занимаваме. Трагичната судбина на оваа фразеологија во Руската револуција, на чии трња се набодија болшевиците и се здобија со крвави гребнатинки, мора да му послужи на меѓународниот пролетаријат како предупредувачки пример.

И, ете, од сето ова произлезе диктатурата на Германија. Од Брестскиот мир до „Дополнителниот договор“! Двесте жртви на одмаздата во Москва.[3] Од таа состојба произлезе теророт и задушувањето на демократијата.

Забелешки на преведувачот

[1] Карбованец беше валута во Украина во 1918 година.

[2] Фриц Ројтер (1810-1874) – своевремено најчитаниот поет што твореше на долно-германско наречје.

[3] Брест-Литовскиот договор беше склучен на 3 март 1918 година, а Руско-германскиот дополнителен договор на 27 август истата година. Изразот „двесте жртви на одмаздата“ веројатно се однесува на лицата кои беа егзекутирани поради вмешаноста во атентатот врз германскиот амбасадор во Русија, фон Мирбах, извршен од страна на есерите на 6 јули 1918 година.

|2021-03-02T13:54:46+00:001 март 2021|Актуелно, Став|