РЕАКЦИЈА: Вредноста на човековиот живот во и вон утробата

Човековата душа како апстракна паричка за поткусурување на незнаењето и догматизмот на религијата.

Мачно е да се коментира  на оваа толку преџвакана тема која стои како брош-мотив на секоја контроверзна или полу-контроверзна дебата. Владата донела закон за олеснување на драконските процедури низ кои во изминтите години жената од Македонија мораше да помине пред да и се одобри прекинување на бременоста.  Негодувања за тој закон што на многу луѓе ќе им го олесни и подобри квалитетот на животот нормално дека ќе има. Како предводник на хакјата на “човекоубијците” кои го донесоа тој закон и оние кои во час на нек’смет би го искористиле, нормално  е да се појавуваат претставниците на некои религиски заедници. Велам најнормално, поради самиот факт, дека не само историски, туку и фактички абрахамските религии женскиот живот го рангираат секундарно, тоест му доделуваат вредност само во корелација со животот на мажот. Не случајно,и зборот човек во религиските читанки е синоним за маШ. Но, овде нема да ги толкуваме мотивите за тоа, да го листаме крвавото клерофашистичко резиме на религиите, дискутираме дали жената во религијата е систематски дискриминирана или  да навлегуваме во аналитика „Зашто Бог више воли мушкарце” (hint: геј е). Затоа што и да е така, ќе се водиме по христијанските постулати, и како добри полу-луѓе (пошто нели само м=ч) ќе го свртиме другиот образ.

Што го чека другиот образ?

Рафалните стрелби кон правата на жената се вкоренуваат во светоста на човековиот живот наспроти нејзините права. Во конкретниов случај имаме ставање на паланѕа на правата на жената со правата на неродените деца. Душа е душа, според верата. Дали е во зародиш или иде на работа за 200 евра, а не може кирија да си плати, а не пелени- небитно. Иако ова привидно изедначување сака да ни јави дека нели нема разлика во божјите очи, да не се лажеме. Во догматска и религиска смисла, нема двојба кој победува во овој дуел. Нероденото дете секогаш ќе има предност пред жената. Зошто? Затоа што нероденото дете се’ уште има шанса  (се додека  X Y жичките се мутат во матката) да постане човек – читај маШ, а жената секако е секундарна, да била она чоек – маШ ќе била, шо ќе и се на неа права. Посебно правото да одлучува за своето меѓуножје. И нормално, како основен факт претставниците на религијата ги анатемизираат жените кои ја имаат смелоста да побараат владеење над сопственото тело поставувајќи го  прашањето „тоа тело кое е ваше право еден ден ќе иде во гроб, а со душата шупраиме. Одговорот е лесен и имплицитен. Душата, ако си маШ – е  бесмртна, а ако си жена – повеќе среќа во наредното извлекување.

А шупраиме за жените кои во својата утроба носат жени? Тоест рерни и инкубатори за некаков Уберменш? Повторно лесен одговор – Ако биле сакани од Бога, ќе родеа мажи кои одлучуваат за своите животи од почеток до крај, а не рерни за приготвување средно-печени деца, кои одлучуваат за себе само до зачнување.

Во оваа прилика на апсорпција на шлаканици, би сакала да цитирам еден мој познаник „с фејсбука“,  кој овој закон за олеснување на правото на абортус го гледа како „силен повик до жените да се плескаат колку сакаат а власта за тоа има решение!“

Прво и основно, сакам јавно да признаам дека тоа е целта (другарки жени, откриени сме) и прва го признавам овој постулат од другарчето како Манифест на Абортусот! Исто така би сакала јавно да и се заблагодарам на Владата на Република Македонија за овој „СИЛЕН ПОВИК ЗА ПЛЕСКАЊЕ“, на кој што радо се јавувам, само да јавите место, датум и саат. Најпосле се појавија мудри луѓе, доблесни, со верба во Бога, кои открија дека за нас (вештиците-жени ваљда) „животот даден од Бога е слично на измет, ама први се за борба за права, живот, дискриминација дрн дрн… “

Сакам на сите оние кои се сложуваат со овие пропоненти на заштитата на неродниот живот, да им откријам дека најбољи викенд у живот е коа у Петок ќе се исплескаш, Сабота праиш тест, а во Недела си у клиника на абортус. Секој кој имал абортус знае дека нема бољи парти од на клиника да ти гребат по ѕидови на матката додека сестрата ти прави мартини во шејкерот за пост-оперативна прослава.

Дупла Шлаканица

Е сеа, како посебен глас во дебатата „Господ не те сака, ако на фетус креваш рака“  се јавуваат колешките жени кои не ми се колешки по ниту еден основ освен оној минус меѓу нозе. Заради тој минус, во окото на јавноста и на религијата, истата онаа која од зачнување (pun intended) им вика дека они се фалш-човеци, тежината на зборовите им се рачуна плус 50%. Што велат македонските жени противници на абортусот? Водена по изреката женска клетва ќе те стигне, одредена индивидуа (не човек- разјаснивме погоре дека само м=ч) изјавува за сите нас безбожни пропоненти на абортусот дека : „За абортус се залагаат оние кои не го искористиле своевремено … Лузери! Вашите мајки во заблуда, анахрони и прости, наместо да ве пометнат во некоја колаген крема против брчки, ве доносија, бе мртвородени, а дишете.“ Друга госпожа ќе се јави предупредувајќи една овчичка залутана од стадото како мене, која се повикува на некакви човекови права и приватна сопсвеност над душата и телото (смешка наивна) и ќе ја просветли дека  „само на судниот ден нема да можете да кажете дека не ви било кажано.

Во оваа прилика сакам да им се обратам и да ги поздравам сите колешки жени загрижени за душата ми, за вагината ми, за нероденото дете и за мојата мајка која ме родила, со слободно парафразирање на Волтер: Јас не го оспорувам вашето инсистирање на раѓање, така да молим ве,  истајте ми се од п*****а.

Но, сакам да знаете. Ние,  лузерите, борците за таму некакви си права, против дискриминација, дрн дрн дрн, засекогаш ќе се бориме за вашето право да родите дете! Иако науката вели дека можда некој шо се повикува на една книга во животот, у која има духови, анатеми, свети војни, трудни девици и смртна казна за работа во свет ден можда не би бил вистински избор за родител. Затоа, повторно ве замолувам, како фер размена за оваа наша беспоштедна борба за право за живот, и вие да ги оставите да живеат на мира жените кои поради било која причина одлучат да не носат фетус во својата утроба 9 месеци.

Што се однесува на судниот ден, на кој што не можеме да кажеме дека не ни било кажано, исто се однесува и на законот, драга Госпоѓо.  Непознавањето  на правото, не може да биде основ за негово непочитување. Во Македонија абортусот правно регулиран уште од нејзиното основање, и вашата религија не ги прави вашите коментари валидни и не им додава на тежина, а во случај да спречите некого да го оствари своето законски загарантирано право, не можете да кажете не ми беше кажано.

Него сполај ви, и живејте ми со здравје.

Непопуларни Факти и помалку познати вистини

  1. Бог не прави деца. Бог како родител кој не е во равенката, треба да биде исклучен од одлуките врзани за нив. Последното дете кое Бог го направи, го распнавме на крст. Библијата така вика, а богами и Куранот го спомнува. Помалку позната вистина: Исус е роден во јасли во Мариово.
  2. Одговорност не е да родиш дете. На сите кои си врежале во глава дека најголема одговорност е да бидеш родител, што споделуваат статуси како најтешката работа на светот е да бидеш мајка, дека одговорност значи дека ако си зачнал -тоа е живот ко да си се заменил со сликчиња и нема враќање, сакам да им јавам неколку работи. Прво: одговорност за своите постапки претставува свесност што тие повлекуваат и преземање на потенцијалниот товар кој последиците од таквите постапки го предизвикуваат, а не забрана на абортус. Помалку позната вистина: Не си ништо посебно ако имаш деца. Сите имаат деца, затоа е гужва у светот. Не е тоа одговорност, напротив, тоа е продолжување на сопствената лоза од егоистични причини во време кога планетата умира од нас. Правењето светост од родителството служи како орудие за идигнување над бездетните луѓе, што не е ни етички ни морално, а најмалку побожно.
  3. Ако мажите раѓаа немаше да разговараме за абортус. Ако природата го направеше посилниот пол носилка за човечки јајца – трудница, а се останато во овој свет е исто, не само што никогаш не би ја имале лажната расправа за право на абортус, туку и би биле само прашина во историјата на светот. Ако мажите требаше да ги носат децата под срцето 9 месеци, кои медицински гледно претставуваат физиолошки паразити на организмот до раѓањето, дали би било човечки да им го одземеме правото да одлучат дали се спремни за тоа?

НИКОГАШ!

Помалку позната вистина: Суштината е во контролата. Генетската лотарија одлучила дека жените се матици. А жените илјадници години таа привилегија да го родат човечкиот род ја изедначуваат со должноста да ја исчистат куќата и да направат ручек. А кој ги убедува илјада години дека не се доволно добри за ништо повеќе? Па државата и религијата, се разбира. Тоа што во овој поединечен случај се на различни страни, нека не ве залажува. Играта е долга илјадници години. А низ таа игра небројни клерици, претседатели, кралеви, диктатори и светци во спрега и договор,  ја вовреле раката во женската вулва.

И се’ уште немаат намера да ја истават.

#СегаКажувам

Авторка: НКЦ