ОХРИД, 29.08.2017 – Веќе извесен период, на потегот од Канео кон Лабино, како и кај Грашница, пред стемнување се забележуваат одредени лица, кои со кајчиња фрлаат мрежа, односно нелегално ловат риба од езерото, реагираат од граѓанската иницијатива Охрид SOS
Граѓанската иницијатива Охрид SOS, на својот фејсбук профил, објавија фотографија на која се гледа, како одредени лица со кајчиња, на кои не се забележуваат никакви знаменца, кои би биле доказ дека, имаат одобрение од надлежните тела, односно од концесионерот „Пастрмка 2012 Охрид“, фрлаат мрежа во Охридското езеро.
Тие велат дека, и покрај фактот дека сиромаштијата е присутна во општеството, сепак, не смее да владее самоволие и секој да се снаоѓа на ваков начин. Обвинуваат и дека, службите на езерската полиција при Министерството за внатрешни работи не вршат редовна теренска контрола. Според иницијативата, надлежните служби цело лето не вршат теренска контрола во езерото.
Тие се сомневаат дека, на одредени места се врши нелегален риболов дури и со харпун.
„Неретко се забележуваат сомнителни кајчиња и кај трската кај Грашница, каде не ја исклучуваме можноста таму и со харпун да се криволови, а таквото дејство е особено строго забрането и казниво“, пишуваат од иницијативата.
Според нив, надлежните институции не си ја вршат работата за која се платени од самите граѓани, а се сомневаат дека и самите служби се вмешани во ова и како што велат, делат од уловениот „колач“.
Потенцираат и алармираат дека, пастрмката е доведена до раб на изчезнување.
„Можеби и кленот и крапот се во близина на таа критична граница. Плашицата во каналот зимскиот период пак доживеа помор. Што ли Охрид ќе биде без езерото и животот во езерото“, велат од Охрид SOS.
Во врска со тоа, дали се запознати со проблемот и дали нешто превземаат, се обративме до концесионерот „Пастрмка 2012 Охрид“, но до објавувањето на оваа вест, оттаму одговор не добивме.
Охридското езеро долги години се соочува со нелеаген риболов, на што надлежните служби понекогаш реагирале. Но, според овие најнови информации, јасно е дека, трендот на нелегален риболов продолжува и понатаму, што пак претставува закана за Охридското езеро.
Авторка: Сенада Ибраимова