Работниците на „Колска“ протестираат поради неисплатени плати

ВЕЛЕС, 05.07.2017 –  Денес, работниците на велешката фабрика „Колска“  го блокираа железничкиот сообраќај со жив штит. Протестираат против неисплаќањето на шестте плати кои им ги вети премиерот Зоран Заев.

Претставниците на синдикатот велат дека на сметката на ЈП „Македонски Железници“ се легнати три милиони денари, пари кои владата им ги должи. Проблемот, сметаат тие, е во раководството на „Македонски Железници“ кое не им ги префрла парите.

Работниците на оваа фабрика најавија тужба против директорот на ЈП „Македонски Железници“, Игор Коруновски. Но, исто така најавија дека ќе продолжат со секојдневни блокади кои секој ден ќе бидат подолги за еден час.

Премиерот Заев пак, на денешната прес конференција во владата, на новинарско прашање во врска со овој протест, изјави дека, обезбедени се 2,7 милиони денари за плати на вработените во фабриката. Тој додаде дека, сметката е блокирана и оти новата директорка на Управата за јавни приходи работи нејзино одблокирање. Според него, штом помине законската процедура за одблокирање на сметката, на вработените во „Колска“, ќе им бидат исплатени платите.

Фабриката „Колска“, е единствената фабрика во Македонија која ги сервисира македонските возови. Работиниците во оваа фабрика штракуваат веќе еден месец, поради неисплатени шест плати и нерешен статус. Утрово од 07 – 09 часот ги сопреа петте воза, кои во тој период поминуваат низ Железничката станица во Велес. Тие најавија дека, ќе блокираат се додека не им бидат исплатени платите и не биде решен статусот на „Колска“.