На 27.6.2021 година, или во средината Жетвар на ова топло Лето се одржа работничка акција во Социјалниот центар „Дуња“ насловена како „Смоква“ затоа што се береа смокви од преживеаната Смоква во бетонскиот град и се собраа два килограми смокви кои се вареа во девет води за да може од нив да се добие традиционално македонскo слатко од зелени (диви) смокви кое што е влезено во списокот на Slow food на светско ниво затоа што е таков специфичен традиционален вид на долго готвена храна.
Работничкиот технолошки процес се состоеше од берење на смоквата, чистење на смоквите (тргање на дршката и бодење четири пати со игла за плетење или бабушка за шиење), варење до вриење во девет води за да исчезнат отровите од дивите смокви и вриење и варење на шербетот (вода со шеќер) за да се добие сладок вкус на слаткото. За овој процес беа потребни еден кувар, еден калфа и еден готвач кој подготви храна за да се наранат работниците и така учествуваше во работниот процес за добивање на слатко од смокви. Учествуваа работници со подготовките за берење на смоквата, собирање и миење на тегличките и чистење на дворот за да може во чиста околина да се вари вака убаво приготвено слатко од смокви.
Се добија десет теглички смокви и тие се даваат на првите соседи на „Дуња“, луѓето кои што ги одгледуваат мачките на „Дуња“, дел од членовите на колективот, како и самите работници. Оваа работничка акција е една од првите заеднички акции за заедничарењето на кои што ќе се работи и учи за можните нови општествени системи и другарувања. Сите треба да се слободни во недела за да може вака заеднички со здружен труд да се создаваат материјални добра и другарувања. Ги охрабруваме сите други групи на луѓе кои сакаат да творат нешто заедничко тоа да го сторат секогаш кога се ослободени од обврските, а се слободни за другарување.
Подолу може да видите галерија од работничката акција, а доколку сакате и вие да зготвите слатко треба само да најавите и да соберете малку смокви од Смоквата и да разгласите дека овошките се тука за да ни држат сенка и да ни даваат плодови неопходни за живот.