Во прилог ја објавуваме протестната нота која е напишана и поддржана од неформална мрежа на организации низ Европа. Писмото е иницирано по повод комеморацијата на жртвите роми од Холокаустот во Втора светска војна, но исто така и поради подигањето на наци-фашистичките политки и физички ликвидации врз нив низ Европа. Особено, загрижувачки но и поттикнувачки за оваа протестна нота се случаите во Украина и во Италија. Имено, во Украина пред неколку недели беа убиени четворица роми од страна на нео-нацистичка група. Додека владата на Италија поттикнува политики на протерување на ромите од Италија и нивно етничко попишување. Оригиналното писмо е напишано на англиски јазик, во прилог го објавуваме преводот на македонски јазик.
ПРОТЕСТНА НОТА
Денес, ромите и сите други кои не’ поддржуваат, сме дојдени на овој марш за заедно да го одбележиме 2-ри август – важен ден од нашата историја, кога 2897 роми – мажи, жени и деца беа убиени во ноќта на 2-ри Август 1944 година во “Цигојналагер” во Аушвиц Биркенау, како и да им оддадеме почит на останатите половина милион роми – нашите браќа и сестри кои беа убиени во нацистичките логори.
Ние сме деца и внуци на оние луѓе кои беа убиени за време на Втората светска војна и имаме осетено и доживеано на наша кожа дека расизмот никогаш не понудил подобра иднина, дури ни за расистите – тоа довело само до повторување на ужасна и катастрофална историја за сите. Ние сме решени да дејствуваме со сите наши сили против овој нов бран на насилства и расизам кон ромите, не само да се заштитиме себе си и нашите деца, туку и во одбрана на сите граѓани, во одбрана на нашата цивилизација и на нашата демократија.
Од Втората светска војна па се’ до ден денес, ние се спротивставуваме, преживуваме и се бориме во Европа против најголемиот рак на демократијата – расизам и насилни злосторства со говор на омраза кон ромите во сите делови на Европа. Во текот на минатиот месец во Европа, нашите роми имаа обновено чувство на загриженост и страв: во цела Европа екстремните десничарски движења ги напаѓаат ромите и синтите, ги запалија нашите домови, детски градинки и села, за да дојдат до екстремни последици што се случија во Украина пред неколку недели, кога од нео-нацистичкото движење убија четири роми. Во Италија омразата и дискриминацијата, кои се негуваат веќе долго време, сега се конкретизирани во закани од страна на италијанската влада за протерување на ромите, кои не се италијански државјани и прават етнички попис на сите роми во Италија.
Фактот што министерот Салвини рече дека “за жал” оние кои се италијански државјани не можат да бидат исфрлени од Италија сигурно не ги намалува нашите грижи. Исто така, сакаме да и пренесеме на новата италијанска влада, на која и покрај повикот за состанокот со писмото што остана неодговорено, дека проблемите не можат да се решат со етнички попис или со насилно рушење на домовите на ромските семејства со булдожери. Италијанската влада треба да биде апсолутно решена да го преземе својот дел од одговорноста и треба да се залага за предлагање на инклузивни јавни политики и потрага по вистински решенија за проблемите. Знаеме дека Италија се соочува со проблеми што многумина од граѓаните во Италија се грижат како: корупцијата, организираниот криминал и дисфункцијата на јавните институции. Знаеме дека во последните години околу 5 милиони Италијанци живеат во сиромаштија и до ден денес. Ние знаеме дека земјата се соочува со голема невработеност и недостаток на можности за социјално домување на сиромашните граѓани. Многу од овие луѓе се роми, но огромното мнозинство не се роми.
Ние знаеме дека луѓето во италијанското општество се гневни што гледаат дека ситуацијата на ромите не се решава, знаеме дека имиџот на ромите што медиумите го пренесуваат на граѓаните е фокусиран само на кампови и очај, но лутината и злото кон најслабите никогаш не ги решава проблемите. Ние, ромите од сите држави се чувствуваме гневни на италијанската влада, бидејќи сторивме сé што е во наша моќ за да ја подобриме ситуацијата на теренот. Многу години предупредуваме дека владите не се грижат доволно за реалните проблеми што влијаат врз нас и ги потрошија италијанските и европските даночни обврзници за развој на погрешен пристап кон решавање на ситуацијата. Исто така, предупредивме дека сместувањето на ромите во кампови не е решение, но досега не ни’ беа дадени никакви алтернативи.
Ние застануваме солидарно со нашите браќа и сестри роми во Италија и го обновуваме и го поддржуваме нивното барање до владата и ја делиме нашата решеност, да бидеме отворени за работа за вистински и позитивни промени на начин на кој луѓето не чувствуваат страв и гнев, туку храброст и надеж. Поради оваа причина, ќе маршираме низ центарот на Скопје и ќе се собереме пред амбасадата на Република Италија, и ги покануваме сите граѓани, уметници, интелектуалци, политички и општествени движења да ни’ се придружат, да ни помогнат и да се солидаризираат за оваа борба, која не е само наша, туку на сите оние кои сакаат подобар живот за сите граѓани.