Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари најави протест против насилството врз здравствените работници за среда (18.9.2019 г.) во 11 часот во дворот на комплексот на клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, но најавија и координирани паралелни протести во другите јавни здравствени установи. Паролата на протестот е „Доста е! Стоп за насилството врз медицинарите!“, а следи откако медиумите во Македонија објавија за низа на инциденти кои завршија со напади врз лекари или помошен медицински персонал од страна на пациенти и нивни блиски.
Координаторите на протестот што го најавија ќе бараат: итно донесување на закон за докторска дејност, законско изедначување на напад на медицинар со напад на полицаец и итно и сериозно организирање на служби за обезбедување во секој здравствен објект!
Во последниот период македонските медиуми често покриваат теми кои се однесуваат на насилството врз медицинскиот персонал во земјата. Сигурно насилството врз медицинскиот персонал се случувало и порано, но веројатно со значително помал интензитет и зачестеност, или пак, поретко се објавувало.
Она што може да се заклучи од барањата на координаторите на протестот е дека медицинскиот персонал се плаши за безбедноста при работа и тоа е сосема во ред, сите работници кои имаат небезбедни услови за работа треба да се изборат за своето работничко право и да им се загарантира безбедноста која им е нужна. Она што е доста исклучително во овој случај е барањето на лекарите и помошниот здравствен персонал за заштита од страна на пациентите и нивните семејства.
Во ситуација кога здравствениот систем е во колапс, буџетот за здравство постојано се намалува, каде што се бараат исклучиво решенија за приватизација на и така ситното и нефункционално јавно здравство не е изненадување да се случуваат инциденти и напади врз лекар или медицинска сестра, болничар или хигиеничар во амбуланта или болница. Однесувањето на оние кои извршиле напад врз лекар или здравствен работник воопшто не е за оправдување или пак поттикнување, но нивното однесување во една ваква ситуација во која се наоѓа здравствениот систем во Македонија е повеќе од очекувано.
Она што е добро во оваа ситуација е тоа што младите лекари и специјализанти го поттикнaа прашањето за безбедност при нивната работа. Тие треба и понатаму да ја продолжат својата битка за безбедноста бидејќи најверојатно нивната позиција нема да се промени со завршувањето на протестот.
Во однос на барањата пак, координаторите на протестот посочија дека бараат изгласување на Законот за лекарска дејност, изедначување на нападот на лекар со нападот на полицаец и формирање на служби за обезбедување во склоп на секој здравствен објект.
Изедначувањето на нападот врз лекар со напад врз полицаец нема да го донесе посакуваниот резултат за жал. Лекарите кои што вршат една многу хумана професија нема да можат да се заштитат од пациентите и нивните семејства и покрај тоа што законот ќе им ја обезбеди таа можност. Формирањето на служби за обезбедување на секој здравствен објект пак, нема да донесе поголема безбедност за работење на здравствените работници, туку напротив уште помала. Болниците на крајот на краиштата не се затвори или полициски станици, туку се здравствени установи за грижа за пациентите.
Она што може да ја зголеми безбедноста на работното место на здравствените работници се условите за работа, а тие се зголемување на бројот на здравствени работници, како лекари, така и медицински сестри, но и помошен здравствен персонал, хигиеничари, чистачи, болничари, транспортери итн, упростување на медицинската документација која на пациентот му е потребна за преглед, систематски преглед, комиски преглед или било каква интервенција во јавните здравствени установи, реорганизација и целосно реобмислување на здравствениот систем.
Накратко, она што треба да се обезбеди тука се финансиски средства за да работата на здравствениот систем не биде полумртва како што е сега, а не обезбедување на лекарите од пациентите, впрочем лекарите, здравствените работници и соработници, пациентите и нивните семејства имаат само една голема небезбедност која демне над нив, а таа е амбисот во буџетот за здравство.
Лекарите како луѓе кои ја вршат една од најхуманите професии во светот не треба да ги заобиколат своите пациенти и да бараат безбедност од нив, напротив тие треба да ги повикаат пациентите да застанат зад нив во барањата за повеќе вработување, повисоки плати, подобри услови во болниците, повеќе амбуланти и конечно фер и функционален здравствен систем, така лекарите ќе докажат дека тие не само што можат да спасат живот, можат и да го спасат и здравствениот систем од умирање.
Н.Р.