Прослава за „Слободна Македонија“, а слободата само на хартија

СКОПЈЕ, 07.09.2017 – Под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“, Владата на Република Македонија највува прослава по повод 26 годишнината од денот на независноста на РМ. Прославата започнува денес во 17.30 часот пред платото на Владата и во внатрешните простории на Владата кои се достапни за сите граѓани. Од владата пренесуваат дека на централната прослава ќе настапуваат голем број на музичари и изведувачи. Се споменуваат имиња како Влатко Стефановски, Златко Ориѓански, Биг бенд на Здружението на џез музичарите на Македонија, Љубојна, Бени и Нон-стоп, Слаткар, К’пурдат и Шутка Рома Рап. Се поставува прашањето, колку Македонија е независна и дали народот е слободен!?

На 8 септември 1991 година, се одржа референфум за самостојност и независност на Република Македонија. На референдумското прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“ над 90% од излезените гласачи, одговорија позитивно. Тоа е денот кога Македонија за прв пат во својата историја стана независна и суверена држава.

Македонија е се’ што имаме, или немаме

„Македонија е се’ што имаме“ претставува предупредувачка мисла на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Низ годините наназад, граѓаните на Република Македонија со се’ поголем песимизам гледаат на независниот статус на Македонија како држава. Од 1991. година па наваму, со неколку закони за приватизација, беа приватизирани дузина јавни претпријатија и фирми, додека уште поголем број на претпријатија и фирми се распаднаа, а капиталот се раскрчми. Приватизацијата ги повлече со себе и сите негативни ефекти кои се однесуваа на работниците, нивните права, нивната социјална положба и нивните животи.

Државата се соочуваше со пирамидални штедилници и со бурни меѓуетнички судири кои кулминираа со воениот конфликт во 2001. година, а крајниот епилог беше потпишувањето на Рамковниот договор во истата година од страна на претставниците на четирите најголеми политички партии.  За овие 26 години, во Македонија меѓуетничките односи постојано варирале од умерено мирни се до односи на точка на вриење. Политичките партии често ги злоупотребувале етничките прашања и проблеми. Секоја политичка партија додека е на власт покажала високо ниво на толеранција и соработка, меѓутоа, кога политичките партии беа во опозиција секогаш кокетираа со етничките и национални прашања а со тоа и создаваа агенда за враќање на власт.

Освен приватизацијата, како еден од најтемните периоди на македонската државност е и периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ од 2008. година до 2016. година. Приватизацијата од првата декада на независноста, се замени со реприватиазацијата на економијата и воспоставување на етатистички систем. Во истиот период на владеење на погоре споменатата коалиција, лидерот на тогашната опозициона партија СДСМ, Зоран Заев, објави прислушкувани материјали од страна на службите за безбедност. Објавите ги именуваше како „бомби“, а преку „бомбите“ можат да се чујат инкриминирачки телефонски разговори и многукратна злоупотреба на службена позиција, кадровски решенија во судството и во обвинителството, местење на изборни резултати, навредливи потсмевања со ромите и албанците и закани кон одредени луѓе. Во две години по објавување на прислушкуваните материјали,  два пати се потпишуваше т.н. „Пржински договор“, кој требаше да обезбеди институационална и политичка база за одржување на фер и демократски избори. Пржинскиот договор обезбеди политичка волја за  донесување на закон за Специјално Јавно Обвинителство во Собранието на Македонија.

Колку граѓанинот е слободен?

Идејата за слобода беше идејата водилка на многу граѓански иницијативи во последниве десет години. Често се протестираше против најразлични ускратувања на таа слобода, а често и за време на протести слободата беше загрозувана.

Протестите против изградба на црква на плоштад, против полициската бруталност и смртното претепување на Мартин Нешковски од страна на полицаец, протестите против зголемувањето на цената на електричната енергија и укинувањето на дневната евтина тарифа на иницијативата „АМАН“, протестите против Законот за високо образование чиј иницијатор беше „Студентскиот пленум“, протестите на 5. мај и иницијативата „Протестирам“ и протестите организирани од „Шарената револуција“, претставуваат едни од главните пунктови на потрагата по слобода но и благосостојба на граѓаните.

Утре исто така навршуваат и сто дена од конститутирањето на новата Влада на Република Македонија. Во новата Влада учествува и политичката партија ДУИ. Во изминативе две три години, многу критики беа упатувани до нив поради континуираното коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. Дел од јавноста, претставниците на таа партија ги смета како делумно одговорни поради соработката со ВМРО-ДПМНЕ и убиството на демократијата во Македонија.

Реакции имаше и поради преселувањето на добар дел од активистите од невладините организации но и популарни ликови од социјалните мрежи на позиции кои се однесуваат на односите со јавноста. Незадоволство, можеше да се забележи и од инертноста на судови по предметите коишто се однесуваат на прислушкуваните материјали. Во исто време, двајца обвинети од предметите „Тврдина“ и „Таргет“, им побегнаа на органите на прогонот и се недостапни за институциите. Исто така, бавното судско процесирање на предметите чии истраги се процесирани од страна на СЈО, ги обезнадежува граѓаните.

Социјалната слобода како фундамент за слободата на поединецот

Од осамостојувањето до денес, народот во Македонија се соочуваше со многу премрежја и општествено-политички кризи. Меѓутоа, една од најтешките и непребродливи се чини е таа социјалната. Во Македонија, се’ уште се провлекуваат проблемите од социјален карактер, коишто влијаат на рамноправното и егалитарно реализирање на граѓаните во државата.

Кршењето на работничките права во текстилната и кожарската индустрија, ниските плати, бедата кај ромското население, коешто им ја ускратува можноста на граѓанските права коишто се однесуваат на достоинствен живот и демократско изразување, се само едни од опструкциите коишто вака настроениот систем им ги нанесува.

Оттаму, ниту квалитетното образование, ниту квалитетното здравство, ниту пак правораздавањето се достапни за граѓаните од пониските социјални слоеви. Социјалната слобода ги условува и останатите подрачја на човековиот живот. Истата им обезбедува можности за едукативен и здравствен интегритет и почитување на правилата на заедницата без да бидат принудени да живеат на маргините на општеството.

|2017-09-07T13:21:01+00:007 септември 2017|Актуелно, Вести, Некатегоризирано, Став|