Приватните извршителски канцелариии веќе 12 години ја вршат присилната наплата, но во последните години станаа особено актуелни, со оглед на тоа што македонската економија и животниот стандард на граѓаните е во слободен пад, секој на секому нешто должи, па при неопходното присилно извршување, кога долговите не се плаќаат доброволно, граѓаните веќе ги забележаа високите приливи кои ги имаат извршителите. Во ситуација кога потешкотии за навремено подмирување на долговите имаат не само работниците, туку и самите стопанственици, високите приливи на извршителите станаа трн во очите на многумина. Притиснати од јавноста, во текот на 2017-тата година, извршителите излегоа од своите канцеларии, гостуваа на телевизиски дебати, а Комората на извршители потпиша низа Меморандуми. Конечно, кога прашањето за извршителите е отворено во јавноста, да се осврнеме на неколку работи кои не беа правилно истакнати во досегашната т.н. јавна дебата за извршувањето и извршителите.
1.Дали ефикасноста на извршувањето зависи од висината на надоместот за извршителите
Приватните извршителски канцеларии во последните 5 години, имале вкупни приходи од 60 милиони евра, додека нивната добивка изнесувала 23 милиони евра. Притоа, ако се споредат листите по години, забележливо е дека на првите 10 места, претежно се наоѓаат исти извршители, за кои очигледно е дека веќе станале милионери благодарение на своите приватни извршителски канцеларии. Не спорејќи ја вистинитоста на овие податоците, поранешниот претседател на Комората на извршители, Гордан Станковиќ, инаку прв на листите по приходи/добивка (во последните 5 години има вкупен приход од 2.9 милиони евра, а добивка од 1.3 милини евра), на новинарско прашање на што се должат ваквите износи личен профит, го даде следниот одговор:
„Ваквите износи на приходи/добивки се резултат на голема, пожртвувана работа и добро организирана канцеларија. Јас морам да кажам дека ние во Комората, ваквите бројки, не сме ги анализирале. Факт е дека акцентот беше ставен на тоа да се спроведува извршувањето, да се спроведува правото, да се зголеми бројот и износот на реализирани барања за извршување, затоа што заради тоа постоиме. Со оглед на тоа што тарифата е фиксна и не постои можност извршителот процентуално да договоара со странките волку или толку заработувачка, како што напоменав, ваквите износи на 10-те најплатени извршители, се единствено резултат на нивната успешна работа“.
За актуелниот претседател на комората на извршители Зоран Димов, самото тоа што „Законот за извршување е закон со европско знаменце“, е доволен доказ за неопходноста на приватното извршување.
Се поставува прашањето, дали во самата судска фела, судиите и обвинителите, кои работат за плата, се до толку неорганизирани и неуспешни во работата, па поради тоа не се милионери како судските повереници- приватни извршители? И се поставува прашањето, ако европското знаменце ги приватизира извршните одделенија на судовите, до каде е опсегот на тоа знаменце?
Извршителот Весна Деловска, се пофали дека: „пред воведување на приватните извршители, наплатата на долговите се движела меѓу 3 и 4 % на годишно ниво, а после воведувањето, изнесува 30 до 40 %“. Се поставува прашањето, дали ако извршителите работат за плата во висина на таа што ја земаат судиите и обвинителите, ќе бидат 10- кратно понеуспешни во својата работа?
Каква е оваа транзициска логика на европското знаменце која вели дека, за да ја работиш успешно својата професија, не е доволно да си вработен во државна институција за добра плата од 1000 до 1500 евра, туку мора да си сопственик на приватна извршителска канцеларија со профит од стотици илјади евра, а може и милиони?
И дали тоа значи дека гонењето на криминалците и нивното осудување на заслужени казни, ќе биде поуспешно ако со закон им се овозможи на судиите и обвинителите да водат приватни канцеларии за гонење и судење на должниците или криминалците?
2.Извршувањето мора да постои, но не мора да биде приватна професија
Да замислиме дека сте таксист (човек- фирма), а јас фризер (исто човек- фирма). И сум наумил да одам во Загреб на саем за фризерски салони. Ставате бензин за 150 евра, и тргнуваме на пат, надоместот за извршената услуга во износ од 300 евра договараме да ви го платам на фактура, што значи очекувате 150 евра заработка. Фризерскиот салон не работи доволно профитабилно, те влечам со месеци, не ти ја плаќам фактурата. Ти требаат парите, ме потсетуваш, ми праќаш опомени пред тужба, но јас и натаму не ти плаќам. Решаваш да ме тужиш, плаќаш адвокат, вештак, нотарски/судски такси. Очекувано, го добиваш спорот, но и покрај судската одлука, јас не ти плаќам. Добиената судска пресуда за тебе е безвреден лист хартија, затоа што наместо да заработиш 150 евра, ти толку си потрошил на гориво, а дополнитени 500 евра си дал поради судската постапка. Ти апсолутно имаш право да одиш до крај, да побараш присилна наплата на долгот преку извршител. И тука, согласно актуелниот Закон за извршување, можни се две сценарија.
Прво сценарио: Поднесуваш барање за извршување, извршителот презема дејствија за да го наплати долгот, сите дејствија засебно чинат определени суми по тарифа. Но, чл. 46 став 3 од Законот за извршување вели: „доколку доверителот не ги плати трошоците за преземање на поединечни дејствија во рок од 30 дена од денот кога извршителот ќе го задолжи доверителот за плаќање на истите, извршителот со заклучок ќе го запре извршувањето“. Додека член 93 став 1 вели: „ извршителот ќе го запре извршувањето по службена должност кога извршителот побарал авансирање на трошоците на извршувањето, а доверителот не ги авансира трошоците во рок не подолг од 30 дена“.
Со цел да ја истераш правдата до крај, ги плаќаш и овие дејствија на извршителот, од страв да не го запре извршувањето. Но, долгот не се наплаќа и покрај тоа што извршителот ја блокирал сметката на мојот фризерски салон. Нема пари на сметка. А залудни биле и парите што си ги авансирал за дејствијата проценка и заплена на имот, заплена на возило (изнајмував простор за фризерскиот салон, а опремата во салонот и автомобилот на име на салонот во меѓувреме ги продададов, или ми ги одзеде друг извршител за долг спрема друг доверител).
На крајот, наместо да заработиш 150 евра, доколку „се осмелиш да тужиш“, согласно „устав и закон“ можно е да изгубиш 1000 евра, а да не наплатиш ни евро.
Второ сценарио: Поднесуваш барање за извршување, извршителот презема дејствија за да го наплати долгот, но сметката на мојата фирма има доволно средства, јас добро работам како фризер, но ме фатил инает – не ти го плаќам долгот. И наместо постапката да се оконча со присилна наплата на основиот долг за патувањето до Загреб и наплата на вкупните трошоци на судската постапка, успева иницијативата „Стоп за извршителите“ чиј преставник, Марјан Ристевски, вели: стоп. бараме мораториум на извршувањето, потребна е ревизија, извршителите се криминалци. До кога ќе трае мораториумот – ќе се запрашате сигурно… Но, парите што ви ги должи вашиот должник ви се неопходни, сте потрошиле брдо пари во текот на постапката, должите на пријатели или на банка, поради мене, имате неплатени сметки, вие сте веќе нечиј должник, вие се наоѓате пред тужба. И се појавува иницијатива што ви вели да почекате, потребно е да се изврши ревизија на милиони предмети, работени во рок од 12 години. Потребен е мораториум!
Како ќе реагираш, ти како доверител, драг читателу, на овој егзибиционизам? Ќе го поддржиш ли мораториумот? Секако дека не.
Емотивниот настап, тропањето на погрешна врата и линчот на извршителите (дека не работат законски) претставува гребење по површината на проблемот, и што е уште полошо, давање погрешна визија и насока за излез. Ревизијата ќе покаже дека, извршителите во над 99% од случаите работеле целосно согласно законот, а мораториумот ќе создаде масовно незадоволство кај доверителите.
Точно е дека, секој еден случај кога вонзаконски присилно е наплатено од лице примател на социјална помош, е доволен случај сам по себе да се изврши ревизија на работата на тој извршител. Но, помалку од 1% случаи на незаконско постапување на приватните извршители, не е доволен аргумент, сиот гнев за последиците од приватизација на судството, да се слее врз главата на извршителите. Пратениците во 2005 година ги укинаа судските извршни одделенија и ги воведоа приватните извршителски канцеларии. Пратениците во 2005 година овозможија и охрабрија да се основа Комора на извршителите на РМ, а Министерството за правда даде амин за нивната тарифа.
Под притисок на јавноста и суровата реалност на македонската платежна способност, тарифата се кратеше до некаде, а законот се менуваше во повеќе наврати. Но, извршителите продолжија одлично да заработуваат (топ 10-те извршители веќе се милионери). Сега се најавуваат нови измени. Но, самата приватизација како основа на скапата извршна постапка, и за доверителите и за должниците, никој не ја чепка.
3. Извршители на обвинителна клупа
Граѓаните, соочени со дуплиран долг во текот на извршувањето, и соочени со блокирани сметки, својот гнев го насочуваат на погрешна адреса. Први на удар се судските повереници- извршителите, спроведувачите на законот. Сепак, тој закон, да не бил изгласан од Собранието на РМ во 2005-та година, приватните извршителски канцеларии немаше да постојат. Присилното извршување ќе постоеше и натаму, затоа што мора да постои кога должниците со правосилна судска пресуда се задолжени да го платат или сторат нешто, а истото одбиваат да го сторат доброволно. Тој закон, да не бил изгласан од Собранието на РМ во 2005-та година, денес немаше да биде спроведуван од страна на приватните извршителски канцеларии. Истите немаше ни да постојат, извршувањето ќе го спроведуваа извршни судски одделенија, и сиот профит на приватните извршители денес, сите тие десетици милиони евра, не ќе беа земени од џебовите на граѓаните, а оној дел трошоци што е нужен за ефикасно извршување, ќе беше уплаќан од страна на должниците директно во буџетот на државата. Грабежот на граѓаните е овозможен во 2005 година од страна на пратениците, преку гласање на Законот за извршување кој ги воведе приватните извршители. Сето тоа се изведе под надзор на УСАИД, а со цел, „модернизација на судството“, проект на приватизација претставен како реформа, чие вистински и наводни причини за реализација, беа анализирани во првиот дел на оваа анализа.
Денес извршувањето во РМ го спровредуваат 100 извршители. Тие се само именувани лица од страна на министерот за правда, да го спроведат законот. Да не конкурираа актуелните 100 извршители, ќе конкурираа други 100. Се така до недоглед, што укажува на тоа дека не самите 100 извршители (со име и презиме) се виновни за грабежот, туку системот (законот) кој го овозможува самото постоење и функционирање на приватните извршители.
Затоа погрешна е претпоставката на претставникот на Иницијативата „Стоп за извршители“, Марјан Ристески, кога вели дека извршителите се виновни за, цитирам: „најголемиот грабеж во историјата на Македонија“. Не извршителите, не спроведувачите на законот, туку креаторите на законот кој ги приватизираше извршните судски одделенија, се виновни за грабежот. Целиот процес на приватизација со кој се соочи Р. Македонија и нејзините граѓани во текот на приватизацијата, претствува најголем грабеж во историјата на Македонија. Затоа гневот на неупатените, тропа на погрешна врата. Во самиот закон за извршување од 2005 година е проблемот, не во неговите спроведувачи. Тие работат во рамките на законот, во 99% од случаите. Тоа е факт за упатените.
Приватизацијата на извршините судски одделенија е само парче во мозаикот. Тоа парче во мозаикот на транзицијата, ги олесни граѓаните за десетици милиони евра, но целата приватизација во редица области, ги олесни граѓаните за милијарди евра. Преиспитувањето на приватизацијата е долг процес кој, ако има за цел да е правичен и ефективен, треба да ги опфати сите области на процесот. Приватизацијата на судството, предмет на оваа троделна анализа која започна со образлагање на првиот чин на приватизација, е прашањето со кое треба да почне да се занимава ревизијата која сака да ги заштити граѓаните од институционален грабеж. Судската власт е третиот столб на државната власт, и ефектите на приватизацијата на дел од овој столб се веќе јасни. Треба да постои црвена линија на приватизацијата. Зад таа линија, несоменено е судството…
Автор: Зоран Василески