Приватизација на судската власт (Втор чин: Извршители)

Воведна напомена:
Постоењето на приватни извршителски канцеларии во правосудниот систем на Р. Македонија е веќе на ниво на аксиома. И покрај граѓанските иницијативи, кои бараат законски измени во работата на извршителите, особено преку намалување на тарифите по кои работат, и по 12 годишното битисување на приватните извршителски канцеларии, во јавноста, барем досега никој не се осврнал на прашањето: зошто приватните извршителски канцеларии се неопходни? Поради обемноста на матерјалот за обработка и „неопходноста“ реформата да се докаже или побие (т.е аксиомата да стане теорема), темата за воведувањето на приватни извршителски канцеларии, ќе биде изложена во два дела, и тоа за периодот 2005-2011 и за периодот 2012-2017 година.

2005-2011

  1. Приватизација како реформа

Јакнењето на независноста и самостојноста на судството и зголемувањето на неговата ефикасност, се неопходни услови за исполнување на стратешка определба на Република Македонија, за полноправно членство во Европската унија. Донесувањето на Законот за извршување во мај 2005 година произлезе од сооченоста на Р. Македонија со проблемот на бавната реализација на правата на доверителите.

Законот за извршна постапка од 1997 година беше дополнуван и изменуван, но таквите измени не вродија со некој поголем резултат во смисла на зголемување на ефикасност на извршувањето на судските одлуки од граѓанската сфера. Бројката на неизвршени предмети во судовите постојано се зголемуваше.  Во последната, 2005 година во која извршувањето беше се’ уште во надлежност на судовите,  бројката на неизвршени предмети го достигна износот од 429.192 предмети.

Водени токму од желбата да се надминат овие проблеми Собранието на Република Македонија, во мај 2005 година го донесе новиот Закон за извршување. Законот беше изработен со помош и подршка на УСАИД, кои преку Проектот за модернизација на судството, несебично учествуваа како во изработката, така и во процесот на имплементација на Законот за извршување и заживување на Комората на извршителите, како професионална организација на извршителите.

Ова е објаснувањето за „неопходната приватизација“ на извршните судски одделенија, изнесено од страна на министерството за правда во Извештајот од 2007 година за првичните резултати од примената на Законот за извршување со кој се воведоа приватните извршителски канцеларии.

За разлика од Собранието на РМ, министерството за правда и УСАИД, авторот на овој текст е воден од желбата да се погледнат работите во нивното вистинско светло. Без метафори и нејасни термини. Имено, не се работи за „проект за модернизација на судството“, туку се работи за процес на приватизација на судската власт, реализиран чекор по чекор,  чин по чин.

Во изминатите 30 години, самите чинови на приватизации, во јавноста беа претставувани како реформи. Извршните одделенија на судовите се укинаа, при што нивните надлежности комплетно ги  презедоа приватните извршителски канцеларии. Како што веќе видовме од погореизнесениот извештај на министерството за правда од 2007 година, ова не било процес на приватизација на дел од судската власт, туку тоа било реформа, односно „проект за модернизација на судството“. Впрочем, УСАИД го почнале „проектот“ со владата на СДСМ во 2005г. кога е донесен новиот Закон за извршување, а задоволство од резулатите искажало министерството за правда на ВМРО ДПМНЕ во 2007г. Под покровителство на УСАИД, приватизација на извршните судски одделенија, доживеаја сите поранешни југословенски републики, плус Бугарија.

Просторот за одвојување на овој дел од државната власт од изворна надлежност на судството, трпеливо се градеше години наназад во сите поранешни републики на СФРЈ и регионот. Како што претпријатијата во државна и општествена сопственост се приватизираа поради, во прв ред, наводниот неефикасен менаџмент и немањето доволно финансии за нивно одржување и унапредување, така и извршни одделенија на судовите беа претходно запоставувани, преку тоа што не беа доекипирани со кадар кој ќе ги процесуира навремено предметите. Наместо тоа, години наназад, пред воведувањето на приватните извршителски канцеларии, судските извршни одделенија се „давеа“ во илјадници предмети кои немаше кој да ги сработи, за во 2005 година бројката на неизвршени предмети да достигне износ од неверојатни 429.192 предмети. И кога „јавното“ не функционира, согласно транзициската логика, на помош треба да се повика приватното. Законодавната власт (парламентот) ја озакони, по којзнае кој пат оваа логика, преку носењето на Законот за извршувањето во 2005г.
Кој знае колку тешко за спроведување било тековното доекипирање судските одделенија со правници и стручни соработници, за „пребукираноста“ со предмети уште во старт да се избегне. Толку тешко, што пратениците дигнаа раце од судската власт и гласаа ЗА приватизација на деловите на државното судство чија неефикасност беше предизвикана токму и поради намерната немарност на истата таа државна власт.

  1. Што значи приватизацијата за буџетот и за граѓаните

Приватизацијата на извршните одделенија на граѓанските судови, од една страна, значи олеснување на буџетот за значителни суми, кои наместо во јавниот амбар, завршуваат во приватни џебови, а од друга страна, во дел тарифни ставки, значат и поголеми трошоци за граѓаните, доверители и должници. Приватните извршни канцеларии, уште од самиот старт на „реформата“ почнаа да инкасираат стотици илјади евра, за во подоцнежниот период, да ги добиеме и првите милионери извршители.

Големите суми пари кои на име извршна награда и извршни трошоци ги полнат џебовите на извршителите се правдаат со ефикасноста на приватните извршителски канцеларии во наплатата на долговите.

Сепак, потребно ли е да се потсети на претходно кажаното, дека беше создаван простор за вовоедување на приватни извршителски канцеларии, преку планираното ненавремено реагирање на зголемениот број на предмети!? И за каква ефикасност може да се зборува, кога „реформата“ дозволи илјадници предмети да бидат заглавени во нерационално растегнетата рамка за нивно префрлање во новоформираните, на почетокот, ни оддалеку екипирани приватни извршителски канцеларии!?
За сиот период во кој требаше да се изврши примопредавањето на овие предмети, каматата на должниците течеше, и растеше секојдневно, што доведе во ситуација многу граѓани, штом ги проимат налозите за извршување, каматата за наплата да им биде повисока од основниот долг. Собранието на РМ, не најде за сходно, да донесе законски измени кои ќе го сопрат течењето на каматите во ситуација кога граѓаните должници воопшто не беа виновни за долгиот неколкугодишен процес на примопредавање на извршните одлуки спрема приватните извршителски канцеларии.

Создадената дупка во буџетот, држвната власт ја надоместува преку Данокот на додадена вредност (ДДВ), кој паѓа на терет на должниците. Пред воведувањето на приватните извршителски канцеларии, извршувањето беше во надлежност на извршните одделенија на судовите, што значеше помали трошоци за доверителите и помали трошоци за должниците во процесот на присилното извршување. Должниците денес, покрај високите тарифи за извршна награда и извршни трошоци за извршителите, плаќаат и ДДВ на извршните трошоци во износ од 18%. Самиот концепт на ДДВ во овој случај е спорен. Имено, овој данок на додадена вредност, спрема државата го плаќа извршителот, а спрема извршителот го плаќа должникот. Значи, на крајот на краиштата, граѓанинот должник е тој што ја плаќа крајната сметка, и тоа за услуга што самиот не ја побарал (како што е случај со ДДВ-то што се пресметува врз производите и услугите кои доброволно ги користат граѓаните). Граѓанинот должник не го бира извршителот, граѓанинот должник се соочува со присилната наплата која ја спроведува извршителот. Одговорот на прашањето, зошто должникот кој е ставен пред свршен чин плаќа ДДВ, останува енигма.

  1. Реформите како историско назадување

За крај, да се потсетиме уште еднаш на поетичниот вовед на гореспоменатиот Извештај на министерството за правда од 2007:
Законот за извршување беше изработен со помош и подршка на УСАИД кои преку Проектот за модернизација на судството, несебично учествуваа како во изработката на Законот за извршување и заживување на Комората на извршителите-како професионална организација на извршителите.

Имено, Извештајот ги претставува приватните извршителски канцеларии како дел од „реформите за модернизација на судство“, поради што однапред се прифатени како напредно решение во однос на се’ она што дотогаш било. Извештајот зборува за „заживување на Комората на извршителите“, а сетоа тоа како составен дел на модернизацијата, иако еснафското органзирање и здружување во комори, е реликт од минатото.
Судскиот совет на Република Македонија (претходно, Републичкиот судски совет) е органот кој ја контролира судската власт, и кој се претпоставува дека е независен. Сепак, Судскиот совет на Р. Македонија нема никакви надлежности во постапката на избор и именување на извршителите, туку нив ги именува со решение министерот за правда  врз основа на конкурс спроведен од страна на Комората на извршители на РМ.

Извршувањето на граѓанските судски одлуки мора да биде во надлежност на она тело, кое според чл. 6 од Европската конвенција за човекови права, е наречено трибунал. А трибунал, во постечкиот правен систем на земјите на бившата СФРЈ и регионот, значи суд. Спрема тоа, чл. 6  од ЕКЧП, налага извршувањето на граѓанските судски одлуки да се реализира не преку надворешни повереници на судот (т.е приватните извршителски канцелари), туку преку самиот суд (преку негови внатрешни одделенија). Ако е ова еден вид буквално толкување на чл. 6 од ЕКЧП, тогаш и практиката на западноевропските земји не е далеку од ова толкување. Иако постојат приватни извршители ширум ЕУ, нив не ги избира Министерот за правда по спроведен конкурс од страна на Комора на извршители.

Конечно, Р. Македонија има аспирации за влез во ЕУ, за разлика од организацијата на САД, УСАИД. Ако Европската конвенција за човекови права не и значи ништо на УСАИД, зачудува фактот што не и значи и на земјата потписник на оваа конвенција, Република Македонија.

(Анализата продолжува со уште еден дел на истата тема за периодот 2012 – 2017)

Автор: Зоран Василески

 

|2022-07-03T18:27:13+00:009 јануари 2018|Актуелно, Гласни идеи, Економија, Став|