Приватизација на судската власт (Прв чин: Нотари)


Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:

– владеењето на правото;

– поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
(чл. 8 од Уставот на Р. Македонија)

Уставот на Р. Македонија од 1991 година, ја прифаќа тројната поделба на власта, традиција започната од Француската буржоаска револуција и првите уставни монархии, која трае до денес, во конечните форми, Парламент, Влада и Судство.
Притоа, парламентот носи закони, а владата ги извршува, додека судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

1.Приватизација како реформа

Судската власт во Р. Македонија доживеа низа реформи, но и приватизација. Поради тоа што во изминтите 30 години, самите чинови на приватизации, во јавноста беа претставувани како реформи, речиси незабележливо помина приватизацијата на два оддели на граѓанските судови. Имено, вонпарничните одделенија на судот загубија голем дел од своите надлежности кои после влегувањето на сила на Законот за нотаријатот во 2011 година преминаа во надлежност на приватните нотарски канцеларии. Додека, извршните одделенија на судовите се укинаа, при што нивните надлежности комплетно ги  презедоа приватните извршителски канцеларии.

Просторот за одвојување на дел од судската власт од изворна надлежност на државното судство, трпеливо се градеше години наназад. Како што претпријатијата во државна и општествена сопственост се приватизираа поради, во прв ред, наводниот неефикасен менаџмент и немањето доволно финансии за нивно одржување и унапредување, така и вонпарничните и извршни одделенија на судовите беа претходно запоставувани, преку тоа што не беа доекипирани со кадар, којшто ќе ги процесуира  предметите навремено. Наместо тоа, години наназад, пред воведувањето на приватните нотари и извршители, вонпарничните и извршни одделенија се „давеа“ во илјадници предмети, кои немаше кој да ги сработи. И кога „јавното“ не функционира, согласно транзициската логика, во која почнаа да веруваат и самите граѓани, напомош треба да се повика приватното. Законодавната власт (парламентот) ја озакони, по којзнае кој пат оваа логика, преку носењето на Законот за нотаријат и Закон за извршувањето. Кој знае колку тешко за спроведување било тековното доекипирање на судските одделенија со правници и стручни соработници, за уште во старт да се избегне „пребукираноста“ со предмети. Толку тешко, што пратениците дигнаа раце од судската власт и гласаа ЗА приватизација на деловите на државното судство, чијашто неефикасност беше предизвикана токму и поради намерната немарност на истата таа државна власт.

2. Што значи приватизацијата за буџетот и за граѓаните

Приватизацијата на надлежностите на вонпарничните и извршни одделенија на граѓанските судови, од една страна, значат олеснување на буџетот за значителни суми, кои наместо во јавниот амбар, завршуваат во приватни џебови, а од друга страна, во дел тарифни ставки, значат и поголеми трошоци за граѓаните, доверители и должници. Приватните нотарски канцеларии, уште од самиот старт на „реформата“ почнаа да инкасираат стотици илјади евра, за во подоцнежниот период, да ги добиеме и првите нотари – милионери.
Големите суми пари, кои се добиени на име на нотарска награда и коишто ги полнат џебовите на нотарите, се правдаат со ефикасноста на приватните нотарски канцеларии и нивната распространетост.
За ефикасноста… потребно ли е да се потсети на претходно кажаното, дека беше создаван простор за воведување на приватни нотарски канцеларии, преку планираното ненавремено реагирање на судските оддели на зголемениот број на предмети!? И за каква ефикасност може да се зборува, кога „реформата“ дозволи илјадници предмети да бидат заглавени во нерационално растегнатата рамка за нивно префрлање во новоформираните, на почетокот, ни оддалеку екипирани приватни нотарски канцеларии!? Предметите, коишто пак се оставија да бидат сработени во судовите, се окончаа со пресуди после неколку години, при што каматата на должниците, поради неажурноста, растеше секојдневно, што доведе до ситуација во којашто многу граѓани, штом ги примат пресудите, каматата за наплата да им биде повисока од основниот долг…
За распространетоста… потребно ли е да се заклучи ноторниот факт дека, постоењето на “нотар на секој чекор“ како начин за полесно сервисирање на потребите на граѓаните, нема врска со тоа дали канцеларијата е подрачна единица, или одделение на судот, или пак е приватна канцеларија!? Впрочем, низа министерства, имаат свои подрачни единици, па досега никому не му текнало дека, подобро сервисирање на нивните услуги е можно само преку нивно приватизирање. Конечно, која е логистичката пречка судските одделенија, со кои граѓаните, по природата на нештата се често во контакт, да имаат свои истурени канцеларии, особено низ поголемите градови, како би биле подостапни за граѓаните!?

3. Реформите како историско назадување

Нотаријатот, поточно т.н. латински тип на нотаријат, не е новина во Македонија и регионот. Имено, Македонија беше дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) во периодот меѓу двете светски војни. Во 1930 година, бил донесен Закон за јавните бележници (нотари), кој во најголем дел содржел клучни елементи на латинскиот тип на нотаријат. Неговата примена, која ја прателе низа потешкотии, важела до моментот на воспоставување на Народната федеративна република Југославија во 1943 година. Новата власт ги укинала приватните нотарски канцеларии, одземајќи ги од нив во целост надлежностите, а враќајќи ги истите под надлежност на судските одделенија.
Во 2008 година, предлог законот за нотаријат ги претстави приватните нотарски канцеларии како дел од „реформите“ за осовременување и приближување до идеалот наречен “европско законодавство и судство“, поради што, истите се однапред прифатени како напредно решение во однос на се’ она што дотогаш било. Историјатот на нотаријатот на овие простори, сепак укажува на тоа дека, приватните нотарски канцеларии се само враќање назад кон еден напуштен, и прилично неправеден правен систем на Кралството СХС.

4. Еснафска и партиска распределба на нотаријатот како приватна работа

Извршувањето на судската функција не е компатибилно со извршување на други јавни функции, професии и членство во политичка партија. Политичко организирање и политичка активност на судството се забранети.
Судскиот совет на Република Македонија (претходно, Републичкиот судски совет) е органот кој ја контролира судската власт, и за кој се претпоставува дека е независен. Сепак, Судскиот совет на Р. Македонија нема никакви надлежности во постапката на избор и именување на нотарите, туку нив со решение врз основа на конкурс ги именува министерот за правда, по претходно прибавено мислење од Нотарската комора на Р.М.

А) Нотаријатот како еснафска работа

Нотаријатот, организиран во Нотарската комора на РМ, го истакнуваат еснафот како власт, особено во доменот на изборот на нотарите. Нотарската комора, има озаконета лобирачка улога, поради тоа што ги прибира пријавите на кандидатите за нотар, по што доставува мислење до министерот за правда, кој пак подоцна го именува нотарот.

Под превезот на европеизација на судството, приватизацијата на дел од истото, отиде дотаму што во вонпарничната и извршната правна материја се дозволија средновековни форми на организација, како што е еснафот, кој почива на начелото на здружување на финансиски моќни или добростоечки приватни лица, чие мислење е важно, често и пресудно во многу домени на „еснафот“, во кој се вртат големи суми на пари.

Б) Нотаријатот како работа за партиски функционери.

Нотаријатот веќе е бизнис за општествено важни луѓе. Привлечноста на оваа професија не мора посебно да се образложува. Како што беше нагласено погоре, во бизнисот се вртат големи суми на пари. Стабилноста на професијата, сигурната и брза заработка, беа мамка и за некои политички истакнати лица да станат нотари.
Насер Зибери, поранешен пратеник од редовите на ПДП и  министер за труд и социјална политика, се пензионира политички, но деловно остана активен како нотар, исто како и Ермира Мехмети, високиот функционер на 17 годишно владејачкиот ДУИ.
Нотарската професија за очекување е да остане примамлива опција за партиските функционери, кои сакаат политичко пензионирање, но да останат во деловна кондиција.

5. Перспективи

Во 2005-тата година, се донесе и Законот за извршување, кој наместо судски, воведе извршители, односно приватни канцеларии.  Со тоа, ВМРО ДПМНЕ го заокружи процесот на европеизација на судството преку приватизација.

Дали транзицијата, во следните 4 години, предводена од СДСМ, ќе донесе уште приватизации во неочекувани области од јавната сфера и државната власт, останува да видиме…

Автор: Зоран Василески

|2022-07-03T18:27:24+00:0029 декември 2017|Актуелно, Гласни идеи, Став|