СКОПЈЕ, 16.08.2017 – Кадровските решенија на новата влада предводена од Социјал Демократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) се зачинети со многу контроверзи. Минативе денови СДСМ, им понуди раководни позиции на главниот и одговорен уредник на неделникот „Капитал“, Љупчо Зиков и на поетот, Дарко Лешоски. Зиков требаше да биде новиот финансиски директор на МЕПСО, додека пак Лешоски, претседател на управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Откако се јавија бурни реакции во јавниот простор преку социјалните мрежи за комуникација, и двајцата се повлекоа од прифаќањето на новата функција
Јавноста преку социјалните мрежи, кои во минатото се покажаа како демократски механизам на создавање на критика и своевиден притисок, по оддекот на овие новости, реагираше доста бурно. Јавноста преку социјалната прежа фејсбук, во голема мера му замери на Зиков, поради неговата историја на соработка со личности кои во изминатите 11 години на директен или индиректен начин беа поврзувани со тогашната владеачка партија, а сега веќе партија во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ.
Зиков беше дел од политичката партија „Алијанса за позитивна Македонија“, а подоцна и нејзин претседател. Меѓутоа, позагрижувачки е неговиот однос со еден од најбогатите бизнисмени во Македонија, Минчо Јорданов. Заедно со Јорданов и Владо Бучковски ја создадоа „Алијанса за позитивна Македонија“, а во меѓувреме Зиков е и главен и одговорен уредник на неделникот „Капитал“ кој пак е во сопственост на Минчо Јорданов. Јорданов, освен што е познат по неговите политички амбиции, познат е и по тоа што неговата градежна фирма „Бетон“ учествува во изградбата на голем дел од објектите во проектот „Скопје 2014“.
Во 2015 година, порталот „Призма“ објави свое истражување во кое се обелоденуваат сумите коишто оваа фирма ги добива во склоп на „Скопје 2014“. Според истражувачката сторија на „Призма“, оваа фирма добила 182 милиони евра, или „секое трето евро отишло во компанијата со која управува Минчо Јорданов“.
За јавноста не се јасни овие релации, како тоа довчерашните сојузници со вршителите на најголемиот културен и урбанистички удар на градот Скопје, денес да бидат главни кандидати на политичката партија, којашто беше главен опонент на тогашната власт. Овде се зема предвид и улогата на Зиков како интелектуалец и новинар, но и како претседател на политичка партија, кој учествуваше во т.н. „дебати“ на Миленко Неделковски.
На својот фејсбук профил, Љупчо Зиков напиша дека некои луѓе не бирале негативни зборови и изјави за него и неговото семејство. Според него, понудената функција не вреди толку.
„Потполно сум свесен дека цената што се плаќа при прифаќање на ваква функција е висока! Јас бев решен да ја плаќам континуирано низ месеците и годините нанапред, силно посветен на остварување на визијата и мисијата на компанијата и владата со целото мое знаење, посветеност и професионалност. Но, не можам таа цена да ја плаќам уште невлезен во зградата на Мепсо. Тоа едноставно не е фер. Затоа “идемо даље” … светот нити почнал нити ќе заврши со Мепсо. Еве го местото е слободно ајде колете се да го земете“, пишува Зиков на својот фејсбук профил.
Од друга страна, критиките за назначувањето на Лешоски за претседател на управниот одбор на Струшките вечери на поезијата не стивнуваат дури и по неговото повлекување од таа позиција. Лешоски неодамна беше повикан и вработен во Владата на Република Македонија. На јавноста и’ е познат по неговата поезија објавувана на неговиот фејсбук профил, а подоцна и двете збирки песни од страна на Табернакул.
Дали јавноста изврши успешен демократски притисок?
Повлекувањата на Зиков и Лешоски можат да се сметаат како успешен притисок на македонската критичка и демократска јавност. Еден од организаторите и активистите на голем број настани и иницијативи во изминатите години, Ѓорѓи Пулевски смета дека, нетранспарентните постапки кои беа својство на минатата власт не треба да станат исто така особина на оваа власт. Според него, оваа пракса треба да стане оска на нормалноста, а не на инцидентноста поради јавниот углед на личностите кои веќе се повлекоа.
„За Мепсо и Зиков, ќе ми дозволите да го парафразирам Грамши, кој што вели дека бракот на елитите и моќта е крајно окончан и реализиран во капиталистичката држава, така што пред Зиков – Анѓушев, после Зиков – нов Зиков на кој што и него може да му е превидено дека бил соработник на „фаталистичкиот режим и диктатура“, вели Пулевски за Гласник.
Тој додава дека, потезите за кои се севедочи, можат да значат дека критиката може да се искаже, но оти, истата може и ефективно нешто да промени во одлуките на, како што тој ги нарекува, хегемоните.
„Сепак на крајот на денот, да се надеваме дека ваквиот притисок, критика и дебата ќе се развијат во јавноста и за избрканите работници од „Ки Сејфти Системс“ од Кичево, избрканите трудни работнички од Крива Паланка, нехуманите услови во затворите и бедата на Ромите“, потенцира Пулевски.