Претставници од Професорскиот пленум, кои се дел од работната група за предлог законот за високо образование ќе дебатираат на тема: „Нов Закон за високо образование – автономија или централизирана моќ“

Дел од академската јавност реагира на дуплиот – нацрт текст за новиот закон за високото образование, кој се појави од страна на Ректорот на УКИМ, а пак којшто според нив задира во автономијата на Универзитетот

СКОПЈЕ, 07. 11. 2017 – На 13 ноември во 18.00 часот, во Социјалниот центар „Дуња“, ќе се одржи отворена дискусија по повод донесувањето на новиот Закон за високо образование. Професорскиот пленум минатиот месец објави дека е финализиран нацрт текстот за новиот закон согласно стандардите на европскиот образовен простор и Уставот на Република Македонија и дека, истиот ќе биде доставен до министерството за образование и наука. Иако овој предлог беше доставен до Ректорот на УКИМ, тој одлучи да го бојкотира и УКИМ да произлезе со свој нацрт текст за нов закон, по што настана конфузна ситуација, кадешто во академскиот простор циркулираат два нацрт текстови за донесување на новиот закон, за што пак дел од академската јавност реагира дека, предлогот на Ректорот задира во автономијата на Универзитетот. Во дискусијата ќе учествуваат претставници на Професорскиот пленум, кои воедно се и дел од работната група за предлог Законот за високо образование.

Поминаа две години од формирањето на Студентскиот и Професорскиот пленум, како одговор на политиките на тогашната власт, кои претставуваа сериозна закана за автономијата на Универзитетот и неговите единици. Илјадници студенти и професори гласно го изразија својот револт против екперименталните обиди на власта за воспоставување целосна контрола над Универзитетот и трансформација на високото образование во поле од кое ќе никнуваат послушни поданици на политиките на власта. Сето ова резултираше со повлекување на примена на измените на Законот за високо образование од страна на тогашната влада, како и со создавање на трипартитна работна група на УКИМ, односно претставници од Студентскиот пленум, Професорскиот пленум и професори назначени од тогашниот ректор, Велимир Стојковски, којашто група влезе во преговори со тогашната влада, за изработка на нов Закон за високо образование.

Оваа работна група усвои заеднички концепт, кој претставуваше основа на новиот Закон за високо образование. По напуштањето на преговорите (најпрво од Професорскиот и Студентскиот пленум, а потоа и од претставниците на Ректоратот), претставници од Продесорскиот и Студентскиот пленум продолжија активно да работат на нацрт текстот за новиот закон.

По две години, Професорскиот пленум минатиот месец објави дека е финализиран нацрт текстот за новиот закон согласно стандардите на европскиот образовен простор и Уставот на Република Македонија и дека, истиот ќе биде доставен до министерството за образование и наука.

Според претставниците на Професорскиот пленум, овој нацрт текст се води од уставно загарантираната автономија на високото образование, разработувајќи ги принципите на студентското организирање и партиципирање во процесите на управување со универзитетите, начинот на финансирање на високото образование (согласно препораки на германски експерти и експерти на Светска банка), концептот за напредување во избор на наставниот кадар и вистинска интегралност, но не и централизација на Универзитетот.

Иако овој предлог беше доставен до Ректорот на УКИМ, тој одлучи да го бојкотира и УКИМ да произлезе со свој нацрт текст за нов Закон за високо образование, по што настана конфузна ситуација, кадешто во академскиот простор циркулираат два нацрт текстови за донесување на нов закон.

Дел од академската јавност веќе се произнесе со свои забелешки дека, овој предлог на Ректорот не ги штити автономијата на Универзитетот и неговите единици и оти постои реална опасност истата повторно да биде загрозена и узурпирана преку дополнително централизирање на Универзитетот и слабеење на Сенатот.

За тоа, како да се заштити автономијата на Универзитетот, како да се спречи политизација на високото образование и да се подигне квалитетот, за нелегитимноста на СПУКМ и потребите од суштински промени во начинот на студентско организирање, интеграција во европскиот образовен простор, како и многу други теми, ќе се дискутира на дебатата со наслов „Нов Закон за високо образование – автономија или централизирана моќ“, којашто ја организира Социјалниот центар „Дуња“.

Во дебата учество ќе имаат претставници на работната група на Професорскиот пленум, М-р Маја Стевановиќ (редовен професор на Факултет за драмска уметност), Д-р Мира Бекар (доцент на Филолошки факултет “Блаже Конески”) и Стефан Дојчиноски (студент на Правен факултет “Јустинијан Први”).

Настанот ќе се одржи во просториите на Социјалниот центар „Дуња“, на 13 ноември, со почеток во 18:00 часот. Социјалниот центар „Дуња“ се наоѓа на улицата „Рајко Жинзифов“ бр. 22, а поканата за настанот е отворена за сите заинтересирани.

|2017-11-07T12:21:18+00:007 ноември 2017|Актуелно, Вести|