Препорака за „Господата од Современа“

„Господата од Современа“ е филм по идеја на Анжелика Апсис. Ана Алексовска е сценарист и режисер на филмот, а Марија Димитрова е продуцент. Филмот е во продукција на „List Production“. Должината на филмот е околу 34 минути, а тоа значи дека е краток документарен филм кој што своето претставување го доживеал на скопскиот фестивал за документарни филмови „Македокс“ во 2020 година.

Техничката обработка на филмот ги задоволува регионалните стандарди за снимање на краток документарен филм, а може да се потврди дека кадрите се навистина добро „фатени“. Подвижноста на камерата му дозволува на кој било гледач на филмот да се почувствува барем за момент како да се наоѓа на местото на случувањето во филмот и да посака да разговара со Сунчица – главниот лик на документарецот, но и главната личност на оваа приказна поврзана со градот Скопје.

Филмот разработува повеќе теми и користи дискурзивен јазик што е сосема внимателен и ненападлив, но ја доловува современата поента на времето во кое живееме и уште подобро ги слика (портретира) моралните вредности пред кои повеќето од граѓаните се покоруваат и ги следат во нивното суштествување со другиот.

Лицата кои се документирани во овој филм што го доловува духот на овој град се сепак лица кои по изгледот на нивното лице се гледа дека претрпеле големи неправди, дека нечиј живот не е гладок како нечиј друг, дека некои немаат доволно финансиски средства за да можат да го избегнат ова бетонско сивило, но дека и покрај сѐ тие наоѓаат утеха во она што од млади нозе сите не учат дека треба да бараме утеха – културата.

Веројатно она што треба да се види во филмот се класните разлики помеѓу граѓаните на овој град и ова општество, но и односот на помоќниот кон послабиот. Приказната за дванаесеттемина господа, од кои неколку се госпоѓи Сунчица, Ана и Цвета и Снежана, кои одат од една до друга изложба или настан во Скопје може веднаш да го плени вашата желба да посакате и вие да отидете на изложба или концерт. Тие се можеби единствените живи сведоци на скоро сите настани (изложби, промоции на книги, претстави, културни збуднувања) кои  неуморно се упатуваат од една до друга локација во овој сив град за да ја пренесат идејата за културата од едно на друго место.

Во филмот јасно се доловени тие моменти на меѓусебна комуникација помеѓу овие верни гости на секој градски настан во кои што тие суштински разменуваат збор-два за тоа што виделе, каде било подобро, каде послужувале вино, каде приемот бил добар, а каде мизерен. Скоро сите гости на културните настани ги коментираат истите работи, но, „учтивите“ немаат секогаш храброст да го кажат тоа гласно. Има некои ептен добри кадри што го покажуваат начинот на договорање да се оди од едно до друго место. Потребата да се истражува, да се изоди патот до МСУ и назад до МКЦ веројатно ја имаат млади луѓе и оние што се млади во духот. Еланот за прошетка и дружба кај некои луѓе е особено истакнат.

Парадоксот е што човечката култура настанува како последица од биолошката слабост на човекот, а човечкиот род најнечовечки со однесува точно со послабите. Тој парадокс уште долго ќе не’ измачува додека не почнеме да учиме едни од други како да се однесуваме меѓусебно. Но, она што е значајно и што филмот праќа недвосмислена порака е тоа дека и покрај сите непристојности што може еден фин и културен човек како Сунчица да ги доживее, таа е подготвена да продолжи понатаму, да ја издвојува својата борба за можноста да биде присутна таму каде што се случува култура.

Воопшто, коректно е да се каже дека овие редовни гости на сите културни настани се однесуваат најкоректно, но и најдобро. Впрочем, тој што ги посетува МСУ, МКЦ, КИЦ, театрите, кафулињата во кои што се промовираат книги или се водат некакви си расправи за политиката знае дека ова се гостите кои се секогаш внимателни и молчаливи и кои не брзаат да кажат што знаат, ама учтиво го слушаат говорникот на трибината. Зарем не е тоа најдобриот посетител на еден културен настан, оној кој го цени гласот на домаќинот?

Но, не сите домаќини знаат да се однесуваат добро со гостите кои им доаѓаат на нивните промоции, настани или фестивали. Некои сакаат да воспостават малограѓански ред и да ги исклучат тие кои не им се допааѓаат, тие кои не се вклопуваат, тие кои не можат или не сакаат да изгледаат идентично или барем слично на „поканетите“ гости на домаќинот. Најдобро е да се каже дека и покрај самата елитистичка природа на културата и уметноста, сепак тој кој успеал да стигне на местото каде што треба да ја гледа уметноста не би требало да биде повторно исклучен од можноста да ја претстави и својата лична автономна култура и перцепција за светот и за себеси.

Вториот парадокс е тоа што Сунчица и нејзините пријатели се укорени од страна на луѓе кои и самите многу не се разликуваат од нив. Наивно, тие што сакаат да ги исклучат првите и самите се исклучени едни од други. Неколку секвенци од средината на филмот ќе здогледате дека тие луѓе ждерат и зјапаат додека Сунчица ужива во закуската и гледа за да види нешто убаво.

Имено, овој парадокс настанува затоа што тие луѓе кои сакаат да ги исклучат „непосакуваните“ гости се чувствуваат загрозено не од самите гости, но од привидот што сакаат го создадат. Многу лажно е мнението дека културните настани треба да бидат фини. Напротив, критичарите сметаат дека зад таа префинетост најчест се крие насилство, а тоа е она што може да се види од филмот. Смеата помеѓу господата се трансформира во сила спрема Сунчица. Па, оттаму и прашањето што секој треба да си го постави пред да сака да организира културен настан, а тоа е што е културата во суштина?

Во самиот поим култура постои и поимот за создавање, а создавањето не настанува со исклучување, туку со приклучување на другиот, на тој кој само го знаеме, а не и познаваме. Нашата историја е резултат на вкрстените општествени процеси, а не одвоеноста на едни од други. Така, веројатно Сунчица има право кога во филмот јасно нагласува дека не ѝ е јасно зашто е деранжирана од страна на персоналот кога таа најприродно дејствува во создавањето на културата на тој настан.

Се разбира дека филмот опфаќа и други општествени, политички и социјални теми, но разработката на овој сегмент од него веројатно ќе ја намами љубопитноста на читателот да стане гледач и да се обиде да го најде филмот. За жал, филмот сѐ уште не е пошироко дистрибутиран, а ако има некаков торент со задоволство ќе ја известиме публиката.

Еден пријател убаво кажува дека некој може да гледа, но не и да види, па да го гледаме јавното и да видиме дека Сунчица е првата што го брани. Уживајте во филмот.

 

Никола Шиндре