Дијалог со Предраг Јовановски по повод Меѓународниот ден за борба против СИДА-та
1 Декември е Меѓународен ден за борба против СИДА-та, односно болеста што се развива доколку човекот не се лекува навремено, а се стекнал со ХИВ. По тој повод, денеска ќе разговараме со Предраг Јовановски, апсолвент на семејни студии на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој ќе се обиде да ни објасни што значи некој да е лице со ХИВ, како и со какви препреки се судруваат луѓето кои го имаат вирусот или, пак оние кои се занимаваат со сексуална работа или пак оние на кои што родовиот идентитет не им се совпаѓа со родот или полот.
Никола Шиндре: „Предраг пред извесно време излезе документот „ХИВ и РОД“ со поднаслов „Барања и потреби на трансродовите луѓе во однос на ХИВ превенција во Република Северна Македонија“. Како се работеше на тој документ и од каква важност е за трансродовата заедница?“
Предраг Јовановски: „Иницијативата за заштита и подобрување на правата на трансродовите лица ТрансФормА, заедно со СТАР –Прв колектив на сексуални работници на Балканот на проектот „Gender and HIV“ финансиран преку Eurasian Key Populations Health Network работеа на развивање на документ за потребите и проблемите на трансродовите лица во однос на ХИВ.
Преку учество во фокус група, на 8 трансродови лица им се даде можност отворено да говорат за проблемите поврзани со ХИВ превенцијата со кои што се соочуваат. Врз основа на одговорите кои ги добивме од заедницата го изготвивме документот ХИВ и РОД.
Истиот тој документ беше претставен и пред граѓански организации кои работат на полето на ХИВ превенција, Платфотмата за ХИВ, но и пред Националната комисија за ХИВ.
Овој документ е од голема важност за нашата заедница, како и потребата да влеземе во Националната стратегија за превенција од ХИВ како посебна клучна популација со свои потреби и барања.“
Н. Ш. Едно од основните барања на транс заедницата секаде е барањето за правно признавање на родот. Што значи тоа и зошто е особено важно за транс луѓето?
П. Ј. Правното признавање на родот, кое е од исклучителна важност за трансродовата заедница, ќе овозможи можност за промена на ознаката на полот во личните документи, а со тоа и полесен и подостоинствен пристап на целата заедница до сите основни институционални и вонинституционални услуги потребни на еден граѓанин.
Со правното признавање на родот прекинува системската дискриминација врз нашата заедница која повлекува низа други дискриминации, стигми и препреки со кои се соочуваме секојдневно. Доколку го имаме овој закон, ќе имаме поедноставен, побезбеден, и далеку подостоинствен пристап до здравствени услуги, образовни услуги, но и до сите други основни потреби кои налагаат документ за идентификација, како на пример: одење во банка, во полиција, изнајмување на стан, вработување итн.
Н. Ш. Другите барања што се споменуваат во документот се прашања од јавно здравствен аспект. Постојат ли опции за развивање на сојузништва со други засегнати групи од лошите здравствени политики?
П. Ј. Ние како Иницијатива сме отворени за соработка и сојузништва со други засегнати групи, но сепак нашите потреби и барања се многу поспецифични за разлика од другите.
Н. Ш. Прашањето за ПрЕП не е прашање исклучиво на транс заедницата, за профилаксата треба да се борат скоро сите мажи кои имаат секс со мажи. Но, отворањето на ова прашање нужно го отвора прашањето за бесплатно јавно здравство, а такво барање не беше споменато. Зошто?
П. Ј. Бидејки сепак секој граѓанин на РСМ има право на бесплатно здравство кое го обезбедува државата по закон доколку лицето не е вработено или работодавачот каде што лицето е ангажирано. Па, затоа не се спомнува бесплатното јавно здравство.
Би сакал да ги охрабрам сите трансродови лица да го користат бесплатното јавно здравство кое што им следува по закон како и услугите од истото. Свесен сум дека пристапот до услугите од приватните здравствени установи е многу полесен и подостоинствен, за разлика од јавните установи, најмногу поради неускладеноста во документите, но бидејки како заедница се соочуваме со проблеми како невработеност најмногу поради правното непризнавање на родот, голем дел од луѓето не можат да си дозволат користење на приватни здравствени услуги заради финансиски проблеми.
Н. Ш. Во однос на здравствените потреби на човекот, неминовно транс луѓето се судруваат со премногу пречки. Кои се тие?
П. Ј. Една од најголемите пречки е немањето на синхронизиран тим кој би работел со трансродови лица. Тимот треба да биде составен од матичен лекар, психолог и психијатар, ендокринолог, гинеколог и уролог. Ние се справуваме со пречка што сите горенаведени здравствени работници ги бараме сами и наидуваме на стигма и дискриминација од нивна страна. Доколку овој тим функцонира заемно нема да мора да лутаме низ здравствените лавиринти, а ќе имаме и побрз и полесен пристап до побезбедна транзиција.
Н. Ш. Законот за заштита и спречување од дискриминација нема да го покрие следното прашање: Зошто не се бара бесплатно и достапно здравство за секој човек? Ќе може ли да се лекуваат транс луѓето ако немаат пари во вакво капиталистичко и дехуманизирано општество?
П. Ј. Законски, јавното здравство има должност да даде одредена здравствена услуга на секој граѓанин, вклучувајќи ги и трансродовите лица. Секоја одбиена услуга претствува всушност субјективниот став и дискриминирачкиот однос на здравствениот работник.
Пак ќе спомнам, добивање здравствени услуги без разлика дали се поврзани со медицинска транзиција или не, е многу полесен во приватниот здравствен сектор. Далеку подостоинствен третман има за разлика од јавниот здравствен сектор, мој личен став околу тоа е дека така е за секој граѓанин, не само за припадниците на трансродовата заедница, но преку тој момент кога трансродови лица се одбиени за одредени здравствени услуги во јавна здравствена установа, повеќе доаѓа до израз непрофесионалноста и лошиот квалитет на јавниот сектор.
Исто пак ќе споменам дека заради финансиски проблеми, голем дел трансродовите лица не можат да си дозволат лекување во приватни здравствени установи, како и голем дел од останатите граѓани на РСМ.
Ова е огромна, и прекомплексна тема за да се одговори во едно прашање според мене, па заради тоа би сакал само да издвојам дека мојот личен став околу добивање здравствени услуги во јавниот сектор е потежок заради неквалитетот и непрофесионалноста, условите и третманот, а од друга страна пак приватниот сектор кој е далеку поквалитетен не е достапен за голем дел од популацијата затоа што е многу поскап од нашите стандарди. Лично сметам дека е така за сите граѓани, без разлика дали се дел или не од трансродовата заедница, и лично го перцепирам како огромна дисфункционалност во профитерскиот систем во кој живееме.