„Сонична младина“ деновиве покрена иницијатива под името: „Овде е добро“.
Намерата на иницијативата е да поттикне дискусија околу ангажманот на младите во социјалниот, културниот и политичкиот живот. Кои се проблемите со кои се соочуваат младите? Што е она што го попречува нивниот личен и професионален развој? Што прават тие околу тоа? Постои ли во нив имагинација за поинакво општество? Имаат ли енергија да творат? Творат ли?
„Овде е добро“ е обид да се победи „баналното критизерство“ со уметност, став и самостојно размислување. Иницијативата потенцира дека младите во државава можат, умеат и сакаат да го променат општеството кон подобро. Младите треба да дејствуваат во насока на „самоорганизација и активна борба за задоволување на потребите, наместо очекување некој друг тоа да го стори“ за нив. Оваа борба според организаторите ќе биде успешна само доколку се почитуваат „демократските вредности на организациите и светот кон кој реално се стремиме.“
Иницијативата се содржи од серија на музички настани и интернет кампања со видеа.
Музичките настани почнуваат во Скопје во сабота (7 март) во МКЦ. На овој настан ќе настапат Artan Lili од Белград, како и Pluto’s Doubts, Muhamed Ibrahimi, MvrSvr и Blackstate од Македонија. Влезници за настанот може да се најдат на билетарата на МКЦ и чинат 100 д.
Од Скопје „Овде е добро“ во петок (13 март) се сели во Битола во клуб „Јагода“. На овој настан настапуваат БарумБарум, Горан Кан, Мирко Попов и Berrygyat.
Третиот настан ќе се одржи во сабота (14 март) во Прилеп во „Кога Каде“, а таму ќе настапат Горан Кан, Нино Флудер и Митрик.
Четвртиот во петок (20 март), Скопје, „Епи центар“, настапуваат Desert Sound Colony (London, UK), Мирко Попов и Нино Наумов.
Последниот настан ќе се одржи во Кавадарци во сабота (21 март) во „Бар 37“ и таму ќе настапат БарумБарум, Веселинов, Мирко Попов и Нино Флудер.
Завчера, премиерно на фејсбук го објавија и краткиот филм кој опфаќа разговори со неколкумина млади индивидуи кои својата младост, знаење и енергија ги трошат на креирање, иновација и промена на општеството.