Она што не ви го кажуваат за корупцијата

Сакате да ја намалите корупцијата? Не треба за тоа мантрање дека требало да има владеење на правото или дека корупцијата завршувала со мене и со тебе. За намалување на корупцијата прво што е потребно е интервенција против класното раслојување во општеството.

Корупцијата е дежурниот виновник во кого либералните пропагандисти го вперуваат прстот за да најдат изговор зошто системот што е воспоставен веќе 30 години ниту приближно не ги исполни очекувањата. Но, и покрај бројните писанија и говоранции на темата, тие не се осмелуваат да ги отворат следниве прашања: дали, при ваков систем, може суштински да се подобри животот на луѓето дури и ако се елиминира корупцијата? Уште поважно: дали е можно да се елиминира корупцијата во една земја што е дел од периферијата на капитализмот, заглавена во типичните проблеми што произлегуваат од тој статус?

Не зачудува што либералните пропагандисти ги избегнуваат ваквите прашања. Тоа се должи на две идеолошки причини. Првата е што самата нивна идеологија ги оневозможува да допрат до општествените корени на корупцијата, па ја гледаат политичката сфера како таа да е изолирана во вакуум од општествените фактори. Втората, поважната, е што ваквите прашања задираат во самата суштина на системот што го застапуваат, ја проблематизираат премолчената претпоставка врз која се темели нивниот наратив: имено, дека системот наводно бил добар, а дека корупцијата е таа што го прави катастрофален. Оттука, секоја нивна критика на корупцијата, која запира до површното третирање на причините за неа, фактички има функција на легитимирање на длабоко гнилиот економски и политички систем.

Ако се ослободиме од оковите со кои либерализмот ја држи заробена нашата мисла, што ќе видиме кај корупцијата? Повеќе работи, меѓу кои и следните:

1) И капиталистите, не само политичарите, ги иницираат коруптивните акти. Кај секој коруптивен акт има две страни. Тие страни не се само онаа што дава поткуп и онаа што прима поткуп. Туку и онаа што го иницира коруптивниот акт и онаа што се согласува на него. Либералите креираат наратив дека политичарите се единствените што го иницираат коруптивниот акт, додека „бизнисмените“ не само што не фигурираат во наративот како иницијатори, туку се прикажуваат како жртви на изнудувањето пари од политичарите. Неспорно е дека и политичарите иницираат коруптивни акти, но воопшто не е точно дека капиталистите се само невини жртви на корупцијата. Кога капиталистите (домашни или странски!) сакаат да добијат некоја градежна парцела или да екстрактираат природни ресурси на штета на јавниот интерес, доста често се случува тие да посегнат по поткупот и токму тие го иницираат коруптивниот акт со цел другата страна да спроведе соодветни измени во регулативата или да „замижи“ при спроведувањето на регулативата.

2) Сите класи не придонесуваат подеднакво за корупцијата. Уште една фантазмогорија која либералите се трудат да ја создадат е дека „сите“ се подеднакво виновни за корупцијата, дека иницијаторите на коруптивните акти ги има во сите општествени слоеви. Дека корупција е и кафето што му се дава на лекарот за да го има на ум детето што лежи во болничка постела исто колку и поткупот од стотици илјади евра за политичарот преку кој на некоја мултинационална компанија ѝ се овозможува да остарува мултимилионерски профит. Да, и првото и второто е поткуп, но зарем нивното влијание врз состојбите во државата и општеството воопшто можат да се споредат? Штетата што ја нанесува оној што може да издвои 100.000 евра за коруптивниот акт и штетата на оној што може да издвои максимум 1.000 евра воопшто не е иста. А, со оглед на тоа дека ретки се политичарите што можат да се купат за 1.000 евра, повеќе од јасно е која класа е доминантно виновна за високата корупција.

3) Корупцијата не може да отсуствува кога има крупни класни разлики. Кога во едно општество има крупни класни разлики, може колку сака да се кажува и повторува дека требало да има владеење на правото. Ако има висока концентрација на богатството кај капиталистите, тие ќе располагаат со голема економска моќ со која ќе можат да поткупуваат политичари. Ако некој политичар не може да се купи за 10 илјади евра, можеби ќе биде купен за 50 илјади. Ако не биде купен за 50 илјади, ќе се купи за 100 илјади. Од друга страна, ако вработените во јавниот сектор, поради истата висока класна раслоеност, не располагаат со доволно финансиски средства, тие ќе бидат склони да прифатат поткуп. Колку поголема е класната раслоеност во општеството и колку е поголема концентрацијата на економската моќ кај капиталистите – толку е поизразена корупција. Се разбира, не зависи корупцијата само од класната раслоеност. Може да има корупција и во општество кое не е изразито класно раслоено, особено ако тоа е разјадено од личниот интерес и неодговорноста кон општото добро. Но, ако општеството е изразито класно раслоено, тогаш предусловите за решавање на проблемот на корупцијата ги нема. Затоа, сакате да ја намалите корупцијата? Не требаат за тоа мантрање дека требало да има владеење на правото или дека корупцијата завршувала со мене и со тебе. За намалување на корупцијата прво што е потребно е интервенција против класното раслојување во општеството.

4) Колку помала мобилизација на луѓето против „нормалното“ функционирање на системот – толку поизразена е корупцијата. „Нормалното“ функционирање на капитализмот е такво што, дури и кога нема корупција, доаѓа до концентрација на богатството кај сѐ помалку капиталисти. Колку помалку капитализмот е зауздан, колку помало е „мешањето“ на државата во економијата – толку капитализмот поизразено создава класни разлики. Претходно кажавме дека е потребна интервенција против класното раслојување, меѓу другото, за да се создадат предуслови за намалување на корупцијата. Таа интервенција сигурно нема да падне од небо, ниту неа ќе ја спроведат властодршците без никаков притисок од долу. Во западноевропските земји има помала корупција. Но, таа ниту им паднала од небо, ниту нивните политичари биле подобри од нашите. Нивната работничка класа се мобилизирала, се организирала и се спротивставила. Тоа ја прави разликата. Властодршците и капиталистите се соочиле со отпор. Затоа, општо, нивните институции подобро функционираат, а како придружен ефект и корупцијата кај нив е помалку изразена.

5) Не може, при ваков систем, да се појави „асален“ политичар кој ќе дојде на власт и нема да биде корумпиран. Во услови на висока класна раслоеност и ниска мобилизација на масите, утописки се надежите дека, онака од нигде никаде, ќе дојде на власт некој „асален“ политичар и ќе расчисти со корупцијата. Но, зошто да не може? Нека се појави тој, ќе го гласаат луѓето, па тој ќе дојде на власт и ќе ја среди корупцијата. Без разлика колку е проширено ова мислење во Македонија, тоа е едноставно наивно. Самиот систем оневозможува некорумпирани политичари да дојдат на власт. Повторно финансиската моќ и оние што неа ја поседуваат се причината за тоа. Неслучајно правилата на игра во ваков вид „демократија“ се такви што ги маргинализираат оние политички фактори кои не располагаа со доволно финансиски средства да регистрираат партија, а потоа и да водат ефективна изборна кампања. Ако правилата на игра се така поставени политичките партии да мора да поседуваат значителни финансии за да имаат некакви шанси за некакво влијание, тогаш повеќе од јасно е дека тие правила на игра ги привилегираат оние што располагаат со значителни финансиски средства. Па, од гледна точка на партиите, за да ги стекнете нужните финансиски средства за успех, или ќе им се продадете на капиталистите или самите правила на игра на „демократијата“ ќе ве истиснат во безначајност. Држете си прес-конференции колку што сакате. Најубави работи кажувајте. Ако би ве слушнале, можеби би ве поддржале. Но, кога капиталот ги поседува главните медиуми во земјата (како во Македонија), колку сакате убави прес-конференции одржувајте си. Медиумите на капиталот ќе ве бојкотираат и вашата порака нема да стигне до широк круг на луѓе. Па и поддршката ќе изостане.

6) Дури и под претпоставка тоа да е можно, елиминирањето на корупцијата без промена на системот нема да донесе суштинско подобрување на животот на обичниот човек. Тоа е така, затоа што системот функционира на штета на оние што не се дел од привилегираната економско-политичка елита. Дури и да нема корупција, поради самото функционирање на економијата ќе продолжи концентрацијата на богатството кај најбогатите; преку тендери државните пари повторно ќе се слеваат кај капиталистите; странските инвестиции ќе се хвалоспеваат како добри сами по себе без разлика дали тие пари се перат или за што се „инвестираат“ тие; работниците ќе имаат малку права, бидејќи со закон им се ускратени многу права во име на компетитивноста на економијата и флексибилноста на пазарот на труд; државата и понатаму нема да се меша при одредувањето на цената на земјоделските производи од страна на прекупувачите на штета на земјоделците, бидејќи државата не смеела да се меша на пазарот. Итн. Ништо нема да биде суштински поразлично. Дури и да нема корупција, дури и кога би важеле законите, политичарите ќе го репродуцираат системот, во случајов не поради лична корист, туку поради идеолошка определба. Тоа од своја страна посочува и на ограниченоста на промените што ги заговараат т.н. антикорупциски партии кои се појавуваат овде-онде по државите.

И така. Сакаме да нема корупција. Либералните пропагандисти нѐ убедуваат дека тоа е можно без да се чепне во економската суштина на капитализмот, дека е можно владеење на правото и отсуство на корупција без разлика дали има или нема висока класна раслоеност. Реалноста е поинаква. Корупцијата не е проблемот, туку симптомот на проблемот. Системот ја креира корупцијата, а не е корупцијата несакана и лесно отстранлива болест на здравото ткиво на системот. Плафонирањето и на анализите на либералните пропагандисти до темата на корупцијата и на очекувањата на луѓето дека може само да се адресира корупцијата без да се чепне системот – само гарантира перпетуирање на проблемот со корупцијата и исчудување како не сме можеме да го решиме тој проблем 30 и повеќе години.

Здравко Савески

|2021-02-26T14:51:11+00:0026 февруари 2021|Актуелно, Некатегоризирано, Став|