Од Социјалдемократски Сојуз на Македонија во Антиасномски сојуз на Бугарија


На стр. 75, при разгледување на населението во Бугарија, да се дополни и разработи, во смисла, дека во Бугарија има и Македонци.
На стр. 130, изразот „Македонија беше присоединета кон Бугарија“ да се замени со изразот „Македонија беше окупирана од Бугарија“.
Во лекцијата за населението на Бугарија, да се каже дека во Пиринска Македонија, живеат воглавно Македонци.

Ова не е извадок од пародичен текст или хумористично шоу што се занимава со престојната корекција на учебниците по историја во Р. Македонија, а како резултат на Договорот Заев – Борисов. Уште поневеројатно е ова да е извадок од првиот извештај на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, формирана на паритетна основа, од страна Р. Бугарија и Р. Македонија, земји потписнички на Договорот за добрососедски односи од 01 август 2017 година. Ќе почекаме на тој извештај, кој оваа Комисија е задолжена да го изготви во рок од една година. За очекување е во тој извештај, да не се најде ни половина реченица од горенаведениот извадок, кој се базира на историски документи.

Имено, горенаведениот извадок е дел од упатствата за народниот одбор за образование на Народна Република Бугарија, а за корегирање на учебниците по географија и историја од 1948 година, и сето тоа во рамките на реализацијата на познатиот договор Тито-Димитров, склучен во Блед, НР Словенија, ФНР Југославија во 1948 година.  Ако врз горенаведениот извадок, досега се темелеше македонската историографија, се поставува прашањето, какви ли измени ќе наложи Заедничката комисија што ќе треба како кнедла да ги проголта македонската историографија? Веќе се насетуваат измени во учебниците кои задираат во македонскиот идентитет и натамошно битисување, а сето тоа под превезот на добрососедството со земја, каде на власт е десницата.

Иронично, но ослободувањето на граѓаните на Р. Македонија од домашната десница (видена во ВМРО ДПМНЕ) сега се’ повеќе изгледа на пирова победа. Имено, уште првите 100 дена од владеењето на домашната лажна левица (видена во СДСМ) значеа фрлање во прегратките на десницата на соседните земји, преку неформалното признавање на содржината на Тиранската платформа, потпишување договор со Бугарија, каде на власт е десницата предводена од „умерениот“ еурофил Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ, а последно преку „побараното мајчинство“ на МПЦ во ликот и делото на Бугарската православна црква.

Антиасномскиот сојуз на СДСМ, ГЕРБ, МПЦ и БПЦ е формиран и веќе почна да ги испорачува првите тектонски поместувања кон десно.

1.Каков е ставот на бугарската политичка десница спрема Македонија и македонскиот народ?

Одговорот на ова прашање е од суштинско значење за секој државник на Р. Македонија, кој влегува во преговори и потпишува договори „за добрососедство“ со денешна Бугарија. Зоран Заев, морал да се советува со својот советник за историски прашања, пред да брза да склучи договор за добрососедски односи со Бугарија, договор со кој се премолчуваат историските факти и договор кој во понатамошната конкретизација предвидува „чистење“ на учебниците по историја од неприфатливи лекции и термини за бугарската десница. Притоа, историскиот инжинеринг не е само за најмладите. Тој е наменет за сите граѓани на Македонија. Имено, македонскиот премиер најави и обезличување на партизанските споменици, преку нивно „корегирање“ побарано од бугарската вледејачка десница, на која термините „окупатор“, и „фашистички окупатор“ и’ пречат, затоа што не се поклопуваат со нивното гледиште за улогата на бугарската држава и бугарската војска во Македонија за време на Втората светска војна.

А кое е гледиштето на бугарската, дури и умерена десница, чиј предводник е потписникот на договорот, бугарскиот премиер Бојко Борисов? Најпластичен пример за тоа, се државно финансираните документарни емисии кои се емитуваат на БТВ1 кои ја обработуваат историјата на Бугарија за време на Втората светска војна, а во кои централно место зазема манифестацијата одржана на плоштадот „Цар Борис Трети“ во Скопје, снимка од 1942 година, каде нараторот го зборува следното:

Молебен. Преку молебенот, се извршува симболичното обединување на бугарскиот народ. Девојки облечени во китни народни носии, од Добруџа, Тракија и западните покраини (за фашистичката власт, таква покраина е Македонија, забелешка на авторот). Како што ниту една темна сила не е во состојба да ја раздели, напоената со крв бугарска земја, така и никој веќе не ќе може да го разедини обединетиот бугарски народ. Нашата голема девиза: „Еден цар, еден народ, една држава“ се носи торжествено низ целата бугарска земја. Светата благословена поворка од сите краишта се упатува торжествено кон соборниот храм „Св. Богодородица“, за да остане таму за вечни времиња.

2. Ако за Борисов, Георги Димитров е предавник,  тогаш што е Димитров за Заев?

Кој беше Георги Димитров? Ајде одговорот на ова прашање да го дознаеме од говорот на самиот Георги Димитров со кој се заклучил десетиот пленум на Бугарската комунистичка партија, одражан на 15.04.1948 година:

Создавањето на Народна Република Македонија во рамките на Федеративна Народна Република Југославија, е настан од историско значење. Македонскиот народ, во својата основна част се оформила како самостојна слободна нација, со своја сопствена државност. Пост? Се основата на којшто ќе се обединат во иднина и другите делови на Македонскиот народ, кој се наоѓа во Пиринскиот крај на Бугарија и Македонија. Националното обединување на Македонскиот народ во рамките на идната федерација меѓу Бугарскиот народ и народите на Југословија, е од извонредно големо значење. И ние сме заинтересирани сите да содејствуваме во тоа. Задача на Отечествениот фронт и специјално на Партијата на бугарските комунисти сега е да работат за издигањето на националното самосознание на Македонците од Пиринскиот крај, и за зајакнувањето на братските врски и заедништвото меѓу бугарскиот народ и македонскиот народ, меѓу Народната Република Бугарија и Федеративната Народна Република Југославија, специјално Македонската Народна Република.

Присоедувањето на Пиринскиот крај во Народна Република Македонија е не само македонско прашање, но и прашање за чиешто разрешување се заинтересирани, како Бугарија, така и Југославија, особено од гледна точка на заштитата на тјахините општи интереси против империјалистичките агресори денес, а така сето тоа од гледна точка на идното федерирање на двете држави.

Повторно шокантна историја, и за денешна Бугарија, и за денешна Македонија. Очигледно, Бугарија имала поинаков лидер, до таа мера што не само што признава македонци воопшто, туку признава и македонци на својата територија со право на самооппределување до отцепување на целиот Пирински крај кон Македонија. Сето тоа во насока на изградба на дамнешниот сон за Балканска федерација на низа просветни дејци и револуционери од Балканот, како единствен начин за заштита на балканските народи од братоубиствените војни, во кои се масакрираа меѓусебно водени од страна на империјалистичките агресори, како што ги нарекува Димитров. И по толкуте меѓусебни војни меѓу балканските народи, секогаш останувало тони крв на страната на обичниот србин, хрват, босанец, албанец, грк, македонец и бугарин, и тони богатства за домашната аристократија и буржоазија, и за странските трустови, корпорации и банки.

Денешната бугарската политичка десница, од чии редови е владејачката партија на премиерот Бојко Борисов, го портретира Георги Димитров како предавник на бугарскиот народ, само врз основа на тоа што се согласил, при идното обединување на Бугарија со Југославија, како рамноправен член да учествува и веќе постоечката Народна Република Македонија, чиј државотворен народ се македонците.

Договорот за добрососедски односи меѓу Македонија и Бугарија потпишан во 2017 е само чекор поблиску до национал-романтичарски цели на денешната бугарска власт. Тоа ќе биде така, се’ додека СДСМ и Зоран Заев го премолчуваат вистинскиот договор за добрососедски односи Тито – Димитров, неговата содржина и придобивки. Ако е јасно од каде произлегува непријателскиот однос на бугарската десница кон овој договор и самиот Георги Димитров, истовремено, не е јасно, од каде произлегува истиот игнорантски однос на СДСМ, наследникот на КПМ, Сојузот на комунистите на Македонија и СКМ – ПДП, од првите парламентарни избори, назив под кој настапи сегашниот СДСМ.

3.СДСМ како соработник со бугарската десница во Антиасномскиот сојуз против Македонија

Георги Димитров не бил предавник, како што вели реакционерното толкување на историјата од страна на владејачката денешна десница во Бугарија. Напротив, Георги Димитров бил обединител и визионер кој имал вистински План за живот и кој во Блед потпишал договор од чија реализација единствено можен бил живот за сите. Во првите години после Втората светска војна, планска и координирана обнова на балканските држави била неоходна. Денес, транзицијата на балканските држави кон капитализам е завршена. Капиталот повторно е приватен, останаа уште малце државни ресурси за распродажба, за чие конечно оттуѓување од државна и општествена сопственост, денешни балкански лидери, советувани од “пријателите“ од ЕУ, ММФ и Светска банка, го убедуваат народот дека тоа се реформи во интерес на сите, за кои пригодно е залепен еуфемизмот „либерализација“, наместо „масовна распродажба“ или последна фаза на приватизацијата. И континуиранато задолжување е „живот за сите,“ високата невработеност и ниските плати, се „живот за сите“.

Задничката перспектива, т.н. евроатлански интеграции во кои се „крстат“ премиерите на Македонија и Бугарија, не нудат напредок без високи стапки на задолжување и не гарантираат само по себе повисок животен стандард. За возврат, македонците, албанците и бугарите, врбувани во приватната војска на НАТО, ќе бидат жртвувани при следната прва прилика кога НАТО ќе ги исцрпи „мирните опции“ за разрешување на конфликтите во кои учествува. За Македонија, сонот наречен „членство во НАТО“, во реалноста, лесно може да стане кошмарно жртвување на идетитетските прашања кои како темпирана бомба ќе лежат во темелите на државата, со копчиња за детонација на работните маси во канцелариите на лидерите од САД, Европа и соседните балкански земји.

Автор: Зоран Василески

|2018-01-28T19:44:15+00:0024 ноември 2017|Актуелно, Некатегоризирано, Став|