Дијалог со Нина Тунтева по повод Климент Охридски – Денот на писменоста
Нина Тунтева е дипломиран филолог на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје на насоката преведување и толкување од англиски и француски јазик. Таа е студентка на магистерски студии по општа лингвистика, позната и по нејзините активности во студентската конференција „Како си ми?“, а пред извесно време заедно со нејзината колешка Викторија Блажеска ја отворија веб страницата „Јазичарница“ која што за цел си постави да ги третира одамна заборавените прашања за јазикот. Денес ќе се обиде да ни разложи зашто е важен јазикот и како да го негуваме.
Никола Шиндре: „Нина, „Јазичарница“ е веб страница што се заложува за популарно отворање на некои прашања за јазикот. Како овој проект ќе помогне кон негувањето на македонскиот јазик?“
Нина Тунтева: „Кога со Викторија го започнавме блогот знаевме дека целта на „Јазичарница“ е двојна: од една страна очигледно сакаме да ја приближиме лингвистиката до македонската јавност, но од друга страна важно ни е да создадеме содржини на македонски што ќе продолжат да постојат дури и ако не привлечат многу внимание баш сега, додека ги објавуваме. Низ разговор сфативме дека скоро сето наше знаење од областа на општата лингвистика сме го стекнале преку други јазици, бидејќи на македонски нема многу литература што би можела да послужи како вовед во овие теми, што е навистина штета. Јазичарница е сѐ уште на самиот почеток од своето постоење, но се надеваме дека ќе стане место каде што ќе може да се најдат голем број кратки текстови на различни теми од лингвистиката, кои ќе бидат разбирливи за секој што го зборува македонскиот јазик.
Покрај тоа, во овие два месеца привлековме многу внимание и постојано добиваме коментари од луѓе на кои им се допаѓа тоа што го правиме. Особено популарни станаа нашите објави за македонските дијалекти и за особините на македонскиот јазик што ги нема во бугарскиот. Се надеваме дека преку ваквите текстови ќе ги поттикнеме луѓето да размислуваат за тоа како го употребуваат мајчиниот јазик и да ги откријат фасцинантните нешта што го прават секој јазик посебен.“
Н. Ш. Во стандардниот јазик постојано има одомаќинување на странски зборови и изрази, а се губат изворните, архаизмите, дијалектизмите. Како треба да се развива македонскиот јазик во однос на ова?
Н. Т. Секој жив јазик постојано се менува и нема ништо поприродно од тоа; опстојувањето на еден јазик се загрозува само ако луѓето престанат да го зборуваат и да го пренесуваат на младите генерации. Секогаш постоеле и ќе постојат зборови што во еден момент во историјата едноставно излегуваат од употреба, за сметка на некои нови. Работата на лингвистите е да ги набљудуваат тие промени без да пробуваат да го променат природниот тек на нештата. За македонскиот јазик не постои вистинска опасност сѐ додека луѓето го користат во сите сфери на живеењето.
Н. Ш. Ако културата е создавање, тогаш и јазикот на некој начин е впрегнат во процесот на создавање. Како да се дејствува низ културата, но и пошироко низ индустријата, низ општеството за да може преку другите дејности подобро да се работи на јазикот?
Н. Т. Решението е многу едноставно – секој треба да си ја работи својата работа, користејќи го мајчиниот јазик секаде каде што може. Тоа значи дека таму каде што треба да се користи стандардниот јазик (во образованието, во медиумите, во државните институции), мора да се почитуваат неговите правила, односно да се ангажираат лектори чија работа е токму тоа. Од друга страна, сметам дека не смееме да бидеме премногу ригидни во однос на јазикот што го користиме во секојдневниот живот надвор од тие неколку сфери, бидејќи навистина сѐ е јазик, секоја варијанта на јазикот е исто толку валидна колку и стандардниот јазик.
Секако, ова се однесува на тоа што можеме ние да направиме како поединци, но не смее да се заборави и дека постојат државни институции кои би требало да поддржуваат и да поттикнуваат општествена активност, култура и наука. Голем број луѓе се наоѓаат на позиции од кои би можеле нешто да направат за да ги придвижат работите во некоја насока, но за жал никако да ја преземат таа одговорност. Се надевам дека можеби ова што го правиме ние и многу други млади луѓе ќе предизвика некакви промени.
Н. Ш. Проблемите со соседите, актуелни или разрешени, се должат и на неразбирањето на јазикот. Како да се разбереме другиот, поточно другиот до нас, треба да почнеме да го учиме и неговиот јазик или да бараме трет?
Н. Т. Ова прашање има многу повеќе врска со политиката и дипломатијата отколку со лингвистиката. Пак ќе се надоврзам на нешто што веќе кажав, а тоа е дека треба секој да си ја работи својата работа најдобро што знае. Јасно е дека кога станува збор за меѓународни прашања треба секогаш да бидат вклучени преведувачи и толкувачи, чија задача е да се погрижат разликите во јазикот да не ја попречуваат комуникацијата помеѓу двете страни. Инаку би било претерано, па и невозможно да очекуваме од сите да ги знаат сите јазици.
Н. Ш. Малите народи се осудени да учат туѓ јазик, а истовремено тие се и наградени да знаат повеќе од оние што знаат само еден јазик. Зошто не ги изучуваме јазиците на соседите?
Н. Т. Ќе почнам со една дигресија; една од моите омилени теми во лингвистиката е онаа за балканскиот јазичен сојуз – на Јазичарница оваа тема засега ја имаме спомнато само на кратко, но наскоро ќе напишеме и цела статија. Без да навлегувам во детали, главната поента е дека интензивниот контакт меѓу различните народи што живееле еден покрај друг на овој дел од Балканот со векови довел во длабоки промени во структурите на нивните јазици. Колку закон! Тоа што македонскиот јазик денес во голема мера се разликува од скоро сите други словенски јазици се должи токму на неговите најблиски несловенски соседи – албанскиот, влашкиот, турскиот, ромскиот и грчкиот. До тоа не би можело да дојде кога луѓето што живееле на овие простори не би ги учеле јазиците на своите соседи.
Одговорот на прашањето зошто денес не ги изучуваме јазиците на другите заедници мислам дека лежи прво во тоа дека, за жал, етнички национализам постои кај скоро сите заедници, па како резултат на тоа кај многу луѓе не постои ни желба за подобро запознавање на другиот. Од друга страна, тие што со задоволство би сакале да научат нешто ново немаат многу можности за тоа, бидејќи сепак за нешто такво е потребен добро структуриран систем, кој во моментов не постои. Сепак, во некои помали рамки постојат различни програми и иницијативи со токму оваа цел; на пример, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје пред некоја година се одржуваа бесплатни курсеви по македонски, албански и турски наменети за студентите на УКИМ. Таквите проекти се прекрасни и мислам дека треба да се шират за да станат достапни за што е можно повеќе луѓе.
Н. Ш. Просветата не успева функционално да ги описмени учениците, а уште помалку да ги воспита за правилно користење на јазикот. Како да почнат да се решаваат овие проблеми?
Н. Т. Функционалната писменост не е толку поврзана со самиот јазик колку што се чини на прв поглед, туку повеќе произлегува од ефикасноста на образовниот систем да ги подготви сите луѓе за вклучување во општеството. За овие работи секако не сум стручна и не можам да ги коментирам од некоја повисока гледна точка, но тоа што е очигледно за сите е дека образовниот систем во нашата држава е во прилично слаба состојба. Ми се чини дека преголем број луѓе во Македонија го доживуваат задолжителното образование како некоја формалност што само треба да се помине, да се претрча, само затоа што „така треба“; длабоката корумпираност на општествениот систем со која се соочуваме кога ќе излеземе од училишните клупи во вистинскиот свет само го потврдува тој впечаток дека не е многу важно тоа што си го научил на училиште, бидејќи за да се „снајдеш“ ти требаат некои други вештини. Вистински развој и напредок не е можен без промена на системот.
Н. Ш. Како да се користи јазикот за да можеме најдобро да се разбереме со цел да оставиме нешто и по нас?
Н. Т. Како што кажав и претходно, мислам дека е најважно да продолжиме да го употребуваме мајчиниот јазик секаде каде што е тоа можно, во секоја сфера од нашето живеење. Тоа што го создаваме, дури и да е само за сопствена употреба, да го создаваме на мајчиниот јазик, без оглед на тоа дали пишуваме поезија или стрипови, дали снимаме музика или смешни видеа.
Во последно време во Македонија забележуваме дека сѐ повеќе млади луѓе користат странски зборови во секојдневниот говор, особено англиски, веројатно за да се изразат побрзо и поефикасно. Во оваа група спаѓам и јас самата, бидејќи голем дел од уметноста и информациите што ги „конзумирам“ се на англиски, и едноставно најбрз начин да посочам на некој концепт за кој сум читала на англиски е да го искористам англискиот термин – особено кога знам дека соговорникот ќе ме разбере. Но, не треба да реагираме на тоа со корнење коси и вадење од памет, туку да се потрудиме како општество да понудиме што е можно повеќе содржини на македонски: да преведуваме книги и филмови, да пишуваме блогови на темите што лично најмногу нѐ интересираат.