(Никол Ашхоф) Глобализацијата не е проблемот – капитализмот е

Во изворниот текст на Јакобин, фотографијата е презема од Nordiske Mediedager / Flickr

Десницата ја киднапираше визијата за живот отаде неолибералната глобализација. Време е за нов прогресивен интернационализам, таков што ќе стави солидарноста и правдата пред корпоративните профити.

Во новиот документарен филм на Ерол Морис, „Американска дарма“, Морис го прашува Стив Бенон – поранешен извршен претседател на „Брејтбарт њуз“, мозокот на претседателската победа на Доналд Трамп во 2016 година и предмет на филмот – дали може да го одреди клучниот момент во кристализацијата на неговиот политички светоглед. Размислувајќи за прашањето, Бенон се сеќава на посетата на Вест Поинт некогаш порано, кога неговата најстара ќерка била кадет таму и била член на одбојкарскиот тим. Посетувајќи еден нејзин тренинг, Бенон вели дека видел еден куп кутии во кои имало нови униформи на тимот. Извлекувајќи еден, тој забележал, на свој ужас, дека униформата е направена во Виетнам.

Тоа што воениот дрес на неговата ќерка требало да се направи во Виетнам – земја во која загинаа илјадници американски војници – очигледно беше повеќе одошто Бенон можеше да го поднесе. Тоа смрдеше на „глобализмот“ – објаснувањето на Бенон за сè што не е во ред со светот денес.

За Бенон, глобализмот го опфаќа светогледот на меѓународната елита – „Партијата на Давос“ – која го изгуби својот пат. Наместо јудео-христијанските принципи на побожност, штедливост и национална гордост, кои наводно некогаш го воделе западниот капитализам, Бенон гледа свет управуван од кабалата на ортачки капиталисти, опседнати со кварталните добивки и цените на акциите. Резултатот, тврди Бенон, е отуѓена работничка класа подготвена да експлодира.

Колумнистот од „Њујорк Тајмс“, Дејвид Брукс, изразува слична одбивност кон глобалистите, „чии срца се лишени за посебната љубов кон сопственото место“. Како и Бенон, тој повикува на обновување на духот на национализмот во борба против сеприсутното чувство на безнадежност и гнев во Америка денес: „Луѓето почнуваат да чувствуваат дека неправдите во американското општество се целината и дека нема надеж за поправање. Тие добиваат порив да запалат сè “.

Патем, самата „Американска дарма“ завршува со моќно распалување – со ироничното прикажување од страна на Морис на подготвеноста на Бенон да го запали естаблишментот. Впрочем, поривите на луѓето како Бенон се причина за ноќни мори за центристите кои сакаат да зачуваат наместо да расклопат и кои значително профитираа од статус-квото по Студената војна. Тие предупредуваат на опасностите од напуштањето на либералниот интернационализам или, како што честопати се нарекува целиот склоп идеи што го дефинираат западниот политички консензус од 1990-тите, на глобализацијата.

Со децении застапниците на Третиот пат ја сметаа глобализацијата како еволуција на човештвото потаму од грубите грешки на кејнзијанизмот. Со слободна трговија и слободни пазари, бродовите ќе се изградат, знаењето и технологијата ќе процветаат, сиромаштијата и корупцијата ќе се елиминираат преку иновации, а профитот ќе прокапе надолу кон останатите.

Левицата брзо ја оспори фантазијата на глобализацијата. Пред глобализмот да стане епитет на денот, имаше две школи на критика на глобализацијата: скептиците за глобализацијата и антиглобалистичкото движење.

Скептиците за глобализацијата, пишувајќи во 1990-тите и раните 2000-ти, ја доведуваа во прашање вистинитоста на тврдењата дека државата контрахира, дека производството станало навистина глобално интегрирано и дека културите се хомогенизираат. Скептиците тврдеа дека државата останува доминантна сила во обликувањето на теренот на глобалниот капитализам и дека корпорациите не се толку без локација и ослободени од каприци, како што тие тврдат. Тие нагласуваа дека глобализацијата е политички проект, а не нескротлива сила на природата, и како таква, може да се оспорува и да се обликува од социјалните движења.

Во ова, скептиците беа на исто мислење со лабаво дефинираното антиглобалистичко движење, составено од групи кои можеби беа помалку скептични околу реалноста на глобализацијата, но значително пожестоки во отфрлањето на нејзините процеси и ефекти. Во последната деценија од 20 век се случија жестоки битки во градовите ширум светот, при што активистите од базата на Северот и Југот се обидуваа да го нарушат функционирањето на Вашингтонскиот консензус.

Но, центристите ја задржаа доминацијата. 11 Септември и борбата против тероризмот на втората Бушова администрација го извлекоа килимот под растечкото антиглобалистичко движење. Во САД, многу левичари ја насочија својата енергија кон антивоеното делување и мобилизирање против антимуслиманскиот, антиимигрантскиот пресврт во спроведувањето на законот. Борбата против глобализацијата беше ставена на задното седиште.

По финансиската криза во 2008 година, поимот на глобалното се врати во народната имагинација. Но, критиката на проектот за глобализацијата почна да се оформува повеќе од десницата отколку од левицата. Антиглобализацијата му отстапи место на антиглобализмот – светоглед со многу поинаква политика.

Антиглобализациските движења ја нагласуваа правдата и рамноправноста за сите. Организациите од базата се залагаа за суверенитет на храната, работнички права и крај на експлоататорските фирми. Тие се организираа во заштита на правата на мигрантите и домородните народи и бараа корпорациите да одговараат за нивните злоупотреби врз луѓето и животната средина.

Антиглобализмот, иако го осудува и статус-квото на елитите, е втемелен врз агресивниот национализам што ги гледа мигрантите, муслиманите и прогресивците како проблем. Наместо да ги истакнуваат инхерентните противречности на глобалниот капитализам, антиглобалистите сакаат да изградат ѕид околу Америка, замислувајќи си дека доколку ги протераме или потиснеме „непожелните“, ќе можеме да го обновиме јудео-христијанскиот капиталистички рај со огради од бело дрво и со работни места во локалната производствена фабрика. Сеништето на глобализмот исплете десничарска фантазија, што е дури поопасна од центристичкиот проект на глобализацијата.

Без сомнение, проблемите кои ги идентификува антиглобалистичкото движење опстојуваат. Всушност, тие се влошија, надополнети со длабоката народна недоверба кон институциите, во услови на неактивност и неефикасност на владите, корпорациите и големите невладини организации во врска со прашањата на уништувањето на животната средина, сиромаштијата и нееднаквоста. Но, визијата за алтернатива на неолибералната глобализација се обликува од погрешни идеи – идеи втемелени во омраза и исклучување.

Одговорот сепак не е враќање кон антиглобализацијата. Потребна ни е визија за глобалното што оди потаму од негацијата и создава позитивна левичарска агенда – поврзување на силни, втемелени социјални движења со конкретна интернационална програма за солидарност и правда.

Преземено од „Јакобин

|2020-12-29T14:20:37+00:0029 декември 2020|Актуелно, Вести, Свет, Став|