Никола Шиндре: “Возот не ме мачи со патарини.”

Деновиве чувме две изјави од министерот или министерството за транспорт и врски. Едната беше дека на автопатот Скопје – Штип ќе се воведат патарини и дека патарините насекаде низ државата ќе поскапат. Втората вест беше дека ќе се градел автопат Битола – Прилеп. Се разбира дека овие две изјави предизвикаа револт кај автоцентричното население во државата и тоа првата затоа што секој ќе треба да плаќа повеќе за истата услуга – лош автопат, а втората затоа што таков автопат се ветува од моментот кога почнала да се гради постојната магистрала. Граѓаните најверојатно ќе треба да ја прифатат реалноста дека ќе плаќаат, а таков автопат нема да се изгради ниту по поскапувањето на цената на патарините.
Автоцентризмот започнува со првите прототипи на автомобилите кои биле единствени моторни возила до тогаш произведени што треба да возат исклучително мал број луѓе – дури петмина, а првите сериозни зафати за организирање на сообраќајот според автомобилот потекнуваат од нацистичките идеи дека секој еден Германец треба да поседува автомобил, па затоа првите големи проекти за изградба на асфалтни автопатишта се започнати од Централна Европа. Индивидуализмот промовиран од страна на Протестантската црква конечно најде своја комплетна материјализација во автомобилот, а се разбира по штета на сите нас и за сметка на животната средина.
Автомобилската индустрија е една од најштетните индустрии во развојот на нашата цивилизација. Годишно се произведуваат повеќе автомобили од што можат да се купат, многу автомобили завршуваат на отпадите затоа што не може да се поправат, пренесуваат најмногу петмина, а во последно време сите сме сведоци дека еден автомобил пренесува скоро секогаш еден човек – возачот. Дополнително, може да се каже дека и покрај тоа што автомобилот е голема потреба за човекот сепак е најскапата „играчка“ што некој може да ја поседува во своето домаќинство.
Трошоците за регистрацијата, тековните технички сервиси на возилото, одржувањето, но најважно полнењето на резервоарот со бензин се на висина на половина минимална плата на месечно ниво, а сепак дури и најсиромашните граѓани поседуваат автомобили, а сите мечтаат да го имаат најбрзиот, најскапиот или најдобриот автомобил. Ова ирационално трошење навистина претставува проблем. Проблемот не е само финансиски.
Сите тие што го издигнуваат автомобилот на пиедестал без разлика дали го имаат или не и дали им е нужно потребен или не веројатно никогаш не помислиле како би изгледал светот, државата, но, ете, најблиску градот, маалото доколку секој еден од нас би поседувал и би возел автомобил. Тоа би било ужасно страшно. Иако, нашите населени места се приближуваат до таа дстопија, но сепак, може да се каже дека не сме пристигнале до таа црвена точка во која што сите ние ќе се отуѓиме од градските/селските патеки и ќе влегуваме во автомобилот веднаш штом ја преминеме чергичката пред прагот.
Така, ние треба да се вознемируваме што по триесетина години лет во место националните железници изградени со самопридонесот на работниот народ на Социјалистичка Македонија, копани со младинските работни акции од средношколците во државата ќе се приватизираат. Приватизацијата како процес, навидум сличен на индивидуализацијата ќе не втурне во амбис во кој што сите ќе страдаме на истиот начин, но едни со други нема да се слушаме.
Сметам дека колективниот дух нема да успееме да го подигнеме со автомобил за сите, но со јавен превоз достапен за секој од нас. Улиците треба да бидат ослободени од автомобили за да може сите ние да шетаме. Ние сме должни 12 квадрати за автомобилот да ги засадиме со цвеќе, тиква или бамја или бор или ела. Во еден автобус дневно може да се возат премногу патници, а во еден автомобил само еден – возачот, поседувачот на автомобилот.
Често има изрека дека „Со автомобил се стига најбрзо“, но вториот дел од изреката веројатно треба да биде „и најблиску!“. Никој не успеал со автомобил да го пропатува светот, континентот или пак Балканот. Тој што патува знае дека патувањето е послатко од патот, за да излезеш од својот светоглед, ти не можеш да останеш во автомобилот. Ти треба да научиш јазик, да промениш пари, да размениш збор два со другиот.
Ние треба да го користиме јавниот превоз. Возејќи се со автобус порано имав идеја како живеат селаните од попатните села како Тополчани, Градско, но и како живеат Велешани, Прилепчани. Делењето на седиштето изнудува некаков разговор колку и да е во моментот непосакуван, нужен или пак излишен. Размената дава можност за отворање на нашите видици. Тој што патува само за да стигне може да се каже дека само повеќе се измачува.
Деновиве пак, возејќи се со воз сфатив дека железницата се наоѓа во ѓубре и смет. Нашата држава е толку пропадната што не може да организира чистење ниту околу шините на возот, барем до таму до каде што се гледа од прозорецот на купето. Вистина дека патувањето со автобус или со воз е побавно и за нијанса понепријатно од автомобилкаат вожња, но барем не ја загадувам животната средина како кога би се возел со автомобил, не се плашам и нервирам за цената на патарините и конечно запознавам луѓе и сфаќам дека и покрај тоа што на крајот сум сам нема потреба да се чувствувам секогаш осамен.

Никола Шиндре

Редакцијата на “Гласник” не нужно се согласува со ставовите изразени во колумната.

|2021-01-27T09:39:01+00:0027 јануари 2021|Актуелно, Екологија, Култура|