Во декември, минатата година, Министерството за образование и наука излегува со сопствена верзија за Закон за високо образование. Во тој предлог, Професорскиот пленум е задоволен за инкорпорирањето на голем број на предлози кој беа доставени од нив. Меѓутоа, како што пренесуваат од Професорскиот пленум, некои важни за нив предлози беа разградени, односно создаден беше текст кој не следи никаков континуитет и нема согласност на главните концепти со решенијата. На пример, иако една од централните точки на студентските протести беше автономијата, сепак Владата на Република Македонија, според предлог верзијата, ќе предлага членови во Националниот Совет, кој ќе има големи овластувања.
Гласник разговараше со доста ангажирана членка на Професорскиот Пленум и доцентка на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“, Мира Беќар. Поводот за разговорот е токму Законот за високо образование и можните реперкусии околу него.
Концептот за законот е изработен во 2015 година од повеќе членови на Професорскиот пленум, а истиот се базира на 6 столба: Автономија, Улога на високото образование, Осигурување на квалитет, Финансирање, Организација и управување и Припадност кон европскиот високообразовен простор.
Во насока на предлозите на МОН, Беќар смета дека независноста на овие тела, кон којашто се цели, во пракса ќе оди потешко, иако на хартија стои дека ќе бидат независни.
„Одбор за евалуација на високото образование”- тело кое ќе врши надворешна оцена на квалитетот на високообразoвната установа и остварувањето на нејзината дејност но, кое истовремено (што за мене е апсурд) на предлог на министерството надлежно за работите на високото образование донесува Правилник за нормативите и стандардите за основање нависокообразовни установи и за вршење високообразовна дејност. Оставени се алтернативи во ЗВО, а лично сметам дека требаше Министерката за образование и нејзиниот тим да бидат похрабри и да пресечат, бидејќи оставените алтернативи се контрадикторни една на друга. Од една страна, за пофалба е инклузивноста во процесот, но самото парцијално бирање на една алтернатива за која треба да одлучуваат две спротивстанеи страни може да значи неусогласеност со другите членови од нацрт-предлогот (на пример, нашата борба за децентрализација на моќта и скратени мандати на раководните тела, наспроти нивните заложби за централизација и поголеми мандати). Треба да видиме дали ќе има дебати и можности за интревенции и на што ќе се сведат тие дебати по донесување на финалниот текст, “ истакнува Беќар.
Според Беќар, од Професорскиот пленум околу квалитетот во виското образование понудиле опција за Агенција која би обезбедувала и осигурувала квалитет. Таа агенција би била независна и би работела според ENQA, т.е. статусот на таа агенција би бил според стандардите на ENQA (European Association for Quality Assurance in Higher Education). По последната работна средба во МОН, беше истакнато дека посебен фокус со новиот закон се става на мерењето на квалитетот на високообразовните институции и на нивните студиски програми според стандардите за евалуација усвоени од европските институции за евалуација во високото образование. Останува да се види како ќе се реши овој сегмент, бидејќи е многу важен и значи вистинска промена во внатрешното органзирање.
Концептот на автономијата е доста значаен елемент во предлог законот. Потребата да биде прецизно формулирано и опфатено се’ што се подразбира под закон како академска слобода и права, автономија на организирање и управување, кадровска автономија, финансиска автономија со понуден конкретен модел за финансирање кој им нудеше поголема слобода во работење со сопствените средства на единците при УКИМ, но и на другите висообразовни установи (ВОУ).
„Исто така ни’ беше многу важно да ја потенцираме неповредливоста на академскиот простор и во сите делови/членови од нацрт-предлог на Законот автономијата беше појдовната точка при нудењето модели, решенија и систем на работење. На најинволвираните пленумци во овој процес, ни беше важно да се издејствува надворешна автономија, т.е. Владата преку министерствата да немаат толква контрола во одлуките на ВОУ, но истотака да издејствуваме и внатрешна автономија, т.е., да се избегне централизирање на моќта кај највисоките органи и тела како Ректор или Интеруниверзитетска конфереција во која ќе членуваат ректорите или кај новопонудените тела како Националниот Совет (во која пак ќе учествуваа ректорите според едната понудена алтернатива). Нашата идеја беше, и се’ уште е, да се дадат поголеми ингеренции на Сенатот при универзитетот (поимот ,,универзитет’’ не се однесува само на УКИМ) и на Наставно-научните совети“, додава Беќар.
Околу финансирањето на универзитетот и концептите за бесплатно образование, Беќар смета дека финансирањето треба да биде решено со прецизни чекори. Уште покомплициран е проблемот кога се земаат предвид лошата социјална и економска состојба на државава. Задолжувањата се зголемуваат и можноста за бесплатно високо образование или пониски партиципации останува само во доменот на политичката волја, која често е игнорирана поради приоритетот штедење и враќање долгови.
„Во нашиот нацрт-предлог за ЗВО предлагавме финансирање по глава на студент. Тоа не е некое револуционерно решение, било поставувано за разгледување и во минатото, но не е јасно зошто никогаш не било доразработено и прифатено од надлежните институции како МОН. Владава делува дека е бизнис-ориентирана, бар така делува во првите месеци од владеењето, но важно е да се каже дека како институција може да имате целосно финансирање од државата и пак да сте автономни во одлучувањето (има примери во светов), а кај нас имате и друг интересен феномен. Имаме приватни институции кои финансиски не зависат од државата, а се однесуваат полупослушнички кон властите, тврдејќи дека се борат за опстанок.“ смета Беќар.
Транспарентноста за тоа каде и како се трошат парите кои ги уплаќаат студентите останува како еден од императивите на финансиските состојби на Универзитетот и државата. Во насока на финансирањето на Универзитетите, инвестициите во научна дејност се многу мали, односно ретко и ги има. Нема инвестиции за лаборатории и опрема за вршење истражувања, не се набавуваат научни книги и списанија, исто така издавачката дејност ја нема.
„На пример какви можности имаат студентите по медицина или природните науки да вршат експерименти и истражувања кои се релевантни за тие дисциплини. Ние на Филолошкиот факулетет ,,Блаже Конески“ не сме нарачале книги веќе 10 години. Тоа се одразува на квалитетот на магистерските и докторските тези кои ги пишуваат студентите. И секогаш одговорот е ,,нема пари за нарачки на книги. Нема пари.“ Па сега изведете заклучок колку е неопходно да се јасни моделите на финансирање во високото образование, па и другите нивоа. Исто така, нема транспарентни извештаи каде одат одредени проценти (3%-5%) од средствата доделени за меѓународни проекти.
За ИКСА таксата пак воопшто да не почнувам (многу години наназад немало ни спортски, ни културни, ни информатички активности по кампусите). Генерално вознемирува фактот кога оние кои ќе дојдат на управувачки позиции во некоја државна институција си ја третират како приватна фирма (тоа се гледа од ситни бирократски, административни, институционални пречки низ кои се поминува при едно организирање конференција или учество во меѓународен проект). Академската заедница како да не е свесна за конститутивната празнина на автономијата и за обврската дека постојано мора да ја осигурува и брани автономијата и дека само така ќе го зајакне значењето и статусот на универзитетот. Мислечка заедница сме или не сме? Имаме ли став за местото и улогата на универзитетот во еден свет каде најважна работа е компетитивноста и пазарот на трудот?“ се прашува Беќар.
Делот во Законот за високо образование, посветен на студентите, го работат студентите, според првичниот договор со нив. Беќар потенцира дека голем дел од прашањата кои ги тангираат студентите се решаваат со Закон за студентски стандард, а не со Закон за високо образование. Што се однесува на ова второто, студентите работеа на студентското организирање коешто е своевиден приоритет за нив. Истата борба ја имаат и тие – реформирање на студентските парламенти, кои со тек на време станаа невладини организации кои централизираа моќ и не се занимаваа со суштинските студентски прашања. Во предложениот нацрт-текст од МОН беа оставени две алтернативи за студентското организирање кои концепциски беа спротивставени една на друга.
Болоњскиот систем има свои недостатоци, смета Беќар. Целиот систем е во блага парализа во однос на административното спроведување и тоа му додава некаква негативна карактеристика. Меѓутоа, ставањето акцент на поголемата мобилност, доживотното учење, усовршувањето на наставниот кадар, градењето на заеднички научен простор (European higher education area – EHEA), поттикнувањето на соработка меѓу универзитети и научни проекти, интернационализација и осовременување на наставните програми итн., овозможува едно освежување на претходниот образовен систем. Овој систем е важен во период на големи и општествено-економски предизвици, иако истите, за жал, нашата држава не може да ги следи со динамиката на западните држави. Со тоа, законот, не интервенира во Болоњската декларација.
„Универзотетот треба да служи и за тоа, но уште поважно унивезитетот е место каде на студените им се дава можност да чујат нешто друго од она што секојдевно го слушаат од политичарите и оние на власт. Им се даваат алатки да опстанат на пазарот на трудот но, им се дава и ум и аналитички вештини да постојано ги преиспитуваат состојбите во оптетсвото и да не ги земаат работоте здраво за готово. Барем јас така ја сфаќам улогата на Универзитетот. Искрено, ќе бидам пресреќна ако барем 30% од вкупниот број на студентите научат, низ образовните процеси, како да бидат пример за професионалност, храброст, доверба, отпор и добронамерност. Како е поставено нашево општество во моментов, повеќе се секирам на тема секуларност на државава и органзиирани религиозни поворки, отколку за нецелосно имплементирање на Болоњската Декларација,“ заклучува Беќар.
Во моментов, група професори од Професорскиот пленум коментираат и предлагаат решенија околу сите спорни членови и ставови од Законот предложен од страна на МОН. Се очекува да биде испратена ревидираната верзија од МОН, по што би се организирале јавни дебати. МОН, при формирање на работната група, ги покани јавните и приватните универзитети, синдикатите и Професорскиот и Студентскиот пленум да предложат претставници. Од редовите на Професорскиот пленум претставнците се м-р Маја Стефановиќ, која е воедно претсвник и од Независниот Академски Сндикат (НаКС), проф. д-р Влатко Коробар и проф. д-р Катерина Колозова, од Професоркиот пленум, а од Студентскиот пленум Теодора Столевска, Ѓорѓи Рајчиновски, Стефан Дојчиновски и Борјан Ефтимов, информираат од Министерството.
Сите наши забелешки за Фраскатиевиот прирачник, условите за избор во звања, обезбедување квалитет во високото образование, финансирањето и внатрешната организација на високообразовните установи се предадени во МОН и се разговара за нив. Се ветува академска, кадровска и финансиска автономија на универзитетите.
Беќар во таа насока, верува дека овој закон ќе надмине некои недостатоци од претходните закони, иако имам сомнежи дека борбата за децентрализација на моќта нема да оди лесно, имајќи на ум каде живееме, и не знам дали ќе има време за јавни дебати, кои се непоходни по финалниот текст, бидејќи од МОН очекуваат Законот да биде донесен напролет, а треба да помине и на владина и собраниска седница.
Остануваат надежите дека доставените забелешки и предлози од страна на ПП, СП и НАкС (Независниот Академски Синдикат) ќе бидат инкорпорирани во новата верзија на Законот која ќе произлезе од досегашниот процес.