„Ако сакате нешто да биде кажано, прашајте маж. Ако сакате нешто да биде направено, обратете се кај жена.“ – изјави Маргарет Тачер и за волја на вистината направи дури и премногу. Нејзините реформни политики предизвикале последици кои работничката класа ги чувствува и во денешницава, наследството на „железната дама“ го дефинира омразата кон неа која сеуште е исклучително присутна во Шкотска, влошените животни стандарди, девастираните индустриски региони, мултимилионскиот процент на невработеност (особено при катастрофалниот обид да се „справи“ со инфлацијата), даночните реформи кои негативно ги афектираа најсиромашните и најзагрозените, работничките протести против нејзиното функционирање кои биле виолентно задушени од страна на полицијата…
Одредени британски радикални феминистички кругови дури сметаат дека „жените треба да ја мразат Тачер на ниво на мизандрија како всушност да се работи за маж“, додека мене како Ром – социјалист ме вознемирува фактот што во повеќе наврати воочувам млади Ромки, гласноговорнички за човекови права да глорифицираат една бесрамна расистичко-сексистичка политичка фигура од минатото која впрочем за политички поени манипулирала со сензитивноста, фрагилноста на жените и стереотипите поврзани со нив. Меѓу останатото била антимигрантски настроена а стравувала и од мултикултурализмот – концепт кој нели, впрочем горенаведените се тренирани да го промовираат проследено со ориентални танци низ Европа. Евидентен и алармантен индикатор за игнорантноста е инспирацијата и угледувањето на „далечната им дада Марга“ која своевремено сметала дека „жените не се доволно компетентни за да извршуваат функции во нејзиниот кабинет или пак да бидат воопшто политички ангажирани.”
Младите ромки во „нивните“ би ги ословил „мејнстрим феминистички пишувања“ меѓу другото, континуирано дефинираат вид на тешкотии со кои се соочуваат едуцираните ромски жени како што се бариерите при вработување во државните институции во трулиов систем, но ретко се дискутираат елементарните потреби на останатите како суштински проблем или што би било најкоректно да им создадат услови на виктимизираните да ја експресионираат својата дисатисфакција наместо да симулираат елитни репортери…нездрава храна, нееднаков пристап до квалитетна едукација, несоодветна и реално незагарантирана медицинска грижа, ниски дневници и нехумана експлоатација на труд а и доколку се нотираат тоа е најчесто со самовиктимизирачки наратив, со тон на обиди за самоафирмација и самопрокламирано лидерство за да се изнудат реакции и сето тоа на товар на обичната жена-ромка чиј живот е загрозен. Наместо да се следат невладини рамки кои се фокусираат само на зголемување на привилегии, младите ромки мораат да почнат од основата, да создадат автентично, независно , народно движење кое ќе ги репрезентира и застапува сите ординарни жени-ромки а не фокусот да биде центриран само на оние чии барања се речиси „смешни“ и повеќето од потребите на истите веќе се презадоволени компарирано со реално засегнатите.
На ромките уште од најрана возраст им се налага да бидат покорни, да си ги воздржуваат мислите и да бидат внимателни пред „посилниот“ пол, најпрвин во сопственото семејство а подоцна аналогно и во рамките на бракот. Како резултат на оваа долговековна тенденција, дури и кога се возрасни стравот се манифестира преку непотребната почит која ја изразуваат дури и кон тотални странци без разлика дали се вулгарни или учтиви кон нив. Научени да не ја возвишуваат својата индивидуалност, да бидат „достојно облечени“ (женственоста да биде целосно покриена) за да бидат дел нели од „големата чесна општествена слика“ а всушност се предмет на сексуална објектификација несвесно.
За жал, кај нив се развива загрижувачки висока резистентност во однос на физичката и емоционалната болка која ја преживуваат како консеквенца од тоа што се воспитувани да го нормализираат насилствотото во најразлични форми со кое се соочуваат.
Жените да не си ја самодетерминираат судбината откажувајќи се од сопствената моќ затоа што можеби тие се токму оние на кои очајно чекале/чекаат за да ги променат нештата, залагајќи се за автентична, рамноправна партиципација во донесувањето клучни одлуки со загарантирано место на решавачката маса, макар да се работи дури и за столче на преклопување, а не нештата да се сведуваат на полова застапеност, процентуална позитивна дискриминација, степен на образование, општествена репутација или невладини лобирања базирани врз волонтерски стаж.
Ниедна заедница не може потполно да просперира се додека го лимитира потенцијалот на жената. Особено мора да се оттргнат религиозно-традиционалните превези и да се дезертира привикнатиот ментален склоп кој нерационално пропагира дека животот на жената му припаѓа на мажот. Што помалку се мисли на опресијата, толку повеќе толеранцијата расте, а потребната едукација за борба против истата сигурно не би ја приложил опресорот.
Жената ромка/жените воопшто единствено ќе се ослободат од општествените/системските стеги преку класната борба. Марксистичкиот феминизам, општо опсервирано се фокусира на рамноправноста на жените во работен однос при процесот на производството итн. Социјалистичкиот феминизам ја дискутира интеракцијата помеѓу патријархатот и капитализмот гледајќи на нив како две парцијални но взаемни структури кои мораат да се срушат како нешта кои жената ја угнетуваат и дома и на работното место.
Лицемерно е да се промовира еманципација на жената (без истата да биде свесна за ситуацијата во која е позиционирана) а позади објективот да се дејствува во насока кон одржување во живот на патријархалните „вредности“. Автентична еманципација жените Ромки (жените воопшто) ќе доживеат само преку промена на општествениот поредок кој ги деградира, но само со директен атак врз патријархијата, затоа што само деструкција на капитализмот во револуцијата на жените не е доволна, случај евидентен при имплементацијата на многубројни марксистички доктрини на Куба каде се очекуваше инстантна социјална инклузија на жените, но по неколку децении истрајна и посветена борба, жените уживаат автентична рамноправност.
Доколку промовирањето идеи за ерадикација на сексизмот, хомофобијата, патријархијата, расизмот, национализмот и капитализмот се криминогени, тогаш јас сум виновен по сите основи.
Таму кај има угнетување, потребен е отпор!
Местото на жената е во револтот!
Руфат Јашари