Либија се враќа на светска сцена после ударот против Гадафи во 2011.
Ова се случува додека се менува власта во Алжир, по изборите во декември 2019, иако улиците на Алжир, не се напуштени од протестантите по едногодишното протестирање. На иста линија на протести и промена на власта со внатрешниот воен удар е и ситуацијата во Судан.
Либија денес има две влади. Едната е во Тобрук и таа има поддршка од Обединети Арапски Емирати, Египет, Франција и Русија, а втората влада е во Триполи и таа влада е поддржана од Обединетите Нации, Англија и делумно од Европската Унија, Турција и Катар. САД „официјално“ е на страната на владата во Триполи, а „зад сцената“ тоа „официјално“ е дискутабилно.
* Население од 6,5 милиони луѓе коишто се концентрирани околу густонаселените Бенгази и Триполи. Триполи има над 1,1 милион луѓе, а во радиус од 150 километри околу Триполи, дополнително има уште 1 и пол милион луѓе. 90 посто од популацијата живее на линија на Средоземно Море во градовите: Тобрук, Бајда, Бенгази, Сирт, Мисрата, Триполи. Саба. Должината на линијата е околу 1.500 километри и со возење на точак може да се помине за еден месец, ако дневно се вози од 30 до 50 километри.
Италија не сака нови бегалци во Италија, но седи со столче во Триполи, но сака да си ги врати бизнис релациите како од времето на Берлускони-Гадафи и да влече нафта од блиску, што значи дека ќе ја смени страната ако е потребно, а тука е и Франција со свои интереси од времето на Саркози-Гадафи, итн.
Да не заборавиме на грешките на Гадафи, кога на власт во Италија и Франција беа Саркози и Берлускони. Имено, директно им ги финансираше изборните кампањи, преливајќи милиони во нивните џебови, а потоа со „закани“, бараше концесии како поддршка и враќање на средствата назад. Тоа беше „тригер“ за рушење на Гадафи, организирано од Саркози, со поддршка на Дејвид Камерон.
Два патнички срушени авиони во 1988, над Иран и над Шкотска.
Случајот #ИР655, 3 јули 1988. Над Персискиот Залив, во Ормутскиот Теснец, на 74 километри од аеродромот Бандер-Абас, Иран, беше срушен патнички авион со ракета лансирана од воен брод на САД, на 3 јули 1988. Неколку месеци подоцна во 1988, Хомеини прифати примирје во војната меѓу Ирак и Иран.
Крај на војната меѓу Ирак и Иран, неколку месеци по рушењето на #IR655, во август 1988. Симптомот на непријателството меѓу Иран и САД кулминира по убиството на Касам Сулејмани, имено, Трамп, твитна дека ќе бомбардира 52 културно-историски места, на што Претседателот на Исламската Република Иран, Рухани, му одговори дека, цитирам, „Тие што реферираат на бројот 52, исто така треба да се сетат на бројот 290“, до што стоеше и хаштагот на срушениот ирански авион 655.
Случајот Локерби, 21 декември 1988 година. Американскиот патнички авион „Пан Ам“ со претежно американски патници беше срушен до шкотското гратче Локерби, кога загинаа 270 луѓе во бомбашки напад од Либиецот Ал Меграхи. Во 2009, Меграхи беше ослободен од шкотските власти. Ал Меграхи беше единствениот осуден за терористичкиот напад во којшто загинаа и 11 цивили. [1]Да се вратиме на теренот на Либија денес. Попрецизно во периодот пост-Гадафи. Голем дел од средствата коишто Либија ги чуваше по странски банки како валути и акции, беа во банки во Италија, Франција, како на пример и денес е ситуацијата со Венецуела, коишто „лежат“ во Англија. Обично, такви средства се конфискуваат ако властите не постапат според „упатствата“.
Алжир и Египет не сакаат прелевање на радикални муслимански групи, како Муслимански браќа и салафисти, на своја територија. Помеѓу Алжир и Либија е Тунис. Арапската пролет „започна“ во Тунис во 2010, и во налетот една година потоа беше срушен Гадафи. Но, ситуацијата во Алжир, Судан и Либија е далеку поразлична од тогаш. На мапата на Блискиот Исток сега се и растресениот Либан, уништената Сирија и бездомната ирачка маса во сопствената држава, во Ирак, со барањето до САД да ги повлечат војските.
Но, кој е Хафтар?
Маршал Хафтар му помогна на Гадафи во 1969 да го сруши монархот на Кралството Либија. Иако не е во првата линија на таканаречените „слободни офицери“ коишто го направија превратот во 1969, сепак во тоа време е на страната на Гадафи. Како близок соработник на Гадафи во 1978 оди во Москва да студира воени студии како дел од воената соработка меѓу Гадафи и тогашниот СССР. Во 1983 се враќа во Триполи и е советник на Гадафи.
Историјата на војните меѓу Чад и Либија се влечат и пред 1969, но особено со Гадафи од 1978 до 1987. Либија поддржува бунтовнички групи на северот од Чад коишто сакаат да контролираат рудници со ураниум, а Франција ја поддржува владата во Чад при сите 4 интервенции на Либија, и тоа во 1978, во 1979, во 1980/81 како и во војната во 1983 до 1987.
Во 1987, во директни судири на југот од Либија на границата со Чад, Хафтар е фатен „жив“ и предаден на Американците, имено на Централната разузнавачка служба. По преговорите за „Хафтар“ во коишто Гадафи не е заинтересиран за размена или ослободување на Хафтар, Хафтар во Либија е третиран како „жртва“ во војната со Чад, а Генерал Хафтар ја менува страната и „бега“ за Америка. Таму е од крајот на осумдесетите и живее околу 25 години во Америка, а во 2011 се враќа во Либија, откако ѝ помага на коалицијата на Саркози, Камерон и Обама, за превратот во 2011 како лична одмазда кон Гадафи.
Ако деловите од Чад коишто се граничат со Либија се под контрола на Хафтар, тогаш интерес на Франција е да стои на линија на поддршка во целиот регион на Сахел. Но, ќе се вратиме на Сахел, во друг текст.
Помеѓу 2011 и 2014, Хафтар ги „растура“ сите лојалисти на Гадафи и гради коалиција во Тобрук со воени лица и шеици од Блискиот Исток, а од 2014 година работи со посилен интензитет за преземaње на власта во Либија. Директно е поддржан од Ел Сиси во Египет, а од Арапите директно соработува и со Обединетите Арапски Емирати во Абу Даби. Против таа двојна арапска коалиција е дуополот на Турција и Катар.Западните медиуми го нарекуваат Одметнат генерал или Командант. Се чини дека операцијата пост-Гадафи е планирана долго време. Хафтар е за воена диктатура по образец на традицијата на Блиски Исток, во Египет и Алжир, во линија се разбира со „просветлените“ социјалистички елементи од владеењето од време на Гадафи.
Обединетите Нации кон средината на 2019 година одржаа „мировна“ конференција на којашто не беше повикан Хафтар. Тоа беше своевидна можност за повлекувањето на воен потег со којшто Маршал Хафтар тргна на освојување на Триполи. Нема да дозволи да биде игнориран, затоа што до тогаш контролираше 90 посто од територијата на Либија, главно сите земји каде што се нафтените наоѓалишта и рутите до пристаништата. Го контролира и аеродромот во Триполи.
А кој ги контролира рутите за нафта и изворите за нафта, ја контролира Либија.
90 посто од територијата опфаќаат 75 посто од производството на нафта заедно со рутите до пристаништата на море. Тоа е контрола на скоро сите нафтени полиња и дневно производство на нафта од 1 милион барели како и директно влијание во ОПЕК. Во ОПЕК е и Саудиска Арабија, којашто го поддржува Хафтар, поради заедничките интереси за подигнување на цената на нафтата, нешто што на Американците не им одговара. Имено Трамп е фиксиран на идејата да ја нивелира цената на нафтата на светските берзи на 20 долари. А тоа е можно само преку удари како со Арапската пролет и комплетно девастирање на цели држави, Ирак и Либија, а за администрацијата на Трамп и за Трамп, да се дојде до фамозната цена на нафтата од 20 долар е можно преку агресија врз Иран или Венецуела, но не и со двете паралелно, затоа што тоа е сепак преголем залак, дури и за САД. Сепак, пробата со ударот во Венецуела со Гуаидо засега е неуспешна, но затоа тука е Иран.
Светското производство на нафта е околу 100 милиони барели дневно. Либија има капацитет да произведува 1 милион барели дневно, што е 1% од светското производство на нафта.
Сегашната влада во Триполи признаена од ОН, сепак, контролира дел од нафтените полиња или околу 300.000 барели дневно.
Врските на Хафтар со Русија?
Да, очигледни, историски, традиционални, нафтени. Но, да не заборавиме дека Хафтар исто така има и врски и со САД. Но, што може Хафтар да направи? Може ли да го прекине дневното производство на нафта во Либија и да ја подигне цената на нафтата на светските берзи?
НЕ така небитно е прашањето во која валута ќе се продава нафтата од Либија во време на евентуална идна власт на Хафтар, затоа што Гадафи направи грешка кога реши да го отфрли доларот во размената со светот. Тоа за Американците значи непријателство коешто завршува на брутален начин и со војна. Така заврши и Садам Хусеин.
Парите на либиската влада од Тобрук, „хафтаријците“, ги принта Русија; тоа кажува доста. Ги видовме јавно, Хафтар со министерот за војска на Русија, Шојгу, неколку пати во последните неколку години, како се договараат, како Хафтар да набави руски шубари за сахарското сонце.
Владата во Триполи е во директна врска со салафисти и племенски муслимански движења коишто Хафтар ги третира како радикален ислам. Југот на Либија, индиректно и истокот на Либија, имено, кон границата со Египет, е под контрола, на армијата на Хафтар.
Хафтар има опремена армија зад него, бројката е 100.000 војници, а ја создаде во последните неколку години, откога Русија го „дигна“ ембаргото за оружје, по договорот, во којшто, Хафтар дава гаранции, потребни на Русија, за стратешка соработка.
Во Либија во последните 8 години, сведочиме на Интернет, пазари на робови, контролирани од банди. Продажба на отворено како во времето на колонииите.Бегалците од цела Африка би ја одбрале Либија за да стигнат до Европа и преку Алжир и Мароко. Либија, според тоа е директна закана за Италија, Шпанија и Франција. Но и безбедносно перниче за Египет, затоа и Ел Сиси е директно заинтересиран за стабилност на соседот, директна соработка и влијание врз Хафтар.
Хафтар во 2019 година работеше на освојување на комплетната територија на Либија, со финале за Триполи. Либија очигледно не може да функционира и да биде владеена освен по моделот на Гадафи. Хафтар има 75 години, што значи, „идна“ власт од 5, можеби 10 години, ако успее да го скрши отпорот на Триполи.
Главен противник на Хафтар е премиерот на владата од Триполи, Фајез ал-Сераџем, кукла во рацете на западниот империјализам. Хафтар во минатото, но и денес игра со сите страни коишто се во негов интерес, па биле интерес и на земји со империјални амбиции коишто не се од „западот“.
За Eвропјаните, Либија е покомплициран проблем од Сирија, затоа што е на границата на Европа, бегалци пристигнуваат од Африка секој ден итн. Но, Либија отсекогаш била со блиски врски со Европа, за разлика од Сирија.
Британија смета дека ако Путин ја контролира Либија преку Хафтар, тогаш Русија ќе има база во Тобрук, а можеби и во Бенгази, можна е и контрола над либиските одлуки во ОПЕК, а Путин би имал и што да каже при рутирањето на бегалците коишто од Либија со бродови до Лампедуза и Сицилија се движат кон Европа. [6]
Ердоган пак смета дека ако падне либиската влада, што има поддршка од Обединети Нации, ќе зајакне исламистичкиот тероризам.
Една недела пред да се случи конференцијата во Берлин на 19 јануари 2020 година, имаше обид за помирување на страните, во Москва под диригентска палка на Путин и Лавров, на 14 јануари, но средбата заврши со непотпишување на договор за прекин на огнот, иако ал Сараџем го потпиша примирјето, а Хафтар тоа не го направи. Египет, на Ел Сиси, е причината што Хафтар не го потпиша договорот.
Европјаните, Франција, Италија, Германија се способни да стават на маса завојувани страни, но потоа ништо не се случува, затоа што немаат дополнителни механизми. Дали по берлиналето ќе има промени, останува да видиме.
Една битна клаузула од договорот е да се прекине со достава на оружје за страните, такаречи да се применува ембаргото, но тоа е мошне тешко затоа што има голем број страни заинтересирани за контрола на територијата на Либија. Па така, на конференцијата чиј домаќин беше Ангела Меркел, беа присутни и Кина, Велика Британија, Италија, Франција, Египет, Алжир, Обединетите Арапски Емирати, ОН, Европската Унија, Арапската Лига, но не беше присутна Грција. Помпео, Путин, Ердоган, Макрон, Џонсон, сите беа во Берлин.
Да сумирам. На едната страна, јавно експонирани се: Египет, Саудијска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Франција и Русија. Експонентни на втората страна се: Kатар и Tурција. Сите останати се на своја страна, тајно, полутајно, попрецизно на страната на интересот за контрола на нафтата и сметам дека им е небитно кој е власт. Но, теренот го контролира Хафтар. Битна е сепак и контролата над Триполи.
Дали Либија може да стане новата Сирија? Се чини, за раздробената Либија и за Хафтар, небитно е врзување на таква аналогија, затоа што Либија по рушењето на Гадафи од 2011 година е во хаос.
По Москва, превртливиот Хафтар одлета и до Атина, на средба со нашиот Мицкотакис. Сепак, Атина не беше поканета во Берлин, а причините за тоа се отворената политика на Атина да работи против интересите на Европа. Имено, Мицкотакис пред еден месец беше во официјална посета на Вашингтон, на средба со Трамп кадешто пред камери во Белата Куќа дискутираше за банални работи и некаквиси „пријателства“. САД под Трамп се меѓународно изолирани. Да нотирам, дека пред два месеца во Вашингтон беше и Бојко Борисов, кадешто договори купување „тенковска“ роба вредна над една милијарда евра, „челични птици“ за бугарското, но и за можно идно „чување“ на македонското небо.
И Грција има карти за игра на оваа маса, а тоа е потпишаниот меморандум за експлоатација и рутирање на гасовод во Средоземно Море, потпишан со Израел и Кипар, којшто ќе влече кон Италија, а кон проектот се приклучи и Макрон. Поддршка за експлоатација на нафтените и гасни богатства во Средоземно Море тука има и од Египет, на Ел Сиси, токму како контратежа на Турција којашто се чини е изолирана во оваа игра.
Имено, триаголник меѓу Бугарија, Грција и Израел е контратег на стремежите на Турција да се наметне регионално. Праќањето на војска од страна на Турција сепак е враќање во играта, во смисла на обид за контрола на териториите на Средоземно Море. Ердоган побара демаркација на морските зони со Грција и затоа ја поддржува владата на ал Сараџем, додека на спротивната страна е Хафтар којшто има поддршка од Грција.
Прашањето: А што мислат Либијците?
Мириса на Сирија, затоа што прекрасен број на држави имаат свои интереси во Либија, коишто се граничат со мегаломанија, забеганост и немаат смисла со стварноста којашто ја води планетата во безредие и варварство, интервенции со блесави војни на странски војски за територии и ресурси, убивање на здрав разум.
Aвтор: Кирил Минанов
Референци
[1] https://www.nzherald.co.nz/world/news/article.cfm?c_id=2&objectid=12301626 #ir655
[4] https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D1%81%D0%BA%D0%BE-%D0%B4%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D1%84%D1%80%D0%B0%D0%BD%D1%86%D1%83%D1%81%D0%BA%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%BD%D0%B5/ …операциите во Африка што се најавени да се изведат од властите наредната година не би можеле да се споредат со мировните мисии во Ирак, Авганистан, Либија и во Босна, бидејќи се од поинаков карактер.
[5] https://bit.ly/37rvqXL мапа на дијалекти на арапски јазик