СКОПЈЕ, 10. 07. 2017 – Откако претходното рочиште беше одложено поради неприсуство на обвинителството, утре продолжува судењето против Мариглен Демири од политичката партија Левица. Демири се терети за настаните кои се случија пред канцеларијата на претседателот на Република Македонија минатата година на 13 април.
„Целиов процес е само едно долго бескрајно малтретирање. Јас сум оптимист во однос на исходот, меѓутоа целиов овој судски лавиринт на лутање и исчекување од рочиште во рочиште, со надеж дека нема да се одложи и дека ќе се одржи, морам да кажам дека исцрпува. За другото не му ја мислам, очекувам ослободителна пресуда“ истакна Демири.
Денес беше закажано рочиштето за Здравко Савески во Кривичниот суд. Рочиштето на Савески се одложи на неодредено иако неговиот случај неколкупати беше одложуван.
„Денес требаше да се одржи ново рочиште од судскиот процес во врска со нашето учество во протестите од минатата година. Рочиштето не се одржа. Писмено бевме известени дека судскиот процес се одложува на неопределено. Со тоа сагата со нашиот судски процес продолжува и нема брзо да заврши. Веќе трае повеќе од една година. Во таа една година, ние бевме 50 дена во куќен притвор, ни беа одземени пасошите, моравме да се пријавуваме цела година секој втор понеделник во полиција и суд како „опасни“ лица. Фактички, сето тоа се сведува на казнување без судска одлука. Одземено ни е и основното право во разумен временски рок да ја докажеме нашата невиност. Речиси сигурно судскиот процес против нас нема да заврши во 2017. Дали ќе заврши и во 2018 веќе е отворено прашање. Тоа се резултатите од борбата против режимот. Некои, добија функции, а некои се принудени да се влечкаат до недоглед по судови“ додаде Савески за Гласник.
Неодамна, хулиганите кои влегоа во Собранието и кои животот на пратениците го доведоа до ризик, беа ослободени, односно им беше пресудена условна казна. Против Демири и Савески повеќе од една се води судски спор со многу одлагања. Според нив, ова не е последица само на неефикасноста на судството, туку и на политички мотиви кои на крај го инструментализираат судството како инстанца преку која репресираат неистомисленици.