Мамурно утро по прославата на независноста (Дали Р. Македонија е суверена и самостојна и зошто не може да биде)


Државен суверенитет

Развиените држави наспроти државите во развој и третиот свет ја имаат улогата на господарот со стапот во едната и морковот во другата рака. Морковот се меѓународните организации (воени сојузи кои нудат безбедност, економски сојузи кои нудат излегување од транзицијата и стагнацијата), странски директни инвестиции за заживување на домашната (од транзицијата) уништена економија, кредити за помирување на внатрешниот или надворешниот долг, меѓународни фондови, хуманитарни мисии. А стапот е губењето на последните остатоци на суверенитетот, „изборот“ на учество во воените мисии во трети држави на воените сојузи или изолација, ембарго и воена интервенција во случај на застранување од патот (на глобализација, дерегулација, структурални промени кон отворање на пазарите) од општоприфатените вредности (на демократијата, на либерализмот), а во случај на спротиставување (неследење на препораките и директивите, развивање сопствено нуклеарно оружје, изградба на општествено-економски систем различен од западниот модел). Значењето на суверенитетот е разводнето со големата нееднаквост меѓу државите и нивната ограничена власт врз сопствената територија и население.

Во современите меѓународни односи државите сè уште се повикуваат на суверенитетот, затоа што меѓународното право сè уште им го гарантира тој значаен атрибут. Сепак, во realpolitiк односите за слабите воено-економски држави, ригидната содржина на класичниот поим на суверенитетот е заменета со флексибилна дефиниција на суверенитетот како меѓународен феномен кој се огледа во умешноста на заштита на државните интереси во неминовниот процес на глобализацијата.

„Имено, заштитата на националните интереси, промовирањето благосостојба на народот и зачувувањето на културните вредности преку перманентно приспособување се комплементарни и произлегуваат од квалитетот на вклученоста во процесот на глобализација и нема ништо заедничко со концептот на изолационизам “. (Панде Лазаревски, Александар Шумковски, Глобализацијата и суверенитетот – помеѓу виртуелниот суверенитет и политичката реалност, Македонија во глобализацијата, УКИМ Економски факултет, Скопје 2004)


Република Македонија, според чл. 1 од Уставот, се декларира како самостојна, независна, суверена држава. Македонија се придружува на современата концепција за суверенитет кој не е можен во апсолутен облик. Таа, како членка на меѓународни организации (како ООН, Советот на Европа), е потписник на бројни декларации и конвенции, со што и самата е учесник во креирањето на светскиот поредок. Р. Македонија, со аспирациите за прием во Европската Унија, целосно го прифаќа (преку регулативи), или го хармонизира (преку директиви) своето законодавство. Како идна членка Р. Македонија, ќе изврши делегирање на сувереноста на наднационалните (супранационални и меѓувладини) тела на Европската унија и НАТО. Сепак, Р. Македонија ја дели судбината со другите слаби и воено-економски неразвиени држави, па за важни прашања на внатрешен план не може самостојно да одлучува.

На внатрешно-политички план Р. Македонија de facto е протекторат. Најважните одлуки не се носат во легалните и легитимни институции на власта.
На надворешно-политички план, Р. Македонија се однесува како вазал и безусловен поддржувач на НАТО. Македонија, без размислување го отстапи воздушниот простор на НАТО борбените авиони кои во 1999. година ја бомбардираа СР Југославија. Македонија со години учествуваше во окупацијата на Ирак и Авганистан.
На економски план Р. Македонија е послушен ученик на даскалите сместени во центрите на економската моќ и испраќани низ светот да ја шират старо-новата либерална „спасителна“ формула за сите земји, а особено за земјите во транзиција. Оттука Р. Македонија е доследен спроведувач на неолибералните политики и структурални и адаптирачки реформи.
Р. Македонија, уште во првите години од своето опстојување, го започна процесот на трансформација на општествениот и државен капитал во приватен, кој донесе масовна приватизација, ставање на сиот општествен капитал во домашни/странски приватни џебови, експлоатација на природните и националните богатства преку приватно пазарно управување. Се продолжува со рушење на заштитите на домашната економија со сè поголема дерегулација и намалување или укинување на увозните тарифи. Социјалната држава е обезличена со кратењето на социјалните трансфери, со воведувањето рамен данок и најниски даноци за корпоративните добивки, со континуирано намалување и кршење на работничките права, со расштимувањето на јавното здравство и образование (претворајќи го од јавно добро во приватен луксуз) – со што се надева дека ќе стане погодна и атрактивна колонија за странскиот капитал.

Народен суверенитет

Наследството на Француската буржоаска револуција и придобивките на американската Декларација за независност и француската Декларација за правата на човекот и граѓанинот, востановија народен суверентитет, т.е. суверентитет кој извира и му припаѓа на народот. Суверенитетот граѓаните го реализираат поретко непосредно – преку референдум и најчесто посредно – преку гласање на избори во рамките на претставничката демократија. Од нееднаквостите меѓу реалната моќ и последици од избирачкиот глас од една до друга држава може да се заклучи и нееднаквоста меѓу државите. На пример, гласот кој го дава македонскиот граѓанин нема ни приближно еднаква тежина како гласот кој го дава американскиот граѓанин. Македонскиот граѓанин со својот глас донесува на власт политичка номенклатура која во ваквиот глобален свет не може ни за своите државни, внатрешни (политички или економски) прашања самостојно да одлучува. Затоа американскиот граѓанин со својот глас донесува на власт политичка партија и претседател кои самостојно одлучуваат не само за внатрешните работи на САД, туку и за надворешната политика на САД која во голема мера го обликува светот и ја дава содржината на меѓународните политички и економски односи. Така, американските граѓани можат да бираат за воинствен и надворешно активен претседател или за помирољубив и поумерен претеседател, кога е во прашање демонстрирањето сила во надворешната политика. Сепак, овој избор американските граѓани го прават врз основа на предизборните ветувања. Реалноста подоцна е поинаква. Или, со други зборови, слична е за сите претседатели и од републиканските и од демократските редови.
Во предизборната парола на Барак Обама, (патем и априори добитник на Нобеловата награда за мир за 2009. година) „Change – We Can belive in“,  ветуваше промена на агресивниот курс во надворешната политика кој го имаше неговиот претходник Џорџ Буш. Сепак Обама ги започна воздушните напади врз Либија без дозвола од Сенатот. Според Уставот на САД, исклучиво Сенатот, а не Претседателот, ја има моќта „да објавува војна“. Во САД лоби групите и нивните финансирања на предизборните кампањи се нормална, дозволена пракса. Воените производители и нафтените корпорации очигледно се посилни и од најстариот и најцврстиот устав на светот.

„Со настанокот на крупната индустрија и светскиот пазар, буржоазијата си извојува исклучително политичко господарство во модерната претстваничка држава. Модерната државна власт е само одбор што управува со заедничките деловни работи на буржоаската класа.“
(Карл Маркс и Фридрих Енгелс во Манифестот на комунистичката партија).


Парламентарните избори на либералната демократија не даваат никакви гаранции дека волјата на граѓаните ќе биде пресликана во владејачката политика, особено не кога изборот се сведува на опортунистичките буржоаски партии на бипартизмот, што е најчест случај. Изминатите 26 години парламентарна демократија во Македонија се доволен, само по себе, доказ за валидноста на ова тврдење. Суверенитетот на народот, ни оддалеку не се исполнува со периодично гласање на секои 4 години на парламентарни, претседателски или локални избори. Дополнително, серија референдуми кои се организираа во Р. Македонија во изминатите години, законски, немаа задолжителен карактер за властите, туку само советодавен. Совет, кој доколку задира во интересите на владејачката класа (политичките елити и газдите), секако нема да биде земен предвид. Народниот суверенитет може да го спроведе и одбрани само политички образован народ. Граѓанската докторина на изедначување на угнетувачите со угнетените, експлоататорите со експлоатираните, сите сведувајќи ги под терминот “граѓанин“, е начин за заобиколување на народниот суверенитет. Граѓаните во парламентитите и локалните совети ги застапуваат граѓанските, буржоаски партии, кои како што пишуваше Маркс, се само одбор што управува со деловните работи на сопственичката класа. Имајќи ги во своја сопственост средствата за производство, буржоаската класа, под чија палка е армијата и полицијата, никогаш не ќе ја послуша волјата на работниците, кои го имаат само трудот за продавање.
Затоа, без претерување може да се заклучи дека, ако некогаш народниот суверенитет бил уважуван и спроведуван на овие простори, тоа сигурно е само во периодот 1945 – 1990. Суверена и самостојна Македонија беше само како социјалистичка република во рамките на федертивното устројство на Социјалистичка Југославија. А државен суверенитет Балканскиот полуостров ќе извјојува само со создавање Балканска федерација на еднакви социјалистички републики, сон и програма на прогресивните сили од Балканот од 19-тиот, 20-тиот и 21-иот век.
„Македонија слободна – слободно живее“ – паролата на владината прослава на 26-годишнината од „денот на независноста“ е само флоскула, невтемелена на реалноста, извадок од химната „Денес на Македонија се раѓа ново сонце на слободата“. Македонија, ќе биде слободна кога македонските работници слободно ќе живеат.
Во колонијата Македонија слободата е само мисловна именка. Самостојноста и сувереноста, ќе останат само мртво слово на уставната хартија. Реалното значење на овие уставни термини ќе се врати само во случајот кога работниците ќе ги повратат средствата за производство, фабриките и обработливото земјиште. И кога македонските работници, заедно со работниците на останатите балкански народи, заедно ќе го оттргнат повторно јаремот на колонијалната судбина на расцепканите балкански држави.

Автор: Зоран Василески

|2017-09-09T10:19:12+00:009 септември 2017|Актуелно, Економија, Некатегоризирано, Став|