Во насока на претстојниот втор круг од претседателските избори во Македонија сличностите и различностите на кандидатите можат да се гледаат во оваа насока:
И едната и другиот за НАТО.
И едната и другиот за ЕУ.
И едната и другиот за владеење на правото.
И едната и другиот универзитетски професори.
И едната и другиот гледаат напред, а не назад.
И едната и другиот доаѓаат од партии коишто помилуваа криминалци и направија (ре)приватизација, секогаш оправдувајќи го тоа со „повисоката општествена и национална цел“.
И едната и другиот се против уништување на природата и на планетата, а пред се’ на државава, а на нивните агенди не се наоѓаат овие проблеми (загадениот воздух на пример од кој умираат по околу 1500-2000 луѓе – рецимо). Силјановска од својата програма посветува половина страница (стр. 19 од програмата), а Пендаровски ниту една реченица за загадувањето на воздухот.
И позади едниот и позади другиот стојат илјадници евра кампања и милиони евра олигарси.
Јас демократијата ја разбирам како судир и дисхармонија, а не како едногласие и едноумие.
Најсилниот „адут“ на кандидите е „гласајте за мене затоа што јас сум подобар и поискрен човек од другиот“, а не „јас имам различна политичка визија од другиот“. Кој е подобар човек нема да откриеме никогаш, слоевите на човековата свест и поведение се многубројни и повеќестрани. Визиите, односно визијата којашто ја нудат и двајцата е веќе видена, изџвакана, голтната и веќе ја повраќаме сите.
Автор: Мариглен Демири