(Мајкл Леви) Зошто екосоцијализам?

Современата капиталистичка цивилизација е во криза. Неограничената акумулација на капитал, комодификацијата на сè, безмилосната експлоатација на трудот и природата и бруталната конкуренција ги поткопуваат основите на одржливата иднина, а со тоа се става под ризик самиот опстанок на човечкиот вид. Длабоката, системска закана со која се соочуваме бара длабока, системска промена: Голема транзиција.

Капиталистичкиот систем, раководен во својата суштина од максимизацијата на профитот, без оглед на социјалната и еколошката цена, е неспоив со праведната и одржлива иднина. Екосоцијализмот нуди радикална алтернатива што ја става социјалната и еколошката благосостојба на прво место. Свесен за врските меѓу експлоатацијата на трудот и експлоатацијата на животната средина, екосоцијализмот се спротивставува и на реформската „пазарна екологија“ и на „продуктивистичкиот социјализам“. Со прифаќањето на нов модел на робусно демократско планирање, општеството може да преземе контрола над средствата за производство и над сопствената судбина. Пократкото работно време и фокусот на автентичните потреби наместо на консумеризмот може да го олеснат издигнувањето на „бидувањето“ над „имањето“ и постигнувањето подлабока смисла на слобода за сите. Сепак, за да ја остварат оваа визија, екологистите и социјалистите треба да ја разберат својата заедничка борба и како таа е поврзана со поширокото „движење на движењата“ кое бара Голема транзиција.

Зошто екологистите треба да бидат социјалисти?

Капиталистичкиот систем, кој е машина за економски раст, придвижуван од фосилните горива уште од Индустриската револуција, е главниот виновник за климатските промени и пошироката еколошка криза на Земјата. Неговата ирационална логика на бесконечна експанзија и акумулација, расфрлање со ресурсите, претенциозна потрошувачка, планирано застарување и трагање по профит по секоја цена ја турка планетата до работ на провалијата.

Дали „зелениот капитализам“ – стратегијата за намалување на влијанието врз животната средина со задржување на доминантните економски институции – нуди решение? Неверојатноста на ваквото сценарио за реформа на политиките најсликовито се гледа во неуспехот на четврт-векот на меѓународни конференции ефикасно да ги адресира климатските промени.1 Политичките сили посветени на капиталистичката „пазарна економија“ што го создадоа проблемот не можат да бидат изворот на решението.

На пример, на Париската конференција за климата во 2015 година, многу земји решија да направат сериозни напори да го задржат просечното зголемување на температурата на глобално ниво под 2 Целзиусови степени (идеално, тие се согласија, под 1,5 Целзиусови степени). Соодветно на тоа, тие доброволно се пријавија да спроведат мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови. Сепак, не воспоставија механизми за спроведување ниту какви било последици поради непочитување, па оттука нема никаква гаранција дека некоја земја ќе го одржи својот збор. Дури и ако сите земји ги исполнат своите обврски, глобалната температура ќе се зголеми за 3 Целзиусови степени или повеќе, со голем ризик од ужасни, неповратни климатски промени.2

Во крајна линија, фаталниот недостаток на зелениот капитализам лежи во конфликтот помеѓу микро-рационалноста на капиталистичкиот пазар, со неговата кратковида пресметка на профитот и загубата, и макро-рационалноста на колективната акција за општото добро. Слепата логика на пазарот се спротивставува на брзата енергетска трансформација подалеку од зависноста од фосилни горива во суштинска противречност со еколошката рационалност. Поентата не е да се обвинат „лошите“ екоцидни капиталисти наспроти „добрите“ зелени капиталисти; вината лежи во системот вкоренет во немилосрдната конкуренција и трката за профит на краток рок што ја уништува рамнотежата на природата. Еколошкиот предизвик – да се изгради алтернативен систем што го одразува општото добро во својата институционална ДНК – станува нераскинливо поврзан со социјалистичкиот предизвик.

Тој предизвик бара изградба на она што Е.П. Томпсон го нарече „морална економија“, заснована врз непарични и вонекономски, социјално-еколошки принципи и управувана преку демократски процеси на одлучување.3 Далеку повеќе од инкременталната реформа, потребно е појавување на општествена и еколошка цивилизација што ќе донесе нова енергетска структура и постконсумеристички сет на вредности и начин на живот. Остварувањето на оваа визија нема да биде можно без јавно планирање и контрола над „средствата за производство“, над физичките средства што се користат за да се произведе економска вредност, како што се објекти, машини и инфраструктура.

Еколошката политика што функционира во рамките на доминантните институции и правила на „пазарната економија“ нема да успее да ги исполни големите еколошки предизвици што стојат пред нас. Екологистите кои не разбираат како „продуктивизмот“ произлегува од логиката на профитот, се предодредени да не успеат – или, уште полошо, да бидат апсорбирани од системот. Примерите ги има во изобилство. Недостатокот на кохерентно антикапиталистичко држење ги натера повеќето европски зелени партии – особено во Франција, Германија, Италија и Белгија – да станат „екореформистички“ партнери во социјал-либералното управување со капитализмот од страна на левоцентристичките влади.

Се разбира, природата не помина ништо подобро под „социјализмот“ во советски стил отколку во капитализмот. Всушност, тоа е една од причините зошто екосоцијализмот има многу поинаква програма и визија од таканаречениот „реалсоцијализам“ од минатото. Бидејќи корените на еколошкиот проблем се системски, екологизмот треба да го предизвика доминантниот капиталистички систем, а тоа значи сериозно да се сфати синтезата од 21-от век на екологијата и социјализмот – екосоцијализмот.

Зошто социјалистите треба да бидат екологисти?

Во прашање е доведен опстанокот на цивилизираното општество, а можеби и на голем дел од животот на планетата Земја. Социјалистичка теорија, или движење, што не ја интегрира екологијата како централен елемент од својата програма и стратегија е анахрона и ирелевантна.

Климатските промени претставуваат најопасен израз на планетарната еколошка криза, креирајќи предизвик без историски преседан. Доколку се дозволи глобалните температури да ги надминат прединдустриските нивоа за повеќе од 2 Целзиусови степени, научниците проектираат сè пострашни последици, како повишување на нивото на морето толку големо што ризикува да ги потопи повеќето приморски градови, од Дака во Бангладеш до Амстердам, Венеција или Њујорк. Значителното опустинување, нарушувањето на хидролошкиот циклус и земјоделското производство, позачестените и поекстремни временски прилики и загубата на видовите, сето тоа се готви. Веќе сме на 1 Целзиусов степен. На кое покачување на температурата – 5, 6 или 7 Целзиусови степени – ќе ја достигнеме критичната точка после која планетата не може да поддржува цивилизиран живот, па дури и станува ненаселива?

Особено загрижувачки е фактот што влијанијата од климатските промени се акумулираат со многу побрзо темпо отколку што предвидуваа климатските научници, кои – како и речиси сите научници – обично се многу претпазливи. Не успева да се исуши мастилото на извештаите на Меѓувладиниот панел за климатски промени, а зголемувањето на влијанијата врз климата да не го направи да изгледа премногу оптимистички. Додека порано акцентот беше на она што ќе се случи во далечната иднина, вниманието сѐ повеќе се свртува кон она со што се соочуваме сега и во престојните години.

Некои социјалисти ја признаваат потребата да се вклучи екологијата, но се спротивставуваат на изразот „екосоцијализам“, тврдејќи дека социјализмот веќе вклучува екологија, феминизам, антирасизам и други прогресивни фронтови. Сепак, терминот екосоцијализам, сугерирајќи одлучна промена во социјалистичките идеи, носи важно политичко значење. Прво, тоа го одразува новото разбирање на капитализмот како систем заснован не само на експлоатација, туку и на уништување – масовно уништување на условите за живот на планетата. Второ, екосоцијализмот го проширува значењето на социјалистичката трансформација потаму од промената на сопственоста до цивилизациска трансформација на производниот апарат, начините на потрошувачка и целиот начин на живот. Трето, новиот поим го подвлекува критичкиот став што го прифаќа за експериментите од 20-от век во името на социјализмот.

Социјализмот од 20-от век, во своите доминантни тенденции (социјалдемократија и комунизам од советски стил), во најдобар случај беше невнимателен во врска со влијанието на човекот врз животната средина, а, во најлош случај, беше целосно отфрлачки. Владите го прифатија и прилагодија западниот капиталистички производствен апарат во вратоломен обид за „развој“, притоа останувајќи во голема мера несвесни за длабоките негативни трошоци во облик на уништување на животната средина.

Советскиот Сојуз е совршен пример. Во првите години по Октомвриската револуција се развиваше една еколошка струја и всушност беа донесени низа мерки за заштита на животната средина. Но, од крајот на 1920-тите, со отпочнувањето на процесот на сталинистичка бирократизација, се наметна преку тоталитарни методи еколошки безобѕирен продуктивизам во индустријата и земјоделството, а екологистите беа маргинализирани или елиминирани. Несреќата во Чернобил од 1986 година претставува драматичен симбол за катастрофалните долгорочни последици.

Да се ​​замени оној што ја поседува сопственоста без да се промени тоа како се управува со таа сопственост претставува ќорсокак. Социјализмот мора да го стави демократското управување и реорганизацијата на производниот систем во средиштето на трансформацијата, заедно со цврстата посветеност на еколошкото одржливо управување. Не само социјализам или само екологија, туку екосоцијализам.

Екосоцијализмот и Големата транзиција

Борбата за зелен социјализам на долг рок бара борба за конкретни и итни реформи на краток рок. Без илузии околу изгледите за „чист капитализам“, движењето за длабоки промени мора да се обиде да ги намали ризиците по луѓето и планетата, истовремено купувајќи време за да изгради поддршка за посуштински исчекор. Особено, битката да се присилат оние што имаат моќ драстично да се намалат емисиите на стакленички гасови останува клучен фронт, заедно со локалните напори за преориентирање кон агроеколошки методи, кооперативна соларна енергија и управување со ресурсите од страна на заедниците.

Ваквите конкретни, неодложни борби се важни сами по себе, бидејќи делумните победи се од витално значење за борбата против деградацијата на животната средина и очајот во врска со иднината. На подолг рок, овие кампањи можат да помогнат да се подигне еколошката и социјалистичката свест и да се промовира активизмот одоздола. И свеста и самоорганизацијата се одлучувачки предуслови и темели за радикалното трансформирање на светскиот систем. Синтезата на илјадници локални и делумни напори во сеопфатно систематско глобално движење го создава патот кон Големата транзиција: ново општество и начин на живот.

Оваа визија ја поттикнува популарната идеја за „движење на движењата“, што произлезе од глобалното движење за правда и светските социјални форуми и што многу години ја поттикнуваше конвергенцијата на социјалните и еколошките движења во заедничка борба. Екосоцијализмот е само една струја во рамките на ова пошироко течение, без никаква претензија дека е „поважен“ или „пореволуционерен“ од другите. Таквото компетитивно тврдење контрапродуктивно создава поларизација кога она што е потребно е единство.

Наместо тоа, екосоцијализмот се стреми да придонесе кон заедничкиот етос прифатен од различните движења за Голема транзиција. Екосоцијализмот се гледа себеси како дел од интернационално движење: бидејќи глобалните еколошки, економски и социјални кризи не познаваат граници, борбата против системските сили што ги поттикнуваат овие кризи исто така мора да биде глобализирано. Многу значајни вкрстувања на патиштата се појавуваат помеѓу екосоцијализмот и другите движења, вклучително и напорите за поврзување на екофеминизмот и екосоцијализмот како конвергентни и комплементарни.4 Движењето за климатска правда ги здружува антирасизмот и екосоцијализмот во борбата против уништувањето на условите за живот на заедниците кои страдаат од дискриминација. Кај домородните движења, некои лидери се екосоцијалисти, додека, пак, многу екосоцијалисти го гледаат автохтониот начин на живот, втемелен врз солидарноста во заедницата и почитта кон мајката природа, како инспирација за екосоцијалистичката перспектива. Слично на тоа, екосоцијализмот наоѓа свој глас во рамките на селанското, синдикалното, движењето за одраст и другите движења.

Здружувачкото движење на движењата бара промена на системот, убедено дека е можен друг свет, од другата страна на комодификацијата, уништувањето на животната средина, експлоатацијата и угнетувањето. Моќта на вкопаните владејачки елити е непобијна, а силите на радикалната опозиција остануваат слаби. Но, тие растат и претставуваат наша надеж за запирање на катастрофалниот курс на капиталистичкиот „раст“. Екосоцијализмот придонесува со важна перспектива за да ги негува разбирањето и стратегијата за ова движење за Голема транзиција.

Валтер Бенјамин ги дефинираше револуциите не како локомотива на историјата, слично на Маркс, туку како посегање на човештвото по сопирачката за итни случаи пред возот да падне во провалијата. Никогаш претходно не ни било потребно повеќе како еден да посегнеме по тој лост и да поставиме нова траса до друга дестинација. Идејата и практиката на екосоцијализмот можат да помогнат во насочувањето на овој светски историски проект.

Забелешки
1 Видете овде за преглед на сценариото за реформа на политиките и за другите глобални сценарија.

2 United Nations Environment Programme, The Emissions Gap Report 2017 (Nairobi: UNEP, 2017). За преглед на овој извештај видете овде.

3 E. P. Thompson “The Moral Economy of the English Crowd in the Eighteenth Century,” Past & Present, no. 50 (February 1971): 76-136.

4 Видете Ariel Salleh’s Ecofeminism as Politics (New York: Zed Books, 1997), или неодамнешното издание на Capitalism, Nature and Socialism (29, no. 1: 2018) на тема “Ecofeminism against Capitalism,” со есеи од Terisa Turner, Ana Isla и други.

Превод: Здравко Савески

Целиот текст на статијата може да го прочитате на Марксистичката интернет архива на македонски јазик.