Кога станува збор за притисоци на активисти кои се борат против отворање на рудници, нелегално приватизирање на земјиште, изградба на хидроцентрали и слични активности, примерите од светот покажуваат дека, многу често не се бираат методи за нивно замолчување. Тие насекаде низ светот се кривично гонети на суд, но исто така и се убивани во рекорден број.
Како што објавивме неодамна, двесте еко активисти, ренџери за диви животни и домородни лидери кои се обидувале да си ја заштитат својата земја се убиени во 2016 година, што значи двојно повеќе од пред 5 години. Убиствата многу фрекфентно се извршени од полицијата, војската или платени убијци. Во Латинска Америка, минатата година 33 убиства се извршени од страна на полицијата и 10 од страна на војската, додека пак други играчи како приватно обезбедување и платени убијци биле одговорни за 52 смртни случаи.
Во 2016 година во Јужна Африка, активистот против рудниците Сикосифи Радебе беше убиен со 8 истрели пред својот син. Неговите соборци веруваат дека, австралиската компанија Minerals Commodites Limited (MCL) што го гради рудникот таму е нарачател на убиството. Компанијата MCL, во повеќе наврати негираше дека поттикнувала насилство кај нејзините поддржувачи и „во никој случај нема импликации дека имале било какво учество во инцидентот“.
Во друг случај, во Индија во 2015 година, брутално беше убиен независниот новинар Сандип Котари кој пишуваше против нелегалнoто вадење на песок и дрвосеча. Убијците прво намерно го удриле Котари со мотор на четри тркала додека тој се возел на точак. Потоа го киндапирале, тепале и на крај жив го запалиле. Трите лице кои биле осомничени за убиството, биле инволвирани во бизнисот со песок и веднаш го признале убиството.
Дел од убиствата низ светот воопшто не се покриени, затоа што организацијата Global Witness којa ја води оваа статистика покрива околу 40 земји. И не само тоа, често убиствата не само на еко активистите туку и во поширок домен, не се ни квалификуваат како такви, затоа што техниките за убивање се до тој степен усовршени и софистицирани што смртните случаи се водат како природна смрт.
Озлогласениот платен убиец на мафијата, Ричард „Ледениот човек“ Куклински, кој беше осуден за убиство на 5 лица, иако тој признава дека убил над стотици луѓе, се здобил со репутација дека убива брутално, употребувал огнено оружје, кршачи за мраз, самострели и дури стаорци, исто така затворал луѓе во пештери со стаорци, за да бидат изедени живи. Но, подоцна тој откри дека неговиот омилен метод за труење на жртвите бил со цијанид, брз и делотворен отров кој ги оневозможува клетките да користат кислород, и предизвикува респираторен или срцев колапс. Брзо, тивко и смртоносно.
Кај нас, официјално, нема евидентирани случаи на убиства или обид за убиство на еко активисти. Но, имало голем број на притисоци олицетворени во закани и судски спорови, што често поминуваат без поголема медиумска покриеност или долготрајност во нашата колективна меморија.
Во Велес, активистите групирани во организацијата Зелена Коалиција која се бореше за затворање на топилницата често се соочувале со секаков вид на притисоци. Во 2008 година, во изјава за движењето за социјална правда Ленка, екологистот Игор Смилев откри дека, вербалните закани понекогаш се материјализирале сериозно.
„Мене ми ја запалија вратата од станот во центарот на Велес среде бел ден, а подоцна ни’ ги каменуваа заедничките канцеларии. Сепак, пред 3 години велешкиот суд осуди условно едно лице кое мене и на колегите ни’ се закануваше по живот преку интернет“, кажа Смилев.
Во 2012 година, Игор Смилев повторно e гонет за четири кривични дела од страна на Тони Димитриевски, управител на Метрудхем, кој ја поседуваше топилницата во Велес. Димитриевски поднесе приватна кривична тужба против Смилев, поради изјавата „Ова е почитуваниот господин, чичко Тони, ова е човекот којшто ќе не’ труе во следните 30 години, сегашните деца и сите оние кои ќе ја здогледаат светлината на денот“. Димитриевски се чувствувал повреден поради клевета, навреда, згрозување на безбедноста и неовластено снимање и фотографирање, и поради тоа барал 20 000 евра оштета од Смилев и казна затвор. Подоцна Димитриевски ја повлече тужбата со објаснување дека тоа што го зборувал Смилев јавно, не било насочено кон личноста на директорот на велешката Топилница. И покрај сите обиди за замолчување на активистите, тие успеаја да се изборат против рестартирањето на велешка топилница.
Во Охрид во 2015 година, во селото Долно Лакочерај, дивокрадци на дрва нападнале шумар вработен во јавното претпријатие „Македонски Шуми“ нанесувајќи му повеќе удари со раце и нозе по целото тело, по што со нивно возило избегале кон излезот на селото. Тие потоа при бегството, се обиделе со моторна пила да повредат шумскиот полицаец што сакал да ги застане.
Во Битола во 2015 година, имаше низа на протести против аерозагадувањето, кое достигнуваше некогаш и над 20 пати над дозволената количина. Еден од најгласните фактори против градоначалникот Владимир Талевски, кој беше обележан како човек кој не сака или не знае да се справи со загадувањето во Битола, беше организацијата „За нас се работи“. Тие, од страна на Талевски, како резултат на добиен проект од страна на фондацијата Отворено општество беа оцрнувани како „платеници кои се продале како Јуда Искариот“.
Главниот град на РМ се соочува со друг вид на еко проблеми. Во Скопје, поради проектот „Скопје 2014“ никнаа голем број на зелени иницијативи за заштита на парковите и општо за менување на описот на градот. Во септември 2013 година, граѓанската иницијатива „Паркобрани“ организираa дежурства деноноќно во име на одбрана на паркот кај „Бристол“. Утрото, на 12 септември, 11 членови на „Паркобрани“ беа приведени во полиција, па пуштени по 5 часа. Тие заработиле прекршочни пријави за нарушување на јавната чистота.
Последната вест во Македонија околу притисок на еко активисти пристигна од Валандово, кога двајца од активистите на граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ беа повикани на информативен разговор во полиција, по пријава од обезбедувањето на рударскиот комплекс Казнадол, за наводно навлегување на приватен имот. Повикуањето во полиција на информативен разговор е еден од најчестите притисоци што се користи во Македонија, но активистите од Валандово, овој повик не ги поколеба ни малку, затоа што тие веднаш потоа го организараа најмасовниот протест против рудниците во овој регион.