СКОПЈЕ, 24.08.2017 – На денешната прес конференција, политичката партија Левица информираше за финансирањето на политичките партии од буџетот на државата и нетранспарентноста околу истата постапка. Прес конференцијата се одржа пред Министерството за правда, за коешто од Левица тврдат дека, го продолжува нетранспарентниот однос на претходната власт.
„Новата влада тврдеше дека е транспарентна, а фактички продолжува со практиката на нетранспарентност на претходната влада. Министерството за правда, во состав на новата влада, пред еден и пол месец им префрли парични средства на политичките партии, сума која и не е така мала. Според законот, таа сума изнесува 0,06 % од приходите на буџетот, но кога ќе се префрли во реална бројка таа сума не е така мала и изнесува 1,7 милиони евра. Овие пари се распределуваат на неколку партии, со што фактички значи дека некои поголеми партии во Македонија, земаат по неколку стотици илјади евра народни пари секоја година. Оваа информација, која треба да ја знаат граѓаните на Република Македонија, не треба да се крие и кришум да им се префрлаат овие парични средства на политичките партии“ истакна Здравко Савески, член на Президиумот на Левица.
Од партијата сметаат дека, нетранспарентноста не се однесува само на финансиските трансфери, туку и во однос на почитувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Според Левица, Министерството за правда одбило да одговори на барањето на партијата, да достави информација од јавен карактер за тоа колку парични средства добива секоја од политичките партии по основ на законот за финансирање на политичките партии.
„Исто така, важно е да се каже дека Левица поднесе барање за информација од јавен карактер пред еден месец во Министерството за правда и министерството одбра да не го почитува законскиот рок да достави одговор до Левица во врска со ова. Многу проблематично е за една земја, кога нејзиното Министерство за правда, одбива да ги почитува законите на дадената држава. Тоа е исто така проблематична работа која треба новото министерство со новата влада да одговорат зошто имаат таков нетранспарентен однос и таков игнорантски однос кон законите на Република Македонија“, додаде Савески.
За Левица, доставување на барање за информација од јавен катактер во врска со финансирањето на политичките партии претставува дел од борбата на оваа партија за транспарентност и одговорност во трошењето на народните пари.
Авторка: Сенада Ибраимова