СКОПЈЕ, 06.11.2017 – По повод најавата за зголемување на акцизата за нафтата за 3,5 денари, од партијата Левица реагираа со писмено соопштение до јавноста, во кое нагласуваат дека, оваа мерка е погрешна, како во однос на економијата, така и во однос на заштитата на животната средина. „Враќањето на евтината тарифа за струја и укинувањето на радиодифузната такса беа само чекор за предизборен маркетинг на СДСМ, кој отвори дупка во буџетот на владата. Сега со покачување на акцизата за нафта и со новиот тарифник за вода од страна на регулаторната комисија се компензира намалувањето на буџетот на сметка на граѓаните“, сметаат од Левица
Според Левица, тврдењата на владата дека, покачувањето на цената на дизелот, ќе го намали загадувањето се несериозни. Тие сметаат дека, покачувањето на дизелот најмногу ќе ги погоди земјоделците, чиишто машини за обработка на земја се потрошувачи на нафта.
„Владата не треба да задира во џебот на работниците и осиромашените граѓани, туку буџетот да го полни од џебот на бизнис елитите, кои за разлика од нив, можат тоа да си го дозволат. За жал, не можеме да очекуваме влада во којашто партиципираат бизнисмени и милионери да застане на страна на интересот на работникот“, се вели во соопштението.
Тие потенцираат дека оваа владина мерка е регресивна, а не прогресивна, бидејќи како што велат, процентуално повеќе ќе го погоди домашниот буџет и посиромашните граѓани, а не богатите.
„Сумата на зголемените средства што ќе ги плаќа сиромашниот граѓанин нема да е пропорционално помала од таа што ќе ја плаќаат побогатите во однос на примањата/имотот“, нагласуваат од Левица.
Тие исто така обвинуваат дека, мерката на коалициската влада СДСМ – ДУИ и другите коалициони партии е во директна спротивставеност со ветеното, во однос на економско – прогресивните мерки.
Лазаревски: „Тотално погрешно време е да се инсистира на штедење и буџетска консолидација“
Со реакција и критика за буџетот за 2018 година на својот фејсбук профил се јави и Горан Лазаревски, доктор по економски науки од универзитетот Колумбија. Според него, буџетот за 2018 година е донесен по инерција на претходната власт, а ова најавува дека, СДСМ има намера да се врати на својата политика на штедење и фискална „одговорност“, поради која ја загуби власта во 2006 година.
Лазаревски смета дека, зголемувањето на даноците, кое патем е последица на „постепената фискална консолидација“, за којашто се зборува на сајтот за министерството за финансии, започна преку зголемувањето на акцизата на дизелот, што пак според него, ќе повлече и зголемување на цените на ред други основни производи и ќе ги погоди пред се’ најсиромашните слоеви.
„Зошто тоа се прави преку една во основа регрсивна даночна мерка, а не преку прогресивен данок? Од друга страна, најнепродуктивниот трошок – платите за државната администрација по партиски и етнички клуч, не само што нема да се крати, туку проектирано е дури и да порасне. Ваквото решение е до некаде резултат на тоа што постои погрешно верувањ во министерството за финансии дека, нашата администрација воопшто не е голема, игнорирајќи го фактот дека, официјалните бројки не го доловуваат нејзиниот реален обем, бидејќи знаителен број од вработените во администрација се со договор на дело“, пишува Лазаревски.
Тој исто така укажува на фактот дека, продуктивните трошоци кои овозможуваат економски раст, не само што се намалиле за 8% во однос на 2017 година, туку е изменета и нивната структура, односно сега поголемиот дел од нив ги сочинуваат субвенции за земјоделци и НВО, кои пак пораснале за фрапантни +150% во однос на 2017 година.
„Ова не може баш да се смета за инвестициска мерка, туку е повеќе трансфер кон специјални интерес – групи, од кои власта црпи политичка поддршка. Доколку не ги рачунаме субвенциите како капитални инвестиции, тогаш излегува дека капиталните инвестиции се намални за дури 30% во однос на 2017“, потенцира Лазаревски.
Според него, во ситуација кога во последните 3 години има дефлација, или екстремно ниска инфлација од 1% (2017) и невработеност од 22%, тотално погрешно време е да се инсистира на штедење и буџетска консолидација.
„Наместо да се рационализира администрацијата и со агресивни капитални вложувања дефицитно трошење на се стимулира економијата (имаме проекти од непроценлива геостратешка и економска вредност како пругата со Бугарија на пример, кои со децении седат нечепнати бидејќи мислиме дека ЕУ треба да ни’ ги финансира), ние го правиме токму обратното – под притисок на ММФ и кредиторите ќе штедиме преку зголемени даноци и намалени капитални инвестиции за 30%, додека сите пари ќе ни’ одат за хранење на туморот од државна администрација, бидејќи сме се обврзале да не ги отпуштаме „туѓите“ партиски полтрони, а да ги вработиме „нашите“’, вели Лазаревски.