Води не, пастиру наш! Во врвот на својата блескава новинарска кариера Слободан Томиќ го склопи овој легендарен метоним за ликот и делото на Никола Груевски, истовремено означувајќи ја и кулминацијата на медиумското лудило со кое автократскиот систем секојдневно, одново и одново ја обезбедуваше својата доминација. Слободоумните граѓани во ова патетично улизување на водителот на “Гласот на народот” најдоа причина за малку тролање, доволно за барем краток предах од агонијата на груевизмот.
Но сите оние кои се потсмеваа на формата, а не на суштината на Томиќевиот изблик на восхит, се во илузија околу нивната слободоумност. Неколку години подоцна, режимот го нема, но култот на лидерот продолжува да опстојува, макар и во поинаков, пософистициран облик. Како поинаку би можела да се протолкува колективната заслепеност од светата евроатлантска мисија на Зоран Заев, манифестирана преку безрезервна поддршка за секој чекор на месијанскиот премиер, со кој тој го води својот народ низ балканската пустина кон благодетите на Западот, со брзина на хрчак на тркало?
Противничкиот табор пак, со веќе длабоко интернализиран инстинкт за бруталната персонализација на политиката од претходната власт, исто така будно го следи секој чекор на Заев, хранејќи се со омразата кон неговите лаги и гафови. Во меѓувреме, дебатата кај двата табора се сведува на тоа дали Христијан Мицковски е правиот човек да биде на чело на ВМРО-ДПМНЕ и достоен противник на Заев, небаре се работи за двајца боксери кои ги вкрстуваат ракавиците во рингот. Проблемот со ваквото резонирање не е народот, туку самата идеја за лидерство, наметната одозгора.
Кога Мицко ќе каже “јас сум подготвен да бидам премиер”, со тоа кажува “јас сум најпаметен и затоа најдобро за вас глупите е да ме следите”. Кога Заев зборува за камшикот од Брисел, го пренесува дискурсот на неговиот ривал на уште повисоко ниво: “јас сум глуп, вие сте уште поглупи, ама Могерини е паметна и ми шепоти на увце, затоа следете ме мене”. Изјавата на Стево Пендаровски за стоката често е вадена од контекст, но е плод на прочуената елитистичка логика на новиот претседател на државата. За Али Ахмети и не е потребен пример, со оглед на тоа што повеќе наликува на шеф на картел отколку субјект на демократски процедури, како што би требало да биде секој учесник во политиката.
Едноставно, во оваа држава се чини не може да се биде политичар без султански менталитет и патолошка амбиција. Султан лидеризмот, како најразработен систем на концентрација на партиската власт во Македонија, во изминативе години се обиде да го заобиколи единствено Левица, преку поставувањето на повеќечлен президиум. Иако добронамерноста на ваквиот југословенски модел на поделба (и контрола) на моќта не може да се негира, неговата кусогледост е фрапантна: ваквата структура создава совршен амбиент за внатрепартиска борба за превласт, што на крајот и се оствари, на огромна штета на потенцијалот на Левица.
Оттука, проблемот не е ниту организацијата на лидерството. Проблемот е концептот на лидеризам, сам по себе. Желбата да се биде лидер е еготрип кој го брише сеќавањето за првобитната цел на влегувањето во политика – артикулација на волјата на гласачите и општествена одговорност преку носење на политики за кои се има мандат од народот. Кога политичарот излегува од рамките на онаа програма со чија помош е дојден на позиција, и почнува да ја прилагодува својата реторика и активност на сопственото преживување во корумпираниот “политика је курва” систем, тогаш тој од претставник на народот се претвора во “лидер” кој манипулира со довербата на гласачите и ја инструментализира во модерната игра на тронови.
Основачот на италијанското “Движење Пет Sвезди”, комичарот Бепе Грило, го смета лидеризмот за социјална болест. Во општество во кое секој граѓанин има слободен пристап до информации, професионалниот политичар нема апсолутно никакви специјални вештини кои го прават покомпетентен, тврди Грило. Конструкцијата на лидери е погубна за развојот на политичка свест и за граѓанското учество во политиката, таа е перверзија на идејата за човекот како зоон политикон, затоа што од рамноправен носач на одлуки го претвора во роб. Отфрлувајќи ја ваквата практика, “Чинкве Стеле” за само неколку години стана носител на демократијата во Италија и растурач на забавата на естаблишментот.
Македонија е во слична состојба како и Италија пред Грило. Тоа е состојба во која веќе три децении “лидерите” успешно ги убедуваат робовите дека се слободоумни. Поради ваквата поставеност на односите, не постои вистинска, директна партиципација во политиката, надвор од бескорисната катарза на социјалните мрежи и нарачаните фарси од “вокс поп” анкети на телевизија. Единствениот исклучок е најсветлиот момент во историјата на граѓанските движења кај нас: Шарената револуција. Воедно, тоа е и најдобриот пример за опасностите на лидеризмот. Се додека Шарената револуција немаше лидер, само истакнати експоненти, таа беше успешна. Во моментот кога Павле Богоевски падна под искушението да стане лидер, и со тоа си обезбеди можност убаво да се спакува (кхм) во парламентот, Шарената револуција ги изгуби својот шарм, автентичност и кредибилитет.
Затоа решението е јасно. Пастири не им се потребни на граѓаните, затоа што тие не се овци. На граѓаните им е потребен канал преку кој ќе можат да го изразат своето мислење, надвор од какофонијата на социјалните мрежи и од диригираната агенда на мејнстрим медиумите. За да го доградат тоа мислење, потребна им е двонасочна комуникација со остварени луѓе кои немаат амбиција да водат поради лични комплекси или некакви лукративни мотиви, туку само да служат. Потребни им се модератори онлајн и координатори на терен кои ќе ги поврзат нивните барања и ќе ги кристализираат во програма со потекло одоздола, не по нарачка на Брисел, олигарсите, етничките поглавари и слично. Потребни им се “антиполитичари”. Сопствени лидери можат, и требаат да бидат сите. Најпосле, гласот и на “лидерите”, и на сите останати, има иста вредност.
Автор: Иво Босилков