Во знак на сеќавање на последниот пробој на затворениците во Јасеновац, на 22 Април, 1945 година, по што логорот беше уништен од усташите, а усташкиот режим симнат од власт, секоја година се организира комеморацијата на 22 Април. Така и оваа година во време на пандемија.
Логорот Јасеновац бил најголем концентрационен логор на смртта во Независна Држава Хрватска (NDH) на просторите на окупирана Југославија за време на Втората светска војна. НДХ била фашистичка, квинслиншка и марионетска држава којашто со помош на Хитлерова Германија постоела под усташки режим од 1941 до 1945 година.
Логорот Јасеновац е создаден во август, 1941 година, во околината на истоименото гратче, недалеку од Загреб. Хрватската државна администрација во тоа време го нарекува „Работен логор Јасеновац“, а во фабриката на смртта биле ликвидирани Хрвати, Роми, Евреи, Срби, од сите возрасти, полови и старосна доба, од сите социјални и образовни профили, како и комунисти, партизани и поддржувачи на Хрватите, Ромите, Евреите, Србите.
Логорот Јасеновац бил првиот логорски комплекс од пет логори којшто бил граден систематски на територијата на Независната Држава Хрватска – НДХ и единствен којшто функционирал непрекинато до крајот на неговото физичко постоење, затоа што мемориите не можат да се избришат. Тој бил најголем по просторот што го зафаќал и по бројот на логораши коишто егзистирале во него и по бројот на жртви коишто во него страдале. Во логорот биле упатувани, не само мажи, туку и жени и деца.
Системот на логори Јасеновац бил злогласен по варварските методи на усташите и големиот број жртви. Од летото 1941 година, до пролетта 1945, смртта добивала секакви облици. Затворениците и сите коишто завршувале во Јасеновац биле спроведувани во колеж со посебно обликувани ножеви, секири, ками, чекани, биле убивани со бесење по дрва и бандери, биле живи горени во печки, варени во казани, удавени во реката Сава, стрелани.
Јасеновац често е нарекуван и „Аушвиц на Балканот“. Бројот на идентификувани и документирани жртви е 83.145, иако бројката е повеќе од 100.000 убиени луѓе.
Превод: Кирил Минанов
Извори:
https://bit.ly/2KCXg9r balkaninsight
https://bit.ly/3cM7EI7 balkaninsight
https://prizma.mk/hrvatska-ne-smee-da-gi-minimizira-uzhasite-vo-jasenovats/ prizma